- Данска го потврди статусот, Германија системот, Хрватска со Дагур го извади максимумот, а Македонија е таму каде што треба да биде, со задача да опстане, да се модифицира и да се надгради. За општо добро
Нема ништо гнило во државата Данска. Барем во однос на нивната национална гордост – ракометот. Земјата што успеа да го победи фудбалот (барем ние така се филмаме) на локален терен е нов европски првак, обединувајќи ги сите титули во нашиот спорт, од олимписката, преку светската, а од пред некој ден и европската.
Традиционално, во моето последно писание за едно големо натпреварување, љубам да фрлам поглед назад, на самиот почеток, кога сме пишувале за тоа што може да очекуваме, кој е кој, каде се нашите во таа приказна и каде ние, како нација, сакаме да ги видиме. Но и да погледнам напред, колку што ми дозволува окуларот.
Добре дојдовте во мојата завршна колумна „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“, посветена на ЕХФ ЕП 2026, кое од 15 јануари до 1 февруари, којзнае по кој пат, се одржуваше во Скандинавија.
Оние што ме следат тука во овие редови, напишани за спортот што го сакам, спортот што ме задолжи и ме моделираше, знаат дека мојата почетна колумна беше во два дела, посветена на „сите други“ и на Македонија, како нашето најважно. Накратко, колку што може да се биде, ќе фрлиме опуљ (архаичен струшки израз за поглед!) на сѐ што се случуваше.
ГИДСЕЛ Е ЛОКОМОТИВАТА, ГЕРМАНИЈА Е ПОСТОЈАН МЕДАЛИСТ, СИГУРДСОН Е ИСКУСЕН ЛИСЕЦ
Данска ја потврди прогнозата за финале и уште еден чекор напред. Демонстрира сила и доминација, но и ранливост. Дали некој ќе може да ѝ се спротивстави следните 6-8 години? Се надеваме дека може, заради задржување тензија на големите натпреварувања. Гидсел е број еден. Ова е негово време. Ако се прашувавме, за време на турнирот, зошто игра по 58 минути, на веќе „добиени“ натпревари, јас лично мислам дека се работеше за желба да се соборат што повеќе рекорди, во однос на погодоци. Можеби е егоцентрично или ризично, но апсолутно никој не може да му забележи, по сѐ што направи и допрва во иднина ќе прави за својата земја, но и за светскиот ракомет. Тој е нашиот билет во комерцијалните спортови. Глобална ѕвезда, која може со себе да го повлече ракометот нагоре. Данска со и без Матијас Гидсел не е иста селекција. Високиот ритам (на секое поле) и начинот на игра не му одат во прилог, но времето ќе покаже.
Германија го потврди напредокот. Зрее генерацијата што хараше по јуниорските првенства во изминатите две-три години, сериозно поддржана од Волф, Гола, па и од нестабилниот, но суперквалитетен и атрактивен Кнор. Оваа селекција, гарантирам, ќе земе медали на следните 5-6 големи турнири, без исклучок. Хрватска потврди дека ракометот не е само тактика и техника туку дека има нешто и во обединувањето, сплотеноста, срцето и гордоста. Неверојатен набој, борбеност и меѓусебна поддршка, вредности што со децении ја красат најуспешната балканска ракометна селекција.
Но мора да се нотира и моментот кога „големиот“ Дагур, како странец, застана на кормилото на „коцкестите“. Човекот го крена националниот набој до крајни граници, како учебник што треба да се изучува, покажа врвни квалитети во менаџирање со ресурси, верба во јасна тактичка поставеност и создавање силна тимска атмосфера. Најважно, застана во одбрана на своите играчи, на тимот и на ракометот пред највисоките инстанци, со што ги доби нивната целосна доверба, наклонетост и почит.
Истите тие играчи беа подготвени да (из)гинат на терен, за државата, но и за шефот. Би било наивно да се помисли дека Сигурдсон своето шоу на прес-конференцијата пред полуфиналето го одигра случајно и исклучиво од чесни побуди за заштита на своите, а и некои идни репрезентативци, од која било држава. Не е толку стар колку што е искусен лисец тој Дагур. Секоја чест!
Србија уште не е за „велике ствари“, барем не засега, со 15 дена тренинг, под палката на Ел Команданте. Споменавме пред ЕП, има голман(и) и пивоти за сериозни дострели, но бековите се тие што го водат орото. Тука не беа ниту комплетни ниту конкурентни. Ако е нешто добро, големиот ракометен бисер, кој „цицаше“ ракомет во скопски Металург, го реализира својот сон, а и сонот на Војводина (која го наплати тоа!), потпишувајќи договор со унгарски Веспрем. Србија со сигурност ќе го крене нивото, на сите селекции (имајќи предвид дека Раул е задолжен за целиот процес), но дали ќе биде доволно во краток период да ја „прескокне“ Унгарија, како виза за СП во Германија, ќе видиме.
