Со отворањето на ретроспективната изложба „Меѓу реалноста и сонот“ на Кирил Ефремов, Националната галерија успешно ја заокружи 2025 година со програмските содржини поддржани од Министерството за култура и туризам. Јордан Ефремов, професор на Ликовната академија при универзитетот „Гоце Делчев“, Штип, син на Кирил Ефремов, и кураторот на изложбата, Горанчо Ѓоргиевски, се обратија пред многубројната публика.
Во годината што изминува беа презентирани редица ретроспективни, самостојни и групни изложби во објектите на Националната галерија, како и меѓународни претставувања на македонската ликовна уметност во Софија, Белград, Тирана, Истанбул, Загреб, Атина. Со исклучително залагање на менаџерскиот тим, колегиумот од секторот за идентификација, заштита, ревитализација, презентација и популаризација на движното културно наследство, безрезервната логистика на Одделението за дизајн и маркетинг, како и техничката екипа и сите други, претставивме околу 40 програмски проекти на македонската модерна и современа уметност.
– Крајот на годината или почетокот на наредната нека биде во духот на уметноста, посетете ја ретроспективната изложба на Кирил Ефремов во „Даутпашиниот амам“ и уживајте во надреално-фантастичното сликарство, кое има посебно значење во поширокиот контекст и развојот на македонската современа ликовна уметност, потоа, „Лица“, изложбата на Ангел Коруновски во Мала станица и вонпрограмскиот проект во „Чифте-амам“ со наслов „Рефлексии“, поглед кон творештвото на Ратка и Димче Протугер – велат од НГМ.
































