ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (374) Од ракометното минато (5)
- Интересно е оти во градот под Тумбе Кафе, кој и денес е наш ракометен центар, прво девојките почнале организирано да играат голем ракомет. Блага Митрева била прва што ги анимирала битолчанките за новата игра
Ракометот кај нас има интересна историја. Откако прво големиот ракомет почна да се игра во Скопје, потоа тој се прошири и во Битола. Но за разлика од Скопје, во градот под Тумбе Кафе, благодарејќи на ангажирањето на Блага Митрева, ученичка во Економскиот техникум, и девојките почнаа да се занимаваат со овој спорт. Многумина ќе се прашаат од каде, пак, Блага знаела за ракометот. Е, тука приказната станува интересна. Но за тоа како Блага пројавила интерес за ракометот повторно е виновен Славко Матовски, пионерот во овој спорт во Македонија. Имено, по успешната анимација на младите, пред сѐ неговите другари од СД Работнички, покрај активностите во другите спортови да почнат да играат и голем ракомет, Славко истото тоа го направил и во Битола.
Во првите повоени години примарно во новата идеолошка платформа на фискултурното движење било младите да се занимаваат со што повеќе спортови. Можеби затоа и не е чудно што многу од нив во почетокот истовремено биле и фудбалери, и кошаркари, и атлетичари. Битно било да се вклучат во спортските активности, а потоа секој според своите афинитети да оди во оној спорт што најмногу го привлекува. Откако виделе со каков ентузијазам Славко Матовски е посветен на работата, одговорните во ФИСОМ (Спортскиот сојуз на Македонија) решаваат првиот дипломиран дифовец да го испратат во Битола, за да раководи со тукушто отвореното шестмесечно фискултурно училиште. Тој со тешко срце ја прифатил оваа задача, зашто во Скопје веќе ги постави основите за натамошен развој на спортот, особено големиот ракомет. Но со оглед на фактот дека станувало збор за дефицитарен кадар, одлуката на одговорните во ФИСОМ морала да се почитува. На младата држава во развој ѝ биле потребни обучени профили кадри, кои би се вклучиле во работата на спортските клубови, а истовремено би работеле на програмата за реализација на часовите по фискултура во училиштата. Со еден збор, првиот наш дипломиран дифовец требало да биде движечката сила на спортската сцена.
Големиот ракомет се втемелува и во Битола
Со доаѓањето на Матовски во Битола, покрај оние секојдневни задачи во фискултурното училиште, тој работи на втемелување на големиот ракомет и во градот под Тумбе Кафе. Во тоа успева, и тоа многу брзо, и што е поинтересно овде почнува и ерата на женскиот ракомет во Македонија. Среќна околност била што тука ја запознава Блага, која била ученичка во Економскиот техникум, а истовремено била главна промоторка на новата игра меѓу женската младина. Двајцата, Славко и Блага, изготвуваат проект за формирање женски ракометен клуб, кој поради големото интересирање на младите девојки лесно можел да се реализира. Така, во ракометната историја на Македонија останува запишано оти женскиот ракомет на нашиве простори прво почнал да се игра во Битола, па дури потоа се проширил и во другите градови. Инаку, првиот натпревар во женска конкуренција се одиграл на 1 април 1950 година на Градскиот стадион во Скопје. Тука настапиле две битолски екипи, онаа на Економскиот техникум и на битолската гимназија. Предводена од Блага Митрева, екипата на Економскиот техникум победил со 2-1. Судија на овој натпревар бил Славко Матовски, а најдобра поединка била Блага, која подоцна му станала сопруга на Славко. Така, покрај тоа што Славко и Блага биле ракометен, станале и брачен тандем. И сега, кој ќе каже оти судбината не постои. Ако Славко по директива на ФИСОМ не дојдеше да работи во Битола, двајцата можеби немало да се запознаат. Ете, тоа е судбина.
Сега е момент да кажам оти спортското семејството Матовски се комплетира и со синот Илија, кој своевремено беше еден од најдобрите скијачи на вода. Тој и, за жал, покојниот Иван Лесевски беа најмаркантните наши личности во овој атрактивен спорт, а беа и шампиони во слалом на вода во поранешна Југославија.
