Секојдневните случувања во земјава и светот и годинава беа инспирација за креативните вевчанци на сатиричен начин да ја отсликаат годината што измина на традиционалниот вевчански карневал.
На дефилето под маски, што околу 15 часот одекна во Вевчани, покрај традиционалните зет, невеста, ѓаволите и Глупавите Августи, на сатиричен начин вевчанци ги прикажаа мигрантската криза, состојбата во судството, политичката состојба во државата, војната во Украина, запирањето пари и нафта од американскиот претседател Трамп за Куба… Големо внимание привлече групната маска во кампањата за локалните избори на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, како и кампањата на движењето ЗНАМ. Не беа заборавени ниту претседателите на Русија, Владимир Путин и на САД, Доналд Трамп, инвестиците во Дубаи, виртуелната министерка во албанската Влада, а во Вевчани „дојде“ и „Шареното племе“ од Африка да го избрка злото…
Карневалското дефиле, меѓу многубројните гости од земјава и светот, го следеше и премиерот Христијан Мицкоски, а за отворено го прогласи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Министерството за култура и туризам, според ресорниот министер, ќе продолжи да го финансира карневалот. Годинава, како и претходната, нагласи, беа наменети еден ипол милион денари, со надеж дека традицијата ќе продолжи уште илјадници години.
– Нешто што има традиција илјадници години не може да нема посебно значење и посебно место во македонската култура, посебно за еден ваков фестивал којшто ја третира слободната мисла, го третира хуморот, сатирата. И една од многуте важни работи е што ја третира критиката кон општеството, не само во македонското, туку во целиот свет – рече Љутков.
Уникатната вевчанска традиција втора година по ред ја следеше и претседателот на Федерацијата на европски карневалски градови, Ларс Алгел.
– Вевчанскиот карневал е нешто уникатно, традицијата е многу стара. Мислам дека е најстар Карневал во Европа. Бев овде минатата година и беше толку убаво. Моите сеќавања се прекрасни. Некои луѓе ме прашуваат што е најдобро? Најдобро е да се има уникатен карневал и со оваа традиција единствен во Европа, тоа е неверојатно – рече Алгел.
Градоначалникот Спасе Кочовски, пак, очекува уште едно успешно карневалско издание, со кое ќе ја испратат старата и новата ќе ја почнат со нова енергија.
Секое карневалско издание за вевчанци е доживување. По василичарското оро во центарот на селото, василичарите продолжија со посета на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година, а од домаќините се дарувани со луканци (колбаси), леб, пари и други дарови. Ноќеска, пак, василичарите, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските извори од каде полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Утре на верскиот празник Свети Василиј Велики одат по имендени во семејствата чии членови го носат името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повтори.
Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер во центарот на Вевчани со забава за која се задолжени Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски, Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“ и Перо Бели и групата „Вип“.
Манифестацијата почна синоќа со настапи на Влатко Лозаноски, рап-дуото „Пука козметика“ и „Брас брадрс“.











































































