
Разговор со Ангела Тасеска, едукаторка на работилници за деца под ведро небо
- Сакам децата да ја почувствуваат природата како нешто свое, како место што ги учи да бидат внимателни, одговорни и благодарни. Сакам да знаат какви видови живеат кај нас, колку национални паркови имаме, зошто се важни секоја река, шума или инсект. Уште поважно, сакам да научат дека треба да се однесуваме со почит, љубов и со грижа кон секое живо суштество, вели Ангела Тасеска
Ангела Тасеска е еден од омилените ликови кај дечињата затоа што заедно со неа тие доживуваат необични авантури во природа и учат многу за растителниот и за животинскиот свет што ги опкружува. Таа живее во Струга, па работилниците што ги организира најчесто се случуваат во близината на градот или во околината на Охрид. Бевме љубопитни да дознаеме што е толку интересно на тие дружби во природа, па ја побаравме Ангела да ни раскаже.
Таа е дипломиран биолог, ентомолог и една од основачите на организацијата „Биодиверзитет за сите“. Работела во лабораторија, потоа била кустос-зоолог во Природонаучниот музеј „Д-р Никола Незглобински“ во Струга, како и во Националниот парк Галичица.
Изминативе години реализира голем број активности, работилници и програми за деца од различна возраст, со фокус на искуствено учење и непосреден контакт со природата. Поттикот да работи со деца произлегува од желбата да им ја пренесе љубовта што таа ја чувствува кон природата.
– Особено ме мотивираат децата од руралните средини, кои имаат природно богатство околу себе, но често немаат структуриран пристап за да го запознаат и да го вреднуваат. Целта ми е да ги поттикнам да ја сакаат природата, да ја истражуваат и да ги разберат природните вредности што ги опкружуваат – вели нашата соговорничка Ангела.
Секоја работилница – ново возбудливо доживување!
Нејзината цел, како што ни рече, е да создаде генерации што ја почитуваат и ја разбираат природата.
– Природата за мене е слобода, дом и начин на живот. Моето семејство отсекогаш се занимавало со земјоделство, па раното детство го поминав меѓу ниви и полиња. Иако тогаш не ја сфаќав целата убавина на тоа секојдневие, денес токму тие корени ја обликуваат мојата љубов кон природата – раскажува Тасеска.
Како активна планинарка и голема вљубеничка во природата, таа за неа претставува простор на мир, инспирација и вистинска слобода, нешто што се труди да им го пренесе и на децата со кои работи. Работилниците во природа се наменети за деца над пет години, а секоја средба со нив е мала авантура.
– Заедно истражуваме, набљудуваме, ги будиме сетилата и ја поттикнуваме креативноста кај децата. Секогаш се обидуваме да користиме природни материјали за да создадеме активности преку кои децата учат на најприродниот можен начин. Најчесто имаме и „мисија“ – задача што самите деца треба да ја решат, да пронајдат одреден вид, да забележат нечија трага, да откријат промени во природата или да состават нешто од материјалите што ги нашле. Тие моменти создаваат чувство на одговорност, тимска работа и самостојност. Понекогаш посетуваме и важни институции поврзани со природата – раскажува Тасеска.
Таа додава дека средбите со децата за неа не се само часови во природа туку и часови за живот, вредности, почит и за разбирање.
Љубов, почит и грижа за секое живо суштество!
– Сакам децата да ја почувствуваат природата како нешто свое, како место што ги учи да бидат внимателни, одговорни и благодарни. Сакам да знаат какви видови живеат кај нас, колку национални паркови имаме, зошто се важни секоја река, шума или инсект. Уште поважно, сакам да научат дека треба да се однесуваме со почит, љубов и со грижа кон секое живо суштество – потенцира Ангела Тасеска.
Природата им дава на децата простор да се соочат и да надминат различни предизвици на природен и безбеден начин. Преку активностите, тие учат да ја развиваат самодовербата, да се справуваат со стравови, како на пример од височини, вода или од непознати животни, и да ги надминат сопствените ограничувања. Исто така, преку тимски задачи и „мисии“ во природата, децата учат да соработуваат, да решаваат проблеми и да носат одлуки.
– Природата исто така ги поттикнува да ја развиваат емоционалната интелигенција: учат да ја почитуваат природата, да се грижат за живите суштества и да се разберат меѓусебно, што ги подготвува и за секојдневните предизвици надвор од училишната средина. Она што може да те научи природата, никогаш нема да те научи училиштето! – вели таа.
Квалитетно време поминато со децата
Сепак, таа е загрижена за тоа колку малку време македонските деца поминуваат во природа.
– За жал, во ова лудо време на технологија, голем дел од децата поминуваат премалку време во природа. Често мислат дека на нашите планини живеат лавови, мајмуни и слични егзотични животни, што покажува колку се оддалечени од вистинската природна средина околу себе. Ова е навистина тажно, затоа што децата не ја запознаваат својата околина и не ги ценат убавината и богатството на природата што ја имаат дома. Недостигот од контакт со природата ги ограничува во учењето за екосистемите, локалните видови и за вредностите на природата, а истовремено го намалува нивниот физички и емоционален развој – објаснува Ангела Тасеска.
Според неа, иако процесот е бавен, сепак родителите почнуваат да сфаќаат дека игротеки и стандардните активности повеќе не ги исполнуваат нивните деца и дека се потребни иновативност и контакт со природата.
– На секоја работилница, родителите со радост ги носат своите деца и често ги поздравуваат активностите. Можеби бројот на родителите што целосно го разбираат значењето на едукацијата на отворено уште не е голем, но секогаш треба да се почне од некаде. Преку позитивното искуство на децата, тие постепено се уверуваат дека престојот во природа е важен, забавен и корисен за развојот на децата – вели Тасеска.
Таа на крајот на нашиот разговор укажа на потребата децата што почесто да бидат во природа.
– Моја порака е да не се плашиме да излеземе надвор, секој престој во природа, без разлика на временските услови, е шанса за учење, игра и за заеднички моменти со децата. Природата е најдобриот учител и секогаш има нешто ново за откривање. Дури и дождот може да стане магична пригода, а снегот авантура полна со радост – порачува Ангела Тасеска.
Што е што…
биодиверзитет – разновидност на растителниот и животинскиот свет
ентомолог – познавач и проучувач на инсекти
кустос – лице специјализирано за уредување и чување музејски збирки
зоолог – специјализирано лице за проучување на животинскиот свет































