Крадци на историјата, ќе бидете испратени во историјата!
- Во полицискиот билтен од 26.12.2025 стои дека во 11 часот, истиот ден, во СВР-Скопје било пријавено дека од Градскиот парк на подрачјето на општината Центар во Скопје била украдена бистата на народниот херој Вера Јоциќ. Сторителите засега сѐ уште се непознати. Но она што е познато – тоа се инспираторите!
- Доста е. Навистина – доста е! Кражбата на бистата на Вера Јоциќ не е обична кражба и не е минорен инцидент. Тоа е длабок удар врз македонската меморија, врз она најсвето што го имаме – сеќавањето на положувањето на животот за ова што го имаме денес, сеќавањето за борбата, за положените жртви и за слободата. Кога се краде биста на народен херој, не се краде метал. Се краде спомен, се краде историја, се краде идентитет, се краде достоинство!
Вера Јоциќ не е име за во фуснота. Таа е живот даден за Македонија. Таа е младост што не дочека зрелост затоа што избра слобода. Таа е една од оние за кои поетот Ацо Шопов ја напиша песната „Очи“ – песна што не е само поезија туку сведоштво, клетва и аманет. Аманет наречен Вера Јоциќ.
„Три дена на раце
те носевме збрана,
со тага и болка
на погледот срчен,
и секоја капка
на твојата рана
ко крвава жар
ни капеше в срце“.
Овие стихови не се
метафора. Тие се историја. Тие се вистина. Тие се наш мотив и поттик.
„Но јас знаев оти пак
ќе вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат…“
Вера Јоциќ не била само борец. Таа била дух, искра, пламен!
Вера Јоциќ била заменик-политичка комесарка на Третиот кумановски партизански одред и на баталјоните „Орце Николов“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“, а од 24 февруари 1944 година и на Првиот баталјон на Третата македонска народноослободителна ударна бригада. Учествувала во Пролетната офанзива во мај и јуни 1944 година, кога македонските единици се пробивале кон Беласица и Егејска Македонија. Кај селото Страцин, на 20 мај 1944 година, била тешко ранета во борбите за пробив на обрачот од бугарските војски. По три дена носење, починала кај селото Саса, Делчевско – на само 20 години. Дваесет години. Денес на тие години се прават планови. Таа тогаш ја даде душата за својата земја – Македонија.

„…ти чело збрчка,
ко тигрица рипна
и летна во ноќта
крвава и црна…“
Ете тоа е Вера Јоциќ.
Доста веќе ни се одзема!
И токму затоа, кога денес некој ја краде нејзината биста, тој не краде бронза. Тој се обидува да ја избрише таа жртва, тој сака да нè плаши дека меморијата може да се стопи и да се продаде.
Тоа не смее да се дозволи!
Со години Македонците чувствуваат и сведочат дека нешто им се одзема – тивко, постепено, „културно“. Прво зборовите, потоа вистината, потоа симболите. И секогаш ни се вели да бидеме мирни, разумни, трпеливи. Но еве нè денес – дојдовме до точка кога ни ги крадат и хероите.
Доста е!
Ова е тешко дело против општеството и неговите темелни вредности
Овој текст не напаѓа. Овој текст остро апелира. Апел до институциите – ова дело мора да се третира со целата сериозност што ја заслужува. Кражбата на споменик на народен херој не смее да биде сведена на обична кражба. За вакви дела мора да постојат строги казни, како за тешки дела против општеството и неговите темелни вредности.
Апел до надлежните – бистата мора да се пронајде и да се врати на своето место. Не замена, не импровизација, туку враќање – како чин на почит и како порака дека Македонија ги чува своите херои.
Апел до народот – да не молчи. Зашто молкот е најкраткиот пат кон заборавот.
„И видов! о видов
– кога бојот почна
развихреа сите
со твојата сила…“
Денес бојот не е со пушки. Денес бојот е за меморијата. И токму затоа, кражбата на бистата на Вера Јоциќ мора да биде момент кога ќе кажеме – доста е од навикнување, доста е од релативизирање, доста е од тивко прифаќање.
