Фото: Архива на „Нова Македонија“

Собраниската Комисија за здравство, со која раководеше претседателката Рашела Мизрахи, денеска го разгледа извештајот за работата на Фондот за здравствено осигрување (ФЗО) за 2024 година и даде зелено светло тој да биде усвоен на пленарна седница на Собранието.

Извештајот пред пратениците го образложи директорот на ФЗО, Сашо Клековски, кој на почетокот истакна дека во 2024 година Фондот имал 1.839.537 осигуреници, што е намалување за над 17.000 во споредба со 2023 година, просечно од осигуреник во Фондот се слеваат речиси 3 илјади денари, а бројот на вработени осигуреници е 557 илјади и е стабилен, како и бројот на пензионери, кој изнесува 353 илјади.

– За здравство се одвојуваат 5-6 отсто од БДП и тоа е адекватно за такви земји во развој како што е нашата. Тоа го давам како инфомраицја за приходната страна за да можеме да разговараме што се реализира. Во 2024 година, благодарение на ребалансот на буџетот, добивме дополнителни средства и бевме во можност да го зголемиме во речиси сите категории на финансирање и во ФЗО спектарот на услуги што ги покрива се од примарното, секундарното, терцијарното, дијализа, кардиохирургија, рехабилатација во бања, ортопедски помагала, рефундации, лекување во странство, следење на меѓународните договори и во сите овие категории имаме зголемување – истакна Клековски.

Додаде дека има зголемување на бројот на лекови издадени на позитивната листа и за тоа се издвоени 525 милиони денари плус, односно зголемен е и бројот на рецепти, а во 2024 година има и прво зголемување на платите во јавното здравство и тоа ќе се следува во наредните години во договор со синдикатите.

Членовите на Комисијата за здравство поставија повеќе прашања до директорот Клековски, како што се за бројот на лабораториите во државата, немањето одредени реагенси за испитување на некои болести, можноста за враќање средства на пациентите доколку се принудени да направат одредено испитување во приватните болници и други прашања.

На крајот од седницата директорот Клековски посочи дека има сериозен проблем во последно време со акутен недостиг на анестезиолози, као што е случајот во кумановската болница, каде што има 25 хирурузи, а нема ниеден анестезиолог. Според него, овие специјалисти се дефицитарни и во Европа и постојано ќе постои дополнителна награда ако некој анестезиолог замине во странство. Додаде дека Фондот е во постојана комуникација со болницата во Куманово и набргу треба да се најде решение.

Во заклучокот од седницата Клековски посочи дека проблемите во здравството се многу големи и затоа треба сите заедно да работат, да се споделуваат информациите и очекувањата и да се разговара за структурни прашања со постигнување заеднички конзенсус бидејќи, ако не се постигне конзенсус за структурните работи, тогаш ќе биде тешко и некои од решенијата може да бидат и непопуларни, но ќе мора да се спроведуваат. Тој смета дека Собранието има централна улога во носењето на политиките и сите заедно од власта и од опозицијата треба да комуницираат за клучните политики.