Владата на денешната седница го усвои предлогот на Комисијата за номинирање кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија како надлежна институција ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати – професорот Сашо Георгиевски и адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошкова.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, како што информираат од владината прес-служба, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Владата на денешната 141. седница била информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права. Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како што информираат од владината прес-служба, ја презентирала Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
Комисијата за избор на кандидат на Република Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур во ноември минатата година ги предложи адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошковска и професорот Сашо Георгиевски да бидат испратени на разгледување до експертскиот панел на Советот на Европа.
Како што информираше претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски тогаш на прес-конференција, одлуката ја донеле врз основа на критериумите за висок морален углед, квалификации за судиска функција и признат правнички углед.
Покрај избраните, меѓу кандидатите биле Оља Ристова, Тони Менкиноски, Наташа Габер, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исени, Јелена Ристиќ и Ана Дангова Хуг.
Владата во јули минатата година ја поништи претходната предлог листа и формира нова Комисија за избор на кандидат за судија во ЕСЧП во Стразбур, која наместо претходните девет, брои пет члена и тоа претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, заедно со претседателите на Врховниот суд Африм Фидани, Основниот кривичен суд Даниела Димовска, Основниот граѓански суд Бесник Авдија и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Ирина Трајкоска Стрезоски.
































