Времеплов – Кога бев ученик: Живко Поповски–Цветин

  • Најтешко ми беше кога во неделите морав да пешачам по 25 километри, и тоа на полноќ, за да стигнам до Демир Хисар. Одевме по планините, по снег до колена. Бевме неколку деца и се плашевме, сешто можеше да се случи

Нашиот познат сликар и хуманитарец Живко Поповски-Цветин долги години организира цветни карневали на мирот низ училиштата во цела Македонија, а над 30.000 негови слики се распрскани низ целиот свет, кај познати јавни личности, уметници, политичари, но и земјоделци, вредни и чесни хумани луѓе и секако – кај децата. Неуморно сликајќи ги своите цветни мотиви и пренесувајќи ја пораката за поубав и поправеден свет, Цветин стигна и до номинација за Нобеловата награда за мир. Со истиот жар тој сѐ уште го осликува нашето понекогаш сиво секојдневие.

Образованието го почнавте во родното Брезово, се сеќавате ли на првиот училиштен ден?
– Тоа беше во 1951 година во моето село Брезово, Демирхисарско, во основното училиште „Кочо Рацин“. Сега е „Браќа Миладиновци“, но, за жал, веќе не работи, затоа што нема ученици уште од 1985 година. Учителката се викаше Софија Размовска и работеше заедно со сопругот Методија Размовски. И двајцата беа добри и ние ги сакавме и ги почитувавме. Често доаѓаа кај нас дома и ни станаа домашни пријатели. Првите часови ми беа многу интересни, зашто дотогаш само си игравме трчајќи по ливадите и низ шумата, но помагавме и за пасење овци, собирање сено, за жнеење…
Ќе ни кажете ли некоја анегдота од тие денови?
– Методија беше и страстен ловџија, а ние имавме една маска, и јас често со неа собирав дрва во шумата, а понекогаш ме носеа и на лов. Еднаш кога се враќавме маската се преврте сосе товар, а јас почнав на сиот глас да викам за помош. Имав осум години и смртно се уплашив. Многу си ја сакав Пулка, мојата маска, па дури и ја ранев со цвеќиња. Имав и куче, Чако, постојано беше со мене, но ми го отруја. Долго го жалев.

Имавте ли услови за учење во селото?
– Да, условите беа добри, иако бевме пет деца. Мајка ми не работеше,а татко ми освен што се занимаваше со земјоделство, работеше и во монополот, на далноводот, а знаеше и да шие. Ни шиеше панталони од чоја и ни правеше кожуви. Секогаш бевме убаво облечени.

Дали бевте добар ученик?
– Сакав да учам, сите предмети ми беа интересни, ама најмногу го сакав цртањето. Потоа почнав да учам во Демир Хисар, а средно училиште во Битола. Најтешко ми беше кога во неделите морав да пешачам по 25 километри, и тоа на полноќ, за да стигнам до Демир Хисар. Одевме по планините, по снег до колена. Бевме неколку деца и се плашевме, сешто можеше да се случи.

Се сеќавате ли на некоја беља што сте ја направиле?
– Играјќи, некогаш и се тепавме. Јас бев мирен и повлечен, но никогаш не останував должен. Се дружевме и со девојчиња, имавме симпатии. А дома со браќата ги крадевме колбасите што татко ми ги оставаше да се сушат над печката, па освен она што се гледаше, сѐ друго беше изедено.

Кои игри ги игравте?
– Правевме фудбал од крпи врзани со тутунски конец, кои ги обвиткувавме со хартија. Некогаш, наместо по топка, трчавме по меур од свиња.

Кога се роди љубовта кон цвеќето?
– Уште како мал на мајка ми често ѝ носев цвеќе како подарок.

Кога почна да се пројавува вашиот талент за цртање?
– Во училиштето ликовно ми предаваше Петар Давидовски, кој многу ме фалеше и ми ги земаше цртежите. Воспитувач во интернатот ми беше Коста Хаџи Антоновски, кој подоцна го основа „Малиот битолски Монмартр“. Еднаш кога бев седмо одделение тој ми даде задача на приредба по повод тогашниот празник 29 Ноември, пред публиката на табла со креди во боја да го нацртам грбот на Југославија. Претходно вежбав, но бидејќи тоа ми беше прв јавен настап имав трема. Тоа го забележа воспитувачот и го исклучи светлото и само со батерија ми светеше на таблата. Бидејќи бев низок со раст ме качија на столче. Кога завршив, се симнав од столчето и се поклонив и добив огромен аплауз. Кога се завртев, цртежот навистина беше одличен. Тоа многу ме охрабри.

Потоа продолживте ли во средно уметничко училиште?
– По завршувањето на осмолетката се вратив во селото и го молев татко ми да ме запише во Скопје во средно уметничко. Ми рече дека нема пари за тоа и ми предложи да учам средно во Битола и да живеам кај тетка ми. Бев навреден и во знак на протест цела година останав во селото. Следната година пак ми предложи да запишам средно земјоделско во Битола и, што да правам, прифатив. Деновите кај тетка ми беа незаборавни, ме прифатија како син и брат. По завршувањето, во Белград се запишав на агрономија. Кога дипломирав, се вратив и бидејќи немав веднаш работа, почнав да сликам и, така, полека-полека ја создадов мојата цветна градина.

Веројатно првото што го насликавте беа шарените ливади околу Брезово?
– Ливадите, расцветаните овошки, цвеќињата во бавчите, сето тоа најде место во моите слики. Пролетните свежи бои, светлото и топло лето и пастелната есен, шумата со сите нијанси на кафената и зелената… Сите тие прекрасни глетки се отсликани и овековечени во моите слики со цветни мотиви.

Вашите цветови сега цветаат низ целиот свет, носејќи убави желби и добри вибрации.
– Тие мои цвеќиња на мирот се надевам оставија семе, да израснат некои нови, млади пупки за повторно да ја пренесуваат мојата хумана порака, до каде што може да стигне добрата мисла. Сѐ е можно ако се има љубов, волја и желба да се направи добро дело и, се разбира, ако притоа се вложат многу труд и трпение за да се дојде до целта.