ЗИМСКА ТРИЛЕР-СТОРИЈА
Откако ја запозна Марија Воронцова, Николај Михајлович како да ја стави и последната алка од веригата што му недостигаше. Пустелијата наречена Јакутија, прекуноќ се претвори во рај на земјата. Слично беше и со младата жена. Учителката мошне брзо се вклопи во јавето на средината во која требаше да мине дел од својата кариера. Таа потекнуваше од Сочи. Нејзините родители интелектуалци, кои мачно се бореа да го прехранат петчленото семејство во годините на кризата, на сите свои деца им излегоа во пресрет за да го заокружат нивното образование. Маша студираше на „Ломоносов“ во Москва. Дипломира предвреме на Филозофскиот факултет. Потоа веднаш се вработила во едно средно московско училиште каде што предавала англиски јазик. На една прослава, патот ѝ се вкрстил со идниот сопруг. Судбината сакала да се земат.
Дочекот на Нова година со Калугин беше пресвртница во нејзиниот живот. Траперот ѝ вети дека штом ќе се затопли, ќе ја одведе во Краснојарск за да ја земат Каја. Потоа девојчето ќе го мине летниот одмор кај нив во Тирек.
– Летата овде се куси, но прекрасни – ја убедуваше траперот. – Нема да посака да се врати назад во градот.
Потоа сибирски мраз. Таа исклучиво беше виновна што односите наеднаш истинаа и што се оддалечи од Калугин без причина.
Доаѓањето на Андреј Михајлович Долгоруков како да фрли темна сенка на нивната среќа. Калугин знаеше дека со него доаѓаат и непријатни моменти. Во еден момент, во неговото сценарио беа ставени под исто знаме со сопругот на Маша, Генадиј Василевич Воронцов. Можеби тоа беше неговата развиена фантазија, можеби интуиција. Реши да биде претпазлив. По некое време, московската тројка исчезна. Нивното заминување го потврди и Сулук Тару, дебелиот крчмар. Калугин ретко се пишманеше, но овој пат му беше малку криво што не ја сослуша докрај понудата на Долгоруков.
Калугин ја плати сметката и му посака честит Божиќ на трговецот. Со себе го понесе и шампањското. Потоа се качи на запрегата со ирвасите и нурна во виулицата. Неговата дача беше на крајот од населбата. Патот се пробиваше низ мала клисура низ која течеше планинска рекичка. Таа веќе беше полусмрзната.
На првиот свијок за малку ќе се судреше со градежно возило што ринеше снег. Калугин мораше да ги употреби сета своја енергија и умешноста за да одбегне трагедија. Траперот енергично ги затегна дизгините и ги натера ирвасите да побегнат до крајот од стрмниот карпест ѕид, а потоа веднаш ги пушти слободни за тие сами да го одбегнат ударот во задниот дел од санката. Притоа со голем дел од трупот, санката зализга кон реката Бунтанај. Се случи она што најмалку посакуваше. Копитата на кутрите животинки не можеа да се справат со мазната површина на мразот. Веќе во следниот момент, санката потона заедно со ирвасите. Калугин скокна настрана и одбегна да се најде во студената вода. Со вперени фарови во него, градежната машина личеше на чудовиште од вселената.
– Дедо Мраз и твоите мачешки инстинкти те извлекоа од непријатна ситуација, Николај Михајлович – слушна познат глас полн со надмоќ и иронија.
– Долгоруков, ти…?!
– Да, момче, јас лично и персонално.
Зад него беа неговите телохранители.
– Ѓавол да те земе, проклетнику, зарем уште си тука? – Калугин направи обид да стане од снегот, но беше грубо спречен од едниот телохранител, кој му стапна со чизма на градите.
– Можеби си заборавил, ама јас сум семка што може да никне и таму каде што не си ја посеал, Калугин. Дури и тука во Сибир. Туку, ајде да го оставиме сега тоа. Мојата понуда сѐ уште важи. Што велиш за тоа?
– Проклет да си…!
– Не верувам дека тоа е твојот конечен одговор, Сениште?
– Носи се со тој твој предлог…!
Тупаницата со сета сила се урна врз неговата брада, му ја занесе главата, а пред очи му молснаа многубројни ѕвезди.
– Зошто, синко? – Долгоруков се преправаше дека му е жал за она што го направи телохранителот.
– Нема да ти биде простено, Долгоруков, а уште помалку на оваа кртина – стенкајќи, Калугин се ослободи од притисокот на чизмата на телохранителот. Но сега покрај него се створи и другата грамада. Професионалците вешто го приковаа за снегот.
Долгоруков му пријде и се наведна за да биде поблиску до него.
– Слушај ме добро, синко. Доста беа шеги. – Ако ти е мил животот, ќе сториш сѐ за да извлечеш значајни информации од твојата потстанарка. Ама… бидејќи знам со каков тврдоглавец имам работа, нека ти биде јасно дека таа жена ќе биде во голема опасност. Би требало да помислиш на неа бидејќи знам дека ти е на срцето.
– Што се обидуваш… – гневен, Калугин се обиде да ги отфрли од себе телохранителите, но тоа беше само пуста желба.
– Нема да се повторувам, Калугин. Знај само дека сум посериозен од кога било. Сакам да ти кажам дека во игра и понатаму е половина милионче. Иако си ми симпатичен, овој пат ќе замижам со очиве и ќе кажам дека подобро јас отколку ти. Јасно?
