Фото: „Нова Македонија“

Резиме на размислувањата на експертската јавност за начините како да се надмине евроинтеграциската блокада

 

  • „Нова Македонија“ во повеќе наврати разговара и ја актуализира оваа тема со повеќе уставни експерти, познавачи на европските уставни практики, но и генерално на европските актуелни состојби, при што сите се согласуваат дека уставните измени се наша внатрешна работа, односно за тоа дали, како и кога треба да ги направиме, за да изградиме здраво општество, отпорно во иднина на сите предизвици со кои ќе се соочуваме
  • Еден висок странски дипломат по прашањето за уставните измени лаконски, но суштински ни одговори: „First things – first!“ Тоа во превод би значело „приоритетните работи – најпрво да бидат завршени!“, став за кој во нешто поширока експликација добивме одговор „…најпрвин бидете децидни (строго определени) во дефиницијата кој е носителот на државноста во унитарна Македонија, а потоа внесувајте колку сакате малцинства, кои и по внатрешното и по меѓународното право ќе го уживаат својот малцински статус во полн капацитет! И никој на светот не може да ви замери за тоа“, тврди нашиот соговорник

Како најсвежо предлог-решение за излез од ќор-сокакот во кој нѐ внесе официјална Софија со нејзините условувања, како предлог што потекнува од експертската јавност е оној на универзитетската професорка Мирјана Најчевска. Имено, таа истакна дека сепак најдобро решение е институционалното.
– …Постои излез од ситуацијата во која нè доведе Бугарија, потпомогната од Бујар Османи и формулирана од страна на еден од големите непријатели на Македонија – Макрон. Треба да се стави на дневен ред во Собранието точка за менување на Уставот на Македонија и пратениците треба да гласаат за внесување на Бугарите во преамбулата на Уставот. Доколку ова не се изгласа со потребното мнозинство, ќе се донесе акт со кој ќе се прогласи за ништовен Протоколот со Бугарија и делот од преговарачката рамка во кој се бара внесување на Бугарите во Уставот. Имено, поставениот услов станува невозможен и тоа го прави овој договор ништовен – напиша професорката Најчевска во објава на својот фејсбук-профил.

Силјановска-Давкова: Одложено дејство на уставните амандмани

Од институционална гледна точка, кога се опсервира истиот предизвик, во последното годишно обраќање пред пратениците во македонското Собрание, претседателката Гордана Силјановска-Давкова како единствено решение за проблемот со Бугарија го гледа она со одложено дејство на уставните амандмани што би се однесувале на внесување на македонските граѓани со бугарска самосвест во Уставот.
– Предложивме излезно решение дури и за едно нерационално барање. Со креативно интерпретирање на преговарачката рамка, односно заклучоците, сметаме дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите, што веќе неколкупати сме го примениле. Во случајов, vacatio legis би се врзал, односно амандманот би стапил во сила по завршувањето на нашите преговори и ратификацијата на Договорот за нашето членство во ЕУ. Ова би било вин решение за Бугарија зашто би го остварила своето барање, ама подоцна, а во меѓувреме би ни помагала во евроинтеграциите, во духот на преамбулата на Договорот за добрососедство и пријателство, свесна дека колку побрзо ќе завршат нашите преговори, толку побрзо таа ќе дојде до целта. За нас, вин би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки, и ние би брзале да ги завршиме преговорите. За двете држави вин-вин би биле засиленото пријателство и докажаното добрососедство – нагласи Силјановска-Давкова.

Новиот светски суверенистички тренд налага да се следат сопствените интереси

Во насока на поттикнување „бура на идеи“ во јавноста, за наоѓање решение за одглавување на македонските евроинтеграции, „Нова Македонија“ активно се вклучи и во мотивирање на домашната и странската експертска јавност, разговарајќи со многу интелектуалци релевантни во областа на своето работење. Згора на тоа, и редакцијата на „Нова Македонија“ и сама активно учествува во креирањето потенцијални решенија што би можеле да бидат основа за излез од ќор-сокакот.
Она што е исклучително важно, тоа е целиот процес да се одвива транспарентно и со широк општествен консензус, имајќи ја предвид заложбата на најголемиот дел македонски граѓани, членство во ЕУ. Фактот дека сите се свесни за отворената атака врз македонскиот идентитет налага гаранцијата да си ја обезбеди самиот македонски народ, со поддршка на сите што живеат во оваа држава. Поддршка за вакво креативно решение со уставните измени пристигнува и од суверенистите, кои сметаат дека Македонија сама треба да одлучи какво решение за уставните измени ќе направи, без некој од страна да ѝ кажува дали тоа е прифатливо за другите или не.
Македонија во таквите планови повеќе од сигурно е дека може да смета и на американската поддршка, особено ако се има предвид фактот дека САД се наш стратешки партнер и уживаат доверба и кредибилитет кај сите македонски граѓани. Таквиот суверенистички пристап, претходно запечатен со широк општествен консензус околу внесување на македонските граѓани со бугарска самосвест во Уставот, но и со потврда на статусот на македонскиот народ како носечки и државотворен, може да гарантира успех затоа што би бил прифатлив и за Европа и за САД. Откако ваквиот предлог би ја добил меѓународната поддршка, тогаш би требало да се направи еден вид сенационален сојуз во институциите и таму да се заокружи целиот процес на уставни измени, со што ќе се одблокира пристапниот процес на земјава.
Позитивни оценки за ваквото решение има и од дипломатите, кои сметаат дека на тој начин ќе се воспостави систем на внатрешна доверба во општеството и така во иднина многу полесно ќе се носат одлуки што се од национален интерес, со уважување на сите чинители и со конечно надминување на наративите дека некој ја предал државата и слично.
Она што треба да го содржи идното решение, тоа е уставните измени да се формулираат на начин што ќе ги заштити уставната логика и државниот суверенитет, без преседани што би можеле да се користат за идни притисоци.
Нема брз излез од ќор-сокакот во кој нѐ втурнаа претходните највисоки носители на државни функции, заедно со поттикнувачи од меѓународната заедница. Но, како излез од ќор-сокакот сега е прифатлив трпелив пристап „чекор по чекор“, напредок во европските интеграции паралелно со исполнување на обврските, а не однапред целосно отстапување.
За сето ова е клучно и ЕУ да ја гарантира предвидливоста на процесот, односно да ги тргне настрана сите билатерални условувања и да го оценува напредокот исклучиво според исполнувањето на Копенхашките критериуми.

