Партиските книшки не ја уништија државата – нечесните луѓе ја уништија

Со години ја повторуваме истата приказна како расипана плоча: сè било партизирано, институциите биле преплавени со партиски кадри и единствениот спас на државата бил во департизацијата. Таа теза звучи привлечно и лесно се продава, но во суштина најчесто служи како алиби, а не како решение.
Во практика, приказната за департизација редовно се претвора во добро познат механизам: секоја нова власт најавува „чистење“ на институциите, за на крајот да ги замени старите партиски кадри со свои – овој пат претставени како „непартиски“, „стручни“ или „независни“. Формата се менува, суштината останува иста. Департизацијата станува само ново име за истата партизација.
Во држава каде што речиси 100 проценти од граѓаните се симпатизери, членови или барем тивки поддржувачи на некоја политичка опција, барањето „целосно независни луѓе“ е логички апсурд. Кај нас независноста најчесто постои во говори, стратегии и предизборни програми. Во реалноста, сите сме некаде наклонети.
Проблемот, меѓутоа, никогаш не бил дали некој е партиски човек. Проблемот е дали е човек со образ. Партиската книшка сама по себе не краде, не лаже и не ги уништува институциите. Тоа го прават луѓе без морал, без граница и без чувство на одговорност. И токму тука е суштината што упорно ја избегнуваме – затоа што е многу полесно вината да се префрли на партиите отколку на конкретните луѓе.
Често се слуша аргументот дека партискиот човек „мора да ја слуша партијата“. Тоа важи само ако станува збор за човек без карактер. Чесниот човек, без разлика од која партија доаѓа, ќе ја напушти функцијата во моментот кога ќе му се побара да го погази сопствениот образ. Ќе си замине, затоа што достоинството не се брани со молчење и компромиси.
Но токму таквите луѓе кај нас се реткост. Во општество каде што чесноста се смета за наивност, а корупцијата за „снаодливост“, системот природно ги исфрла луѓето со став и интегритет. Тие не се вклопуваат во матрицата.
Затоа и е илузија верувањето дека „ќе дојдат нови луѓе и ќе ја средат државата“. Нови луѓе доаѓаат постојано. Проблемот е што најчесто доаѓаат со стара цел – да се обезбедат за цел живот со државни пари, а дури потоа да зборуваат за реформи, принципи и иднина.
Државата не ја рушат партиите. Ја рушат луѓето без образ. И додека чесните се маргинализирани, а послушните наградени, партиските книшки ќе останат најмалиот проблем што навистина го имаме.