Фото: ЕПА

РАНГ-ЛИСТА НА „ДЕЛОИТ“

  • На годишната ранг-листа на „Делоит“ и понатаму води Реал Мадрид, а меѓу првите 10 има шест клуба од Англија

Реал Мадрид остана клубот со најголема заработка во светскиот фудбал во текот на сезоната 2024/2025, а Ливерпул првпат генерираше најмногу приходи во англиската Премиер-лига, според годишната финансиска листа објавена во четвртокот, пишува агенцијата „Ројтерс“. Шпанскиот клуб ја предводи листата на „Делоит“ со вкупно 1,16 милијарда евра приходи и покрај тоа што не ги освои ниту Ла лига ниту Лигата на шампионите (ЛШ), пишува „Ројтерс“.
Единствениот клуб што заработил повеќе од една милијарда долари во претходните две сезони, Реал Мадрид, во сезоната 2024/2025 имаше огромен пораст од 23 отсто во комерцијалните приходи, на 594 милиони евра, покажаа бројките на „Делоит“.
Долгогодишниот ривал и актуелен шампион на шпанската Ла лига, Барселона, е вториот најплатен клуб, со 975 милиони евра, враќајќи се меѓу првите три првпат по пет години. Шампионот на германската Бундеслига, Баерн, е трет, со приход од 861 милион евра, пред победникот на ЛШ, Пари сен Жермен, со 837 милиони евра, пишува „Ројтерс“.
Петтото место на Ливерпул на глобалната листа на пари, со 836 милиони евра приходи од сезоната во која ја освои Премиер-лигата, беше највисокиот резултат од кој било англиски клуб во 29-годишната историја на рангирањето. Манчестер сити е на шестото место со 829 милиони евра, по што следува лидерот во англиската Премиер-лига сезонава, Арсенал, со 822 милиони евра. Манчестер јунајтед, кој минатата сезона беше на 15. место во Премиер-лигата, сега е на осмото место по приходи со 793 милиони евра. Шест клуба од Англија влегоа меѓу првите 10 на глобално ниво, откако Тотенхем е деветти со 673 милиони евра, а Челси е на 10-та позиција, со 584 милиони евра.
Вкупно приходите за водечките 20 клуба на ранг-листата на „Делоит“ се зголемија за 11 проценти, на рекордни 12,4 милијарди евра. Комерцијалните приходи се зголемија на 5,3 милијарди евра, поттикнати од проширеното користење на стадионите во деновите кога не се играат натпревари, потоа од зголемените спонзорски договори и од подобрената малопродажба.
Приходите од натпреварите пораснаа најбрзо, за 16 отсто, на вкупно 2,4 милијарди евра, а приходите од емитување преноси се зголемија за 10 проценти, потпомогнати од проширеното клупско Светско првенство (СП) лани, пишува „Ројтерс“. Н.М.


ВОДЕЧКИТЕ ПЕТ НА ЛИСТАТА НА „ДЕЛОИТ“

Реал Мадрид 1,16 милијарда евра
Барселона 975 милиони евра
Баерн 861 милиони евра
Пари сен Жермен 837 милиони евра
Ливерпул 836 милиони евра