Откако видоа во каков залет е ракометниот спорт во Македонија и луѓето од Ракометниот сојуз на Југославија сакаа да дадат целосна поддршка, како стручна така и финансиска, за што побрз и квалитетен напредок на македонскиот ракомет. Од таа причина чести биле доаѓањата на стручни лица, прво од Загреб, каде што „хазената“ прва почнала да се игра на поранешните југословенски простори, а потоа и од Белград, каде што беше седиштето на сите спортски сојузи. Тие одржувале семинари на кои ги пренесувале своите знаења на младите тренерски кадри што биле заинтересирани за новиот спорт. Токму по повод еден таков семинар на кој предавач бил истакнатиот ракометен стручњак, истовремено и секретар на РСЈ, Марјан Фландер се одиграл и оној прв женски натпревар во Скопје. Според пишувањето на Матовски, тој бил импресиониран од квалитетот на ракометарките и предвидел добра иднина во овој спорт меѓу женската младина.
Работнички прв шампион на Македонија
Откако големиот ракомет доби голема популарност, се создадоа добри услови од натпреварувачки аспект да се направи нешто поголемо. Затоа, сите оние што биле вклучени во новиот спорт биле едногласни оти е неопходно, заради одржување на растечкиот тренд, да се организираат и турнири за да се добие и првиот шампион на Македонија. За ова многу не се чекало и во 1950 година се одржале два републички турнира, едниот во Прилеп, вториот во Скопје. Победниците од овие турнири потоа требало да се сретнат во финалната пресметка во Битола.
Градот под Марковите Кули, кој со време прерасна и во ракометен центар, беше успешен организатор на едниот полуфинален турнир, во почетокот на 1950 година, на кој учествувале екипите на Работнички, Фискултурното училиште од Битола, Работник од Битола, кој овде настапил под името Младост (таква била желбата на ракометарите) и домаќинот на турнирот Гоце Делчев. Се играло по куп-систем, па, така, во првиот натпревар Работнички ја победил екипата на Младост, а Фискултурното училиште било поуспешно од домаќинот Гоце Делчев. Во финалето Работнички го совладал Фискултурното училиште дури со 17-2 и се пласирал за финалниот натпревар, кој требало да го даде првиот републички првак.
Истовремено во Скопје се одржал и вториот полуфинален турнир. Овде екипата на Железничар од Титов Велес во завршната средба го совладала фаворизираниот Студент од Скопје, со што изборил виза за настап во финалната пресметка.
Во финалето, кое се одржало следната недела, на 23 април, во Битола, Работнички му нанел пораз на Железничар со 15-2 и ја освоил првата титула првак на Македонија, но не во лигашки, туку во куп-натпревари. Интересно е оти победничката екипа, според документацијата на Матовски и на другите архивски материјали, била составена од играчи на просечна возраст од 18 години. Тоа укажувало на фактот оти меѓу младите постои не само големо интересирање туку и квалитет, што било многу значајно за натамошниот развој на ракометниот спорт.
Почеток на лигашките натпревари
За да се добие официјален првак на Македонија во голем ракомет, по урнек на другите југословенски републики, и кај нас се воведува лигашки систем на натпревари. Тоа ги мотивирало екипите, но истовремено и ги загрижувало. Имено, за да се издржи еден таков систем на натпревари биле потребни повеќе средства, требало да се бара и ослободување на учениците од наставата, а на вработените од работните места. За да се постигне сето тоа, било потребно да се има една навистина солидна клупска машинерија. Но и овде ентузијастите ја одиграа главната улога. Со несебично залагање трчале на сите страни и обезбедувале за тоа време нормални услови за работа. Некако лигашките натпревари влегле во колосек, што било охрабрувачко за сите вклучени во ракометот. Меѓутоа, мора да се напомене дека и покрај огромните напори на спортските работници, сепак, се случувало некои натпревари да не се одиграат, па така, доаѓало до нарушување на целиот натпреварувачки лигашки систем. Меѓутоа, првата година како-така поминала, а врз база на одиграните средби и постигнатите резултати, била формирана и табелата на првата сезона одиграна по лигашки терк. Според неа, шампионската титула му припаднала на Работнички, кој бил најорганизиран клуб и кој имал голема поддршка од целото спортско друштво.
Интересно е да го погледнеме изгледот на првата табела од шампионатите на Македонија во голем ракомет: Работнички бил прв со одиграни три средби и освоени шест бода, на второто место се пласирал Милиционер од Скопје со три средби, но со еден пораз и четири бода. Трети биле ракометарите на Студент со одиграни два натпревара и со два бода, зад нив на четвртата позиција биле ракометарите на Минчо Малиминов со два бода, а на следните три места се пласирале екипите на Работник од Битола, Црвена звезда од Т. Велес и Гоце Делчев од Прилеп, со по еден загубен натпревар и без бодови. Ако забележувате, сите клубови доаѓаа од градовите што подоцна станаа центри во кои почна да се развива и малиот, всушност овој денешен ракомет.
