Потврда на државотворноста на македонскиот народ

„Нова Македонија“ во повеќе наврати разговара и ја актуализира оваа тема со повеќе уставни експерти, познавачи на европските уставни практики, но и генерално на европските актуелни состојби, при што сите се согласуваат дека уставните измени се наша внатрешна работа и треба да ги направиме за да изградиме здраво општество, отпорно на сите предизвици со кои ќе се соочуваме во иднина.
– Ова се клучни моменти кога една суверена земја носи одлуки за својата иднина. Несомнено, членството во ЕУ останува наш стратешки интерес и околу ова прашање нема поделби во општеството. Токму околу таа заедничка алка што нѐ поврзува треба да се гради наративот за уставните измени во насока на конструирање модерна европска држава во која сите се рамноправни, ги уживаат своите права, учествуваат активно во политичкиот и општествениот живот, присутни се во институциите и секаде онаму каде што сметаат дека со своето знаење и умешност можат да дадат некаков придонес. Тоа значи Мерит-систем, напуштање на етничките критериуми и сите овие работи треба да бидат дел од идните уставни решенија. Идентитетските закани треба да бидат отстранети така што врската меѓу македонскиот народ и државата Македонија ќе биде истакната и потврдена, врз основа на историскиот контекст врз кој е градена, почнувајќи од Илинден, АСНОМ и референдумот за независност во 1991 година. Токму во овие рамки е отсликана целата мултиетничност на македонското општество, сите се учесници и сите може да се поврзат со овие три столба на македонската државност, така што нема причина кој било да се чувствува загрозено или да смета дека се загрозени неговите права – сметаат соговорниците.
Како дополна на овој став го издвојуваме и становиштето на еден висок странски дипломат, кој лаконски, но суштински, ни одговори: „First things – first!“ Тоа би значело „приоритетните работи – најпрво да бидат завршени“, што парафразирано значи „…најпрвин дефинирајте го носителот на државноста во унитарна Македонија, а потоа внесувајте колку сакате малцинства, кои и по внатрешното и по меѓународното право ќе го уживаат тој статус во полн капацитет! И никој на светот неможе да ви замери за тоа“, тврди нашиот соговорник.


Мицкоски: Нема да има уставни измени ако не бидат исполнети најмалку два услова!

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека нема да има уставни измени сè додека не бидат, како што рече, исполнети најмалку два услова – загарантирани права за македонската заедница во Бугарија и гаранција од Европскиот совет за македонскиот народ и држава дека тоа ќе биде последната отстапка и дека веќе нема да има нови билатерални вета, омаловажувања, понижувања и опструкции од кој било од субјективни причини, нови придавки и додавки поврзани со Македонија и македонскиот идентитет.
Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања, од собраниската говорница истакна дека е подготвен да оди докрај и за тоа побара поддршка од сите политички субјекти, повикувајќи ги пратениците да донесат заедничка резолуција со единствен, државнички став.
– Уставни измени нема да има додека сум јас премиер ако не бидат исполнети минимум два услова. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права во согласност со меѓународното право и меѓународните конвенции и резолуции за човекови права, не барам да се менува Уставот. Вториот услов е – гаранции за нашиот македонски идентитет дека нема повеќе да има билатерални вета и дека нема веќе никој оваа држава, која многупати докажала и покажала дека сака да биде дел од европското семејство, понела жртва како ниедна друга земја, како и овој народ и овие граѓани како ниедни други во Европа поднеле жртва, дека нема повторно да имаат нови омаловажувања, понижувања и опструкции од кој било од субјективни причини. Вие треба да нè поддржите. Замолувам да нè поддржите зашто сè додека имате ваков став, некој таму ќе гледа дупка овде и ќе речат „таму има меко ткиво, пушти го овој Мицко што зборува, тој ќе биде уште неколку години премиер и ќе си оди, па ќе дојде некој, ќе најдеме меко месо и ќе ја протуркаме работата“. Тоа не е добро однесување и треба сите заедно да донесеме резолуција во која ќе имаме еден државнички став дека без овие два-три процеси минимум нема да правиме какви било отстапки во иднина за која било тема – нагласи премиерот обраќајќи му се на пратеникот Скендер Реџепи, кој го постави прашањето за уставните измени.