Одбележување на 36-годишнината од смртта на Павле Раковски, бранителот на македонскот јазик во Егејска Македонија
Народ потиснуван и под јарем, што успеал да си го зачува јазикот, со тоа успеал да го задржи во свои раце и клучот на своето ослободување. Печатениот збор на топлиот роден јазик, ширејќи се најдалеку наоколу и дејствувајќи истовремено секаде и временски неограничено долго, претставува најефикасна движечка сила, која го покренува и го организира народот во борба за своето ослободување, запишал во своите белешки Павле Раковски, еден од клучните воено-политички раководители на борбата на македонскиот народ во Егејска Македонија за слобода и национални права. Тој бил и истакнат деец за македонскиот јазик. Починал на 10 февруари 1990 година. Оваа 36-годишнина од починувањето на Раковски е пригода за навраќање кон неговата животна приказна и борба за националната слобода и зачувувањето на мајчиниот јазик, која е вткаена во колективната приказна за животот и борбата на македонскиот народ во Егејска Македонија против стравотниот грчки монархофашистички терор врз него.
Раковски е роден на 24 мај 1913 година во Долна Клештина, Леринско. Во 1941 година учествува во грчкото комунистичко движење во Воденско. Од ноември 1943 до мај 1944 година работи на мобилизација на македонскиот народ во борбата против фашизмот во реонот на Острово. По негова иницијатива на 16 јуни 1944 година на Кајмакчалан е формиран Воденскиот македонски баталјон во рамките на ЕЛАС, составен исклучиво од македонски борци. Раковски бил именуван како комесар на овој баталјон.
Коавтор е на македонска азбука од 24 букви, на која се напишани прогласите до македонскиот народ во Воденско, песни и маршот на Воденскиот баталјон. Во јули 1944 година го напишал следниот леток: „Веруваме дека сите Македонци сакаат да читаат весници и прокламации-летоци, напишани на мајчиниот јазик. Токму затоа, веруваме дека сите Македонци веднаш ќе ги научат овие 24 букви: А, Б, В, Г, Д, Е, З, Ж, И, К, Л, М, Н, О, П, Р, С, Т, Ф, Х, У, Ш, Ч, Ъ. Ова ќе биде македонска азбука сега за сега. Нека ја научат сите браќа Македонци што сакаат да читаат весници на македонски јазик. Да живее македонското име!“
Откако разбрал дека тоа е македонска азбука, Петрос, комесарот на 10-та дивизија на ЕЛАС, ја исекол на парчиња хартијата со неа, велејќи: „Не е време за такви работи“.
Букварот и весниците на македонски јазик како национално идеолошко -политичко оружје во борбата за национална слобода
Павле Раковски станува член на Политичката комисија за Егејска Македонија, формирана во Битола. Гледајќи дека продолжува теророт врз македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, заради негова одбрана Павле Раковски заедно со други соборци на 23 април 1945 година ја основаат воено-политичката организација на Македонците од Егејска Македонија – Народноослободителен фронт (НОФ).
По формирањето на НОФ, Раковски работи на систематско ширење на македонската азбука и писменост, како и на изготвување македонски буквар. Во некои села се отворени и македонски училишта: во Д’мбени, Езерец (Костурско), Горно Котори, Буф, Битуша, Горешница (Леринско). Во гратчето Рупишта бил отворен учителски курс за македонски учители. Во 1947 година излегувал двојазичниот весник „Победа“, а весникот „Непокорен“ служел како буквар (читанка), но и како национално идеолошко-политичко оружје на Македонецот во неговата борба за национална слобода.
Во своите мемоари Раковски забележува дека создавањето на букварот била негова идеја. Тој го подготвил првиот дел од букварот со Паскал Паскалевски и Фоти Илковски. Но овој ракопис во вид на читанка бил одземен, генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис не сакал Раковски да го подготви вториот дел на букварот. Таа работа ја завршил школскиот другар на Раковски, Костас Сјаперас, Грк, кој го владеел добро македонскиот јазик. Букварот бил отпечатен во Романија во 1949 година. Бил користен во описменувањето на македонските деца и на возрасните што биле протерани во социјалистичките земји во 1948 и 1949 година.
Павле Раковски доаѓа во Скопје во 1960 година. Оттогаш бидува игнориран и маргинализиран во политичкиот и професионалниот живот. До крајот на животот се занимава со проучување на македонската историја во периодот на НОБ и Демократската армија во Егејска Македонија. Раковски умира на 10 февруари 1990 година. Св.Т.