Да се врати бистата.
Да се заштитат симболите.
Да се зачува споменот.
Зашто народ што ги чува своите херои и својата историја – ја чува и својата иднина!
Потсетување на некои статии во „Нова Македонија“, и во печатеното издание и на порталот
…Статија од 2012 година по повод уништувањето на бистата на поетот Анте Поповски во Струга…
Неодамнешниот инцидент во Струга со откорнувањето на бистата на поетот Анте Поповски и нејзиното фрлање во водите на Охридско Езеро на денот на неговата смрт, како и обидот истото тоа да се направи и со бистата на Славко Јаневски, е многу повеќе од обичен вандалски чин… Академик Катица Ќулафкова во уништувањето на бистата на Анте Поповски на денот на неговата смрт препознава јасно упатена порака, која е само едно камче од мозаикот што полека се склопува.
– Секако дека станува збор за порака. Многу предвидливи работи ни се случуваат, а ние се шокираме. Сè треба да се стави во контекст, во еден систем. Ако вие ги склопите коцкичките, ќе видите дека тоа е една од последните работи што ни се случуваат, значи Струга повеќе не треба да биде симбол на културна историја на Македонија. Основната цел е тој град да се ребрендира како огниште на албанската култура, па сега ние се чудиме, се шокираме, а ништо не преземаме превентивно – нагласува Ќулафкова. Склучуваме договори со кои отстапуваме сè што е наше. Тоа почна со територијалната реорганизација, можеби и порано, со конфликтот во 2001 година, но територијалната реорганизација ги озакони тие работи и создаде услови. Во прашање е систем, процес што дури е во последна, завршна фаза – вели Ќулафкова.
…Статија од 2019 година по повод вандализирањето на споменикот на македонската партизанка и учесничка во НОБ, Вера Циривири-Трена, и „Споменикот на децата бегалци“ во паркот „Жена-борец“…
Последните настани што се случија по големиот празник 11 Октомври, кога беа вандализирани споменикот на македонската партизанка и учесничка во НОБ, Вера Циривири-Трена, во истоименото училиште во Карпош 2, и „Споменикот на децата бегалци“ во паркот „Жена-борец“, ги вознемирија граѓаните, но и членовите од Сојузот на борците на Македонија. За настанот во училиштето, Општина Карпош информира дека во временски период од само неколку дена, неколкупати се уништува спомен-обележјето на Вера Циривири-Трена. Некои од граѓаните советуваа да се постават камери за да се заштитат спомениците. Заштитата на спомениците е сериозно прашање, кое надлежните треба да го разгледаат што поскоро.
.
…Статија од 2022 година во врска со вандализирањето на споменикот на Гоце Делчев и крадењето на бистите на Никола Вапцаров и Коле Неделковски од Градскиот парк…
Непознати сторители пред неколку дена го вандализирале споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје. Со спреј во неколку бои се исчкртани постаментот на споменикот и плочникот пред него. Некоја недела претходно биле украдени бистите на Никола Вапцаров и на Коле Неделковски од Градскиот парк, а исчезнала и спомен-бистата на Невена Ѓорѓиева-Дуња од училиштен двор во Кисела Вода. И не само што се кршат, спомениците во многу градови во земјава честопати се шараат, се уништуваат и се крадат бисти на познати борци од НОБ. За жал, многу од сторителите поминуваат неказнето.
…Статија од 2025 година во врска со кражбата на споменикот на Крсте П. Мисирков и оштетувањето на бистата на Кочо Рацин…
Во Градскиот парк кај бараките на Град Скопје е украден споменикот на Крсте Петков Мисирков, додека спомен-бистата на Кочо Рацин била оштетена. До полицијата исто така имало пријава дека од дворот на училиштето била одземена спомен-биста на Ѓорѓија Пулевски…
Редакција „Нова Македонија“
































