Тамара Котевска, режисерка

По своите успешни премиери во Њујорк и Лондон, документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, ја доживеа својата свечена премиера во Скопје во Македонскиот народен театар (МНТ), каде што филмот првпат беше прикажан пред македонската публика. На настанот присуствуваше целата филмска екипа, а режисерка Тамара Котевска ја сподели својата возбуда со домашната публика.
– Овој филм настана без идеја дека ќе стигне толку далеку и настана за нашата публика. Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ми е мило што го видовте денес сите, што допрва ќе го гледа цела Македонија, бидејќи планираме да има премиери и проекции низ цела Македонија, во секој град, бидејќи сметам дека луѓето од помалите места и тоа како заслужуваат да го видат овој филм и воопшто да гледаат филмови, а немаат можност. Луѓето како Никола и неговата фамилија ми даваат смисла на животот и зошто правам приказни за нив. Сметам дека приказните, особено од подлабоките места во Македонија, од поскриените места, ми се особено драги да ги испромовирам и да бидам едноставно дел од сето тоа и дел од тие светови што изгледа дека се заборавени, но всушност се суштината на нашата култура и на нашиот свет и некако нè држат сите, ни ги држат корените на сите. Особено сум горда на оваа екипа што се бореше од почетокот до крајот без никакви финансии голем дел од времето. Многу подоцна дојдоа финансии и ваквите луѓе навистина заслужуваат буквално сè. Сакам да пратам и поздрав до кинематографот Жан Дакар, кој мораше да лета за Америка, моментално е на „Синема ај анорс“, каде што јас не можам да отидам бидејќи сум тука. И за крај, посакувам некои работи што ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но исто така посакувам некои други да не се сменат никогаш! – рече таа во својот емотивен говор во салата на МНТ.