- ИОК сега ги разгледува прашањата поврзани со олимписките игри во првата година од претседателствувањето на Кирсти Ковентри, а промената на датумите на зимското издание е опција, пишува АП
Организирањето на идните зимски олимписки игри (ЗОИ) уште во јануари, а параолимписките зимски игри (ПЗИ) во февруари е можно поради ефектите од потоплите температури, соопшти Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Секој медал од зимски олимписки игри е освоен во февруари откако ЗОИ во Инсбрук во 1964 година беа отворени на 29 јануари, а поместувањето во јануари веројатно би го нарушило распоредот на познатите трки и настани од Светскиот куп.
ИОК сега ги разгледува прашањата поврзани со олимписките игри во првата година од претседателствувањето на Кирсти Ковентри, а промената на датумите на зимското издание е опција, пишува АП.
– Може да разговараме и за тоа зимските олимписки игри да се одржат малку порано. Да го направиме тоа во јануари бидејќи има импликации и за параолимписките игри – изјави за новинарите членот на ИОК што го надгледува прегледот на спортската програма, Карл Стос.
ИОК одамна, под претходникот на Ковентри, Томас Бах, вели дека промената на климата е предизвик за наоѓање идни домаќини и организирање натпревари, пишува АП.
– Март е многу доцна бидејќи сонцето е доволно силно за да го стопи снегот. Можеби параолимписките игри ќе бидат во февруари, а другото издание ќе биде во јануари. Тоа исто така би било дел од нашата дискусија – рече Стос на маргините од состанокот на ИОК во пресрет на ЗОИ 2026.
Над сто члена на ИОК се состанаа подоцна во средата за уште една рунда разговори во програмата за преглед на Ковентри наречена „Подготвен за иднината“. Ковентри на прес-конференција изјави дека „потенцијално ќе има потреба да разгледаме приспособувања на времето“, за да ги закажеме идните зимски олимписки и параолимписки игри, пишува АП.
Членовите на ИОК треба повторно да се состанат во јуни за да одлучат за олимписките прегледи и за тоа дали да додадат нови спортови и настани на ЗОИ во Француските Алпи во 2030 година. Н.М.
































