Реконструкција на трите лабаратории и платото пред влезот, набавка на современа опрема, едукација на доктори и акушерки се само дел од реализираните проекти на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во рамките на процесот на реконструкција и набавка на нова опрема.
На промоцијата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Клиникиката Ирена Алексиоска Папестиев.
За реновирање на Клиниката, според премиерот, биле инвестирани 34-35 милиони денари, а за опрема 75 милиони денари или вкупно 110 милиони денари.
– Вкупно околу 110 милиони денара се вложени во оваа болница, во овој објект. И тука не застануваме како Влада, продолжуваме и понатаму. Нашата цел е да го јакнеме јавното здравство, граѓаните да добијат јавно здравство, онакво какво што заслужуваат – рече Мицкоски.
Тој испрати порака до младите да се одлучат, да се реализират како родители, да се раѓаат што е можено повеќе бебиња.
-Денеска видовме една статистика, за која што јас често пати зборувам во јавност, од 2016-та до 2024-та имаме за 6.000 помалку родени бебења. Ако е една училница од 20 ученици, тоа значи сега имаме 300 празни училници, и ако е една училница долга 20 метра, имаме 6 километри празни училници. Од прилика, вака изгледа изумирање на една нација. Ако на некој тоа не му е јасно, јас би сакал преку бројки да кажам колку и да бидам критикуван. Јас ќе продолжам со ова што кажувам, затоа што мислам дека за бадијала ние правиме училишта, градинки, игралишта, улици, булевари, автопати, и се, ако нема кој тоа да го користи – подвлече премиерот.
За министерот за здравство Алиу, секоја постапка од животот е битна, но најбитен е првиот чекор, односно институцијата каде што се раѓаат животите. Тој изрази задоволство што институцијата во која се раѓа нов живот, веќе има и применува соодветна инфраструктура.
Тој најави дека во 2026 година ќе биде воведен дигитализиран систем кој што ќе ги анализира сите процеси на директорите во универзитетските клиники забележувајќи дека менаџментот на ГАК одлично се покажал во управувањето со институцијата.
Директорката на ГАК Алексиоска Папестиев посочи дека денешниот настан е потврда за правецот кон кој се движи Клиниката во постојано подобрување на условите за поквалитетен третман, диагностика и грижа на женското здравје.
– Отварањето на обновените одделенија и реконструирањето не претставува само еден завршен дел на градежниот процес, туку е резултат на една систематска работа, одговорно планирање и заедничка посветеност на целиот медицински и административен тим на оваа Клиника, кој што има цел да создадат услови за подобра зраствена заштита на граѓаните на нашата држава – рече Алексиоска Папестиев.
Со завршување на проектот, според неа, биле реализирани повеќе годишни инфриструктурни предизвици и создаден е дел кој што ќе овозможи поефикасна работа, пациентите да бидат позадоволни на оваа клиника.
-Изминатата година инвестицијата на нашата Клиника не само што го промени ликот на истата, туку сметам дека ја промени и суштината. Покрај тоа што беа реновирани платото, главниот хол, целиот специјалистичко-консултативен дел, каде што се вршат около 73.000 прегледи годишно, беа реконструирани трите лаборатории, и тоа лабораторијата за биохемиска и имунодиагностика, за молекуларна диагностика и ХПВ – типизација, како и лабораторијата за цитогенетика – појасни директорката.
Покрај инфраструктурните промени, додаде, дека била набавена сериозна современа опрема и вложено во едукација на 21 доктор и 15 акушерки, кои своето знаење го пренеле на савоите колеги и го примениле со воведување на четири нови дијагностички методи.
-Беше отворен и офиски стероскоп, кабинет, каде што, ќе бидат третирани пациенти кои што предходно биле интрахоспитално примени, и за кои што имало потреба од анестезија, а сега ќе бидат третирани амбулантски, со што значи дека листата на чекање на овие пациенти ќе биде намалена и ќе може многу повеќе да се спроведува. Бројките исто така го говорат, затоа што минимално инвазивната хирургија и до девет пати за тотална лапароскопска хистеректомија е зголемена. Ако во 2023 се вршеле само 10 операции на овој начин, веќе лани се извршени 120. Тоа што најмногу ме радува е што по реобновувањето на школата за психосоцијалната подготовка на бремени пациентки и воведување на безболното породување повторно надминува 4000 раѓања оваа година. Пред малку се породи 4026-то дете што значи дека оној тренд на пад на раѓања на нашата Клиника го намаливме И јас искрено се надевам дека повторно младите ќе се охрабрат повеќе да раѓаат во нашата држава – додаде Алексиоска Папестиев и ја нагласи важноста на сите вработи во Клиниката кои придонесуваат пациентите да се чувствуваат задоволни.
За идната година најави дека е предвидено изградба на операциона сала и лифтови, кои се очекува да бидат готови во февруари, како и обнова на инвитро одделот кој се очекува да биде готов до април следната година.
