– До толку е сериозно? Ајде тогаш кажи што ти е на умот?
За Долгоруков, ова значеше дека траперот е подготвен за компромис.
– Ослободете го. А ти, Калугин, влегувај во машинава!
– Што со ирвасите? – Калугин тажно гледаше во животните, кои се обидуваа да се извлечат на брегот.
– Да завршиме со разговорот, па потоа моиве ќе се погрижат за санката. Ирвасите сами ќе излезат на брегот. Впрочем, овде врви од фарми за копитари, па ова за тебе нема да претставува којзнае каква загуба. Ако ги лапнеш тие половина милион долари, нема да знаеш што ќе правиш со толку пари.
– За неверување како и вообичаено – заклучи гласно Калугин.
Во кабината имаше место за сите четворица. Внатре беше загреано оти машината не престана да работи.
– Еве што имам да ти кажам, Привидение. На чудесен начин, во рацете на вашата учителка Марија Воронцова се најдоа документи со заштитен знак „строго доверливо“. Ако паднат во рацете на погрешни ликови, тие можат да предизвикаат вистинска бура во елитните општествени кругови.
– И?
– Со тие документи лесно може да се искомпромитира голем дел од руската елита.
Молк.
– Молчиш?
– Не можам да поверувам дека „кротката“ учителка, а моја потстанарка со себе носи толку голем и значаен багаж? Од каде кај неа тој материјал?
– Како и што, тоа е најмалку значајно, Сениште. Тоа што е важно за мене и за тебе е фактот дека младата жена е одлучна во намерата да искомпромитира одредени личности од елитата и со тоа да им зададе тежок удар. Поточно, на виделина ќе ги изнесе сите валкани зделки преку кои тајкуните договарале и реализирале продажба на оружје, муниција и друга воена опрема, која подоцна била употребувана против нашата армија. На тој начин дошле до неверојатен профит. Меѓу другите, таму е и името на Генадиј Воронцов, нејзиниот законски сопруг.
– За ова знаат и врапците на гранките, Долгоруков. Мене нешто друго ме мачи. Ти си на самиот врв на господарствената безбедност. Во мене нешто шепоти дека можеби и твоето име се наоѓа некаде во тие документи?
– Лисица си ти, синко – всилено се насмеа Долгоруков.
– Значи ли тоа дека конечната одлука за Марија Воронцова веќе е донесена?
Полковникот си ја почеша брадата:
– Па… не би рекол така. Се разбира, доколку ми се спротивставиш со твое решение за да ја зачуваме нејзината убава главичка. Те знам добро и мислам дека си луд по таа убавина!
– Зошто ти лично не би ја прашал за таа документација, Долгоруков? Ти знаеш како да го изведеш тоа на најдобар можен начин.
– Не провоцирај. Токму од респект кон нашиот заеднички минат труд и плодната соработка, барам од тебе на питом начин да дојдеш до она што ми е неопходно. Внимавај добро, веќе ти кажав дека по оваа игра јас ќе се повлечам. Патем, можеби дамата ќе ми излезеше во пресрет, но откако не успеав да и ја доведам ќеркичката, во мене ќе ја загуби сета доверба.
Калугин длабоко воздивна:
– Повторно плетеш некоја плетка што може да нѐ изгори. Не знам за кого играш овој пат?
– Сакам да те извлечам од овој мразен пекол, синко, и притоа финансиски да те обезбедам. Имам и долгови кон тебе, нели? Ова ќе биде благосостојба и за мене и за тебе. Круна на сите наши перипетии. Досега работевме за интересите на државата и за претпоставените. Време е да направиме нешто и за нас самите.
– Мене не ми фали ништо. Јас сум задоволен од мојот живот.
– Јас добро знам што ти фали, Калугин. Веројатно си мислиш дека Марија ќе остане со тебе во оваа пустелија? Или можеби се надеваш дека господинот Воронцов ќе седи со скрстени раце кога се во прашање неговата убава половина и нивната ќерка? Дозволи ми, ти тврда главо, барем на крајот да си ги откупам гревовите кон тебе.
– Ајде, добро. Ако ми појде од рака да ѝ ги земам документите на Марија, тогаш што понатаму?
– Потоа ќе ми ги предадеш мене, а јас ќе сторам сѐ да си ги добиеш парите на посебна сметка во еден од даночните раеви.
– Тоа може да биде и нов долг кон мене ако се решиш на уште една итрина, Долгоруков. Затоа, јас барам аконтација за да си го обезбедам основното. Не би сакал повторно да останам со прстот во уста.
– Донеси ми ги документите и јас веднаш ќе искеширам. Куферчето со стотина илјади зелени чудовишта ќе биде твоја сопственост. Другото, по договор.
– Сепак, јас би размислил.
– Барам рок, момче.
– До утревечер, полковнику. Христовото рождество ќе биде мојот датум за помнење. Барем се надевам.
– Договорено. Се надевам дека цврсто ќе си стоиш на зборот, оти во спротивно не би ни сакал да помислам што може да ви се случи и тебе и на убавата учителка. Ајде, момци, извлечете ја санката со машинава!
Роберт Торн
































