Многу сопственици на кучиња го толкуваат лижењето како израз на љубов – кучешки бакнеж. Меѓутоа, експертите за однесувањето на животните предупредуваат дека овој гест има многу подлабоко значење и дека не го кажува секогаш она што го мислиме. Лижењето може да биде знак на наклонетост, но и на комуникација, стрес, па дури и обид кучето да ја смири ситуацијата.
Лижењето е прво однесување што кучињата го учат – уште додека се мали, мајката ги лиже за да ги