Кога ќе пораснам сакам да станам колумнист како Фрчковски. Сеедно што знам дека никогаш нема да можам да ја достигнам неговата интригантна генијалност, оти за такво нешто, цитирам, „потребна е хтонска длабочина и дионизиска природа на мрак, влажност и распаѓање“. Тука запирам со цитирање. Факинг се навлажнив како Емили Дикинсон на Томас Хигинсон. Три прста се отворив како малолетна куртизана што дошла во замокот Лакост за да ја открие филозофијата на будоарот, среде 120 дена Содома, во прегратките на Маркиз де Сад, Дориан Греј и Саломија, додека врз неа спроведуваат манипулација на волјата преку сексуална патологија.
Така вознемирен од генијалноста на колумнистот интригант, веднаш се „нацртав“ пред прозорец. Знам дека е чудно, но тоа што го гледам низ прозорското стакло, секогаш влијаело на мојата емотивна нестабилност. А отаде прозорецот има голем булевар. И јас зјапам низ проѕирното око на мојата соба и чувствувам како ми се враќа душевната рамнотежа, бидејќи по булеварот се движат автомобили, полека, мирно, хармонично, сите во еднаков ритам, како да возат низ зен симфонија, каде што „Сејф сити“ е диригентот, а тие се совршено поставени ноти на булеварските петолинија. Порано вака застанував пред прозорец кога ќе почувствував дека на мојата емотивна нестабилност ѝ недостасува доза налудничава хистерија, па по три секунди гледање во тој хаос, нервоза, бучава, манијакално претекнување, гнев, неизживеаност, фрустрации од типот „сега ќе види кучката колку сум стварно брз, а не да сере по град дека таков сум само во кревет“, како и неартикулирани крикови, веднаш ја добивав потребната доза лудило, која ми помагаше да излезам од дома и да станам компатибилен со самобендисаниот идиотизам на стварноста што ме опкружува.
Но, кога ритуално се ресетирам пред прозорец, знаат да ми се случат и чудни кафкијански метаморфози на кои и Овидиј може да им позавиди. Значи, стоев така пред прозорец, загледан во булеварот, кога одеднаш, од нигде никаде, како Вилијам Гибсон и Филип К. Дик да ми подметнале сајбер-дрога во реалноста, почнав да се чувствувам толку чудно што сфатив дека јас сум всушност компјутерската програма на „Сејф сити“ која, со прецизност на невромант, почнува да сонува… не, да брои електрични овци, не… почнува да брои возачи – поддржувачи на…
Русјаков, не сери! Како тоа, ти си компјутерска програма?
Ако јас, бел и дебел маж, го имам сето право на светот да се чувствувам како згодна лезбејка, Афроамериканка, тогаш можам да се чувствувам и како компјутерот на „Сејф сити“ кој прави гаргара со единици и нули.
Значи, почнав да се чувствувам како вмровски „Сејф сити“ и веднаш фатив да селектирам некогашни Македонци измислени од Тито, а сега сдсмовски нордистанци и некако природно ми дојде да вршам притисок врз нив, пред претстојни предвремени избори кои нема да се случат. Ова ме уплаши. Ова не е добро, помислив. Селектирам регистрации на сдсмјани. Ова веднаш мора да се промени ако сакаме да влеземе во ЕУ како освестени Бугари, а не да дремеме пред портите на Унијата како небањати вмровски бугараши. И ми текна. Па, ние имаме пржинска, преодна влада пред избори. Ете го решението. Освен назначување министри од опозиција, за време на оваа преодна влада, да се исклучи „Сејф сити“. И на мигрантите што не дојдоа од Британија да им се забрани да гласаат. Ами како? И „српскиот свет“ во предизборието да се замени со „Црно-бијели свијет“ од „Прљаво казалиште“, ама да се забранат и фудбалските преноси на Лајпциг доколку во тој период се емитуваат на „Арените“, бидејќи за овој бундеслигаш настапува Вили факинг Орбан.
Да се вратам на мојата емотивна нестабилност. Не секогаш ја решавав со зјапање низ прозорец. Порано знаев да запалам и џоинт. Веќе не. Прекинав поради серија чудни настани. Имено, при рекреативно консумирање марихуана со медицинска позадина, односно смирување нерви и хтонска декаденција, одеднаш се фаќав себе како размислувам за легализација. И за рекреативна консумација, но и за медицински потреби, ама вистинска легализација, а не како сегашнава во која ем корист имаат само фирмите кои извезуваат масло од канабис, ем на нашиот пазар нема такви лекови, ем тоа малку што го има е неквалитетно.
И одеднаш, при такви размисли, од фиока, од фрижидер, од фритеза и од други места низ станот кои не почнуваат на ф, веднаш излегуваа дузина доктори со муабетот „а не, никако, не е докажано дека канабис лечи, тоа што низ Запад кон кој се стремиме, врвни институти и доктори веќе ја употребуваат и лечат со неа, всушност е фатаморгана, пропаганда… на Кремљ, марихуаната не прави ништо посебно, само малку, хехе, ја намалува болката, а ти, ако имаш стресови и болки, престани да се џанкаш, види колкава листа на пеинкилери и антидепресиви имаме да ти понудиме, па две третини од планетава е навлечена на вакви таблети кои не создаваат зависност како твојата ганџа, туку се чиста есенција, секојдневна терапија која те прави здрав и среќен, само ти си во заблуда, тоа е сосем нормална појава кога пушиш џоинт, а не си вакциниран против ковид како што наложи СЗО и…“
И јас ги послушав. Иако пред тоа бев во заблуда. На пример, кога фатив корона, наместо да се бустам со „фајзер“ јас пушев ганџа за да не ми се згрутчи крвта, ама откако случајно оздравев, се покајав и послушав. Оти дотогаш, примери за вистински доктори ми беа Свети Козма и Дамјан или доктор Равик од „Триумфална капија“ на Ремарк, ама новата нормалност ме научи дека споменатите доктори се измислени личности од религијата и литературата, а на вера и уметност не може да им се верува. Така и јас, за време на ковид-пандемијата. конечно почнав да верувам во вистинска наука, оти тогаш докторите станаа филозофи, речиси секој од нив разви свој правец на толкување и оправдување на она монструозното што ни го спроведуваа како експеримент, злобниците ќе речат појма немаа што се случува, ама тоа не е вистина, повеќето од нив догматски ги слушаа врвните дијагностичари познати како политичари, ни јота не се помрднаа од она што го наложуваше Светата здравствена столица позната како СЗО, па нè тераа да се бодеме со нешто што го нарекоа вакцина, ја поддржуваа стигматизацијата врз невакцинираните и нè убедуваа дека тие се опасност за оние што се нафукаа со три дози, демек може да ги заразат оние на бустер навлечените ,,генијално, нели(?), ама и немаа никаков проблем кога нивните колеги кои покажаа научна скепса спрема сето тоа безумие беа прогласени за медицински еретици, бркани од работа, малтретирани и на разни начини замолчувани.