Видовме неподготвена Шведска и обезличена Франција, здрав Исланд и потентни Швајцарија и Португалија. Фарски Острови на следните два собира ќе ги гледаме во главна фаза, имајќи ги предвид возраста и фактот дека по Скипаготу, кој настапува за (нај)големиот Кил, и помалиот братучед Митун од најголемата фабрика во светот на ракометот, ГОГ Гудме, многу брзо ќе кидне во Бундеслигата. Словенија кажавме дека е морален победник и сега е време да „продаде“ уште една дузина неафирмирани млади ракометари, како конечна победа за ракометот во таа земја, која демонстрира школа на ракомет за секоја почит.
И толку.
КАДЕ СМЕ? ШТО ЗАСЛУЖУВАМЕ? КОГО ДОБИВМЕ? КАДЕ НЀ ВОДИ ПРАВЕЦОТ?
Каде е нашата Македонија во приказната наречена ЕП. Па, таму каде што ѝ е местото. Можеби и неколку места погоре од „заслуженото“. Со лига во која половина екипи секој ден купуваат нови играчи, генерално од странство, а половина лига „душа бери“, чекајќи субвенција или социјална помош од државата, толку. Каде што уште чекаме инфраструктура и топла сала, чекаме некој да ја едуцира или надгради нашата струка и рамото ни отече од „тапшање“ со „ја имате најдобрата лига во регионот“, без развојна компонента за нашите деца, пак толку!
Вистинското прашање е што доби ракометна Македонија од ова ЕП?
Кој играч е подобар од пред големиот собир, која зона ја штиклиравме и потврдивме, кои двоумења ги разјаснивме и, конечно, кои се тие играчи за кои оваа селекција е готова приказна?
Накратко, го потврдивме Томовски како прва опција, во иднина и поддршка од Галевски, Гогов, малиот Николовски или некој четврти. Перспектива на солидно ниво.
Го добивме Игор Ѓорѓиев-Симба. Стабилен, конкретен, исполнителен. Капитен е на својот клуб, кој освои европска титула и веќе нема што да се чека. Симба можеби не е прва опција, но ќе биде многу значаен за оваа селекција во следните 7-8 години.
Марко Стојковиќ. Марко (23), ракометниот џин, по сѐ што му се случи, излезе и покажа дека е модерен прототип на пивот, без големи задачи во нападот, со поливалентност во одбраната, очекуваме да биде дел од процесот и успесите на националниот тим, заедно со Лазаревски, Карасманакис, Аларов и со Ристевски. Одлична перспектива и сегашност.
Филип Кузмановски-Фитиљ. Може многу, има во себе капацитет. Го демонстрира сето тоа. Постои веројатност средината да почне (ако веќе не е така!) да го задушува и да му наметнува или сугерира постапки. Качување на мрежа и скандирање „каде треба да одиме сите и кој е шампион“ не треба да му биде практика. Се согласувам со селекторот дека треба да најде нова средина, надвор од државата, иако праксата односно минатиот труд ја демантираат оваа теза.
Иван Џонов е прва опција во оваа селекција. Пред сѐ поради неговата поливалентност и игра на важна позиција во одбраната. Одигра солидно, но има уште простор за напредок во неговата игра. Близнакот е тука, сметаме на него, но ќе мора да се избори за минутажа во својот Пелистер. Не за нас, туку за негово добро. Искуство, рутина, самодоверба и ќе биде одличен. Заедно со Стојковиќ и близнакот Петар се на важна позиција од суперуспешната 5-1.
Павле Атанасиевиќ. Каков потенцијал за мејнстрим-ракомет. Агресивен, борбен до болка, брз на нозе, одлична дуел-игра, транзиција… Истото тоа важи како и за Петар, мора да игра, мора да решава натпревари, да добива и губи. Мора да носи на грб екипа. Веднаш.
Кој е капацитетот на нашата селекција за следните 3-4 години?
Без Б-селекција тешко ќе можеме да кажеме. Малиот Митев, како еклатантен пример на новиот бран, не го видовме, а веќе е во сениори две години. За него нема назад во јуниори, а многу тешко ќе добие минути во сениори. Затоа, како и во клупскиот ракомет, ни треба ракометен лост, во ликот и делото на Б-селекцијата, која ќе катапултира А- репрезентативци. За тоа требит пари и менаџирање со истите тие во однос рамките на националната селекција.
Нејсе.
Македонија заврши како 14-та, обезбеди подобар шешир и доби противник по мера, кој и да ги добие квалификациите за бараж, помеѓу Словачка и Украина. По мера не значи дека е веќе пласирана на СП во Германија, но и дека нема од што да се плаши. Има континуитет, во однос на противниците, има селекција што влегува во своите најдобри години и игра реванш на домашен терен, за корекција на сите „глупости“ направени на гостински терен. А, последните циклуси знаеме да одиграме под ниво, на гости, и против многу послаби противници. Веруваме во процесот, веруваме во момците, веруваме во тоа дека секој што го облекува дресот со националните бои во ракометот е свесен за важноста Македонија да биде и да остане на големата сцена, секој ладен и депресивен јануари.
Правецот е тој, треба да се надгради и модифицира, во од, за да даде резултати.
Убеден сум, ќе грее сонце над ракометна Македонија!
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“































