Во просториите на градинката „Детска радост“ во Скопје се одржа стручна обука „Детето и ликовното воспитание“
- Ликовните активности придонесуваат за развој на фината моторика, мислењето, вниманието, самодовербата и комуникацијата, но и овозможуваат ослободување на чувствата и намалување на внатрешната напнатост кај детето, велат стручњаците
Во насока на унапредување на воспитно-образовната практика и поддршката на целокупниот детски развој, деновиве во детската градинка „Детска радост“, во скопската општина Гази Баба, се одржа стручна обука наменета за воспитувачи, стручни работници и соработници, на темата „Детето и ликовното воспитание“, реализирана од психологот Билјана Лотеска и педагогот Маринела Бошева.
Обуката беше посветена на значењето на ликовното воспитание во раното детство како простор што ги обединува креативното изразување, емоционалниот развој и социјалното учење. Како што беше истакнато, ликовните активности придонесуваат за развој на фината моторика, мислењето, вниманието, самодовербата и комуникацијата, но и овозможуваат ослободување на чувствата и намалување на внатрешната напнатост кај детето.
Не постои „добар“ или „лош“ цртеж!
Од психолошки аспект, детскиот цртеж беше претставен како значаен невербален канал преку кој детето ги изразува своите емоции, доживувања и односи со околината, особено во период кога јазичните способности сè уште се во развој. Цртањето има и саморегулативна функција – му помага на детето да ги „извлече“ емоциите, да се смири и постепено да научи да ги препознава и именува сопствените чувства.
Педагошката димензија на обуката беше насочена кон улогата на воспитувачот во создавање безбедна и поттикнувачка средина за изразување. Беше нагласено дека процесот на цртање е поважен од конечниот резултат, дека не постои „добар“ или „лош“ цртеж и дека промените во детските цртежи низ времето даваат поважни информации од поединечниот производ.
Од педагошки аспект, како што нагласи педагогот Маринела Бошева, ликовното изразување претставува природен пат кон учење, истражување и градење самодоверба кај детето.
– Кога на детето му се овозможува слободно да создава без споредување и корекција, се развиваат неговата креативност, истрајност и чувство на лична вредност. Ликовното воспитание не е само дел од наставната програма туку и жива воспитна средина во која детето учи да мисли, чувствува и комуницира со светот околу себе – посочи Бошева.
Истовремено беше нагласено дека поврзувањето на педагошките пристапи со психолошката чувствителност претставува темел за современа грижа за детскиот развој. Кога возрасниот внимателно го следи процесот на создавање, го слуша детето без процена и ја препознава пораката што се крие зад линијата или бојата, се создава средина во која детето не само што учи туку и емоционално се развива. Токму во таквата средина ликовното воспитание станува мост меѓу играта, учењето и менталното здравје, тивка, но моќна поддршка за растење стабилна, самоуверена и креативна личност.
Детскиот цртеж да се прифати како личен израз
Особено внимание беше посветено на практичните насоки за работа со деца: набљудување на процесот на цртање, почитување на значењето што детето му го дава на сопствениот цртеж, избегнување споредување и оценување, како и користење на ликовното изразување како почеток на разговор и препознавање на потребата од дополнителна поддршка.
– Кога детето црта, тоа не создава само слика, создава простор во кој може да се почувствува безбедно, разбрано и прифатено. Нашата улога како возрасни не е да го проценуваме резултатот, туку внимателно да го следиме процесот и да ја препознаеме пораката што детето ја испраќа преку бојата, линијата и формата. Токму затоа верувам дека ликовното воспитание претставува една од најсуптилните, но и најмоќни поддршки за менталното здравје и емоционалниот развој во раното детство – истакна психологот Билјана Лотеска.
Во текот на обуката беше потенцирана и важноста од препознавање на индивидуалното темпо на развој кај секое дете. Ликовното изразување не следи однапред зададени модели, туку го отсликува уникатниот начин на кој детето го доживува светот. Токму затоа, прифаќањето на детскиот цртеж како личен израз, а не како естетски производ, претставува суштински чекор кон градење самодоверба, сигурност и чувство на вредност кај најмалите. Во таа насока, воспитно-образовната практика се насочува кон поддршка, охрабрување и создавање простор во кој детето може слободно да истражува, создава и учи преку сопственото искуство.
– Ликовното воспитание не е дополнителна активност, туку суштинска поддршка за менталното здравје и емоционалната благосостојба на детето. Кога му даваме простор на детето да создава, му даваме простор да расте – изјави Билјана Лотеска.
Воспитувачите, стручните работници и соработници што ја следеа обуката, ја оценија како исклучително корисна и применлива во секојдневната работа, нагласувајќи ја потребата од вакви стручни средби што ги поврзуваат педагошките пристапи со психолошката поддршка на детскиот развој.
Со оваа активност уште еднаш се потврдува значењето на континуираното стручно усовршување и создавањето средина во која детето може слободно да се изразува, да се чувствува прифатено и да го гради сопствениот идентитет преку игра и креативност.
Ф.Д.
Владо црта сонце
Владо црта сонце,
небо што ни злати,
сака поздрав убав,
секаде да прати.
Владо црта птица,
сонце да ја гали
песна да ни дари,
в срце сјај да пали.
Владо сака сонце,
птица мила песна
сака сите да се среќни.
Владо црта цвеќе
сонце да го грее,
роса да го пои
сѐ да му пее!
Автор: Перо Миленкоски





































