ФОРМУЛА 1 – НОВИ ПРАВИЛА ЗА МОТОРИТЕ, ШАСИЈАТА, ГОРИВОТО И ГУМИТЕ
- Ќе видите повеќе хаос во трките, каде што возачот мора да биде малку повеќе свесен за сите овие различни ситуации што може да се случат. И тоа, би рекол, ќе се случува во текот на целата година, истакна Норис
Светскиот шампион, Британецот Ландо Норис вели дека очекува „повеќе хаос во трките“ годинава како резултат на новите правила воведени во Формула 1, пишува „Би-би-си“. Во Формула 1 (Ф1) ќе има најголема промена во регулативата во историјата, а предмет на новите регулативи се моторите, шасијата, горивото и гумите. Управувањето со енергијата на батеријата ќе биде централна карактеристика, со мотори што сега имаат поголем дел од нивната вкупна излезна моќност обезбедена од електричните хибридни елементи.
– Ќе видите повеќе хаос во трките, каде што возачот мора да биде малку повеќе свесен за сите овие различни ситуации што може да се случат. И тоа, би рекол, ќе се случува во текот на целата година. Поголем акцент се става на способноста на возачите да ги контролираат сите овие работи – рече Норис.
Возачот на Мекларен рече дека употребата на новото „копче за засилување“, кое дава дополнителен наплив електрична енергија, и ефектот што го има врз состојбата на полнење на батеријата ќе бидат централни за новиот формат на Ф1.
– Ќе можете да ги притискате луѓето повеќе на различни позиции и потенцијално да креирате трки на подобри начини отколку што сте можеле во минатото. И тоа е веројатно подобра работа, добра работа – рече Норис.
Норис ја базира својата рана процена на автомобилите на тестот што се одржа во Барселона неодамна. Во Бахреин ќе има уште две тридневни претсезонски тестирања. Тој вели дека новите мотори и потребата за управување со енергијата би можеле да доведат до тоа возачите почесто да ги менуваат позициите.
– Ќе видите повеќе движења со дополнителната брзина. Но тогаш тој можеби ќе мора да брани повеќе од она што сте го виделе во минатото и тоа ќе создаде повеќе хаос, што е одлично за вас – додаде тој.
Моторите уште се 1,6-литарски V6 турбохибриди, како што се од 2014 година, но еден од двата електрични мотори што ја обновуваа енергијата е отстранет. Вкупното количество електрична енергија е зголемено за фактор три, но батеријата е повеќе или помалку со иста големина. Ако батеријата е целосно испразнета, моторот губи 350 kW (470 КС), што доведува до потенцијално драматични разлики во брзината. Возачите ќе се повлекуваат кон крајот на правците и ќе бидат внимателни кога ќе го притиснат гасот, за да обезбедат најефикасно користење на енергијата, дури и во квалификацискиот круг. Автомобилите се и помали и полесни, имаат помалку притисок и имаат „активна аеродинамика“, каде што и предните и задните крила се отвораат на правците за да се зголемат брзината и можноста за обновување на енергијата. Норис рече дека новиот автомобил „сигурно се чувствува како да е помоќен и побрз“ на правецот, пишува „Би-би-си“.
– Најголемиот предизвик во моментов е управувањето со батеријата и знаењето како да се искористи тоа на најдобар начин. Не е едноставно. Можете да го објасните со доста едноставни зборови. Само имате многу моќна батерија што не трае многу долго, па затоа треба да се знае како да ја користите во вистинско време, колку енергија, колку од таа моќност користите, како ја распределувате… Најголемиот предизвик е како можете да ги обновите батериите што е можно подобро, а тоа се сведува на користење на брзините, вистинските вртежи. Очигледно, сега имате одредено турбо заостанување, што никогаш порано не сме го имале. Сите овие мали работи се вратија, но мислам дека тоа не менува премногу. Во совршен свет, веројатно не би го имал сето тоа во тркачки автомобил, но тоа е само Ф1. Понекогаш имате вакви различни предизвици – рече тој, пренесе „Би-би-си“. Н.М.
































