Повторувајќи го барањето до Владата да прогласи вонредна состојба по поплавите во земјата, лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша упати несекојдневен апел до граѓаните.
– Каде и да видите министри, фрлајте јајца или домати по нив, тие се главната причина за вашите несреќи – рече Бериша на тркалезната маса на дел од опозицијата и граѓанското општество.
Бериша образложи и зошто опозицијата бара техничка влада за подготовка на слободни и фер избори, бидејќи тие повеќе не постојат.
– Нашата мисија е соборување на оваа Влада и слободни избори. И второ, да не се попречува правдата – рече Бериша во обраќањето на средбата на која и покрај повикот не присуствуваа претставници на четири поголеми опозициски партии.
На обвинувањата дека Ввладата е главниот виновник за поплавите, премиерот Еди Рама рече дека со ваква ситуација не се соочува само Албанија, туку и поширокиот регион.
Порача дека „дождот не престанува со клевети или протести туку со застанување на страната на граѓаните“.
– Потребно е трпение. Реакциите ја хранат нервозата, во ваква ситуација не се бараат имагинарни виновници, туку им се помага на вистински луѓе. Не им требаат клевети и теории, туку поддршка и здружување на силите. Оваа ситуација не ја зафати само Албанија, туку од Италија до Грција, Црна Гора и Косово, па дури и Турција – му одговори Рама.
Во меѓувреме, локалните власти на Драч упатија апел до жителите да избегнуваат непотребни движења и да бидат максимално внимателни, по најавата дека се очекува Драч да се соочи со силни ветрови во наредните часови.



































