Фото: Маја Јаневска-Илиева

И додека ПМ 10 честичките со несмален интензитет секојдневно нѐ трујат сите, без разлика на политичката, социјалната или каква било друга припадност, политичките партии објавуваат нови и нови соопштенија, напаѓајќи и обвинувајќи се меѓусебно за состојбата со загадувањето на воздухот. Целокупниот простор де факто го загадуваат политичарите, и никој друг. Сведоци сме дека тие, наместо да се фатат за работа и заеднички да најдат решение во полза на граѓаните, постојано се обидуваат на секој проблем што ќе се појави да добијат политички поени обвинувајќи го другиот, тврдат аналитичарите

Не може со сигурност да се тврди дали е така насекаде по светов, ама кај нас политиката се користи како зачин или мирудија во секоја манџа, па дури и за прашања како што е енормното високо ниво на загаденост на воздухот, кое нѐ мачи сите. И додека ПМ 10 честичките со несмален интензитет секојдневно нѐ трујат сите, без разлика на политичката, социјалната или каква било друга припадност, политичките партии објавуваат нови и нови соопштенија, напаѓајќи и обвинувајќи се меѓусебно за состојбата со загадувањето на воздухот.
Притоа додека активистите мака мачат околу загадувањето на воздухот и бараат конкретни решенија од властите за енормно загадениот воздух во земјава, пласирајќи до јавноста свежи информации како да се заштитат граѓаните од опасните ПМ честички, но и што сѐ треба да се направи, партиите од власта и од опозицијата, служејќи се со дневно политикантство, преписки, обвиненија и соопштенија, едни наспроти други се кошкаат непотребно, наместо да се фатат за работа и да најдат решение. Вакви се некои од коментарите во домашната јавност по последните меѓусебни обвинувања на власта и на опозицијата за (не)квалитетот на воздухот каде што, иако загадувањето воопшто не е тема за хумор и сатира тие одат дотаму велејќи дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменат уште некое соопштение меѓу себе, доволно брзо на дневна основа, ќе се создаде струење па можно е и воздухот да се подрасчисти. Небарањето заедничко итно и сеопфатно решение за проблемот и секојдневните политички преписки и реплики, создаваат дополнителен револт и гнев кај граѓаните, тврдат екологистите и експертите. Тие се децидни дека за ефикасно намалување на загаденоста на воздухот е неопходно итно преземање сериозни мерки, а не одбегнување на одговорноста преку дневни преписки и политички обвинувања за тоа кој што сторил и направил во минатото.

– Мерките за заштита што ги предлагаат властите се апсолутно непрактични, дури и комични. Граѓаните треба и мора да ги користат своите граѓански права и можности, за да ги принудат институциите да спроведат нов национален мониторинг и да преземат сериозни и конкретни мерки за заштита на воздухот – вели професорот Јове Кекеновски.

Според него, во политичкиот вакуум што се создава за загадувањето на воздухот, од страна на власта и на опозицијата, се амнестираат институциите што, според него, е најдобар метод за оттргнување на вниманието на јавноста од проблемот.

– Целокупниот простор де факто го загадуваат политичарите на СДСМ и на ВМРО и никој друг. Сведоци сме дека тие наместо да се фатат за работа и заеднички да најдат решение во полза на граѓаните, постојано се обидуваат на секој проблем што ќе се појави да добијат политички поени обвинувајќи го другиот. Ниту едните, а уште помалку другите се способни да го решат проблемот.

Со дневните преписки само дополнително го иритираат населението, кое му е дојдено прекуглава од нив, а очигледно е дека решение за проблемот со воздухот народот ќе мора да си го бара на следните избори и никако поинаку – подвлекува Кекеновски.

Инаку, последна од низа преписки, кои беа лиферувани во јавноста на темата околу загадувањето на воздухот беше од страна на СДСМ. Партијата на власт вчера ги обвини политиките на ВМРО-ДПМНЕ во минатото дека биле погрешно водени во однос на денешната состојба со алармантното загадување на воздухот од кои граѓаните биле принудени да преминат на нееколошки начини за греење, кои дополнително го загадуваат воздухот.

– Освен што безмилосно го уништуваше зеленилото и ја загрозуваше животната средина, ВМРО-ДПМНЕ преку погубните политики во енергетиката, дополнително го поттикна загадувањето. За време на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ беше укината евтината дневна тарифа на струјата, а електричната енергија поскапе за 100 отсто. Тоа принуди илјадници граѓани да преминат на нееколошки начин на загревање што, пак, влијаеше за зголемување на загадувањето – посочуваат од СДСМ за воздухот.

На ова експресно реагираше опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го СДСМ за неспособност во својата политика од која Македонија станала најзагадена држава во Европа.

– Неславен рекорд рушиме и во загадувањето на воздухот со кое Владата не знае и не сака да се справи затоа што им се поважни бизнисите отколку здравјето на граѓаните – тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку се изанализираат меѓусебните упатени последни десетина, а може и повеќе преписки, но и соопштенија на власта со опозицијата на темата за воздухот, откако почна грејната сезона, може лесно да се донесе заклучок дека ги има во голем број, а од истите тие ретко кое може да се примени на терен, додека граѓаните во Македонија, особено во Скопје, се задушуваат во смог и магла, кои дополнително го отежнуваат дишењето во главниот град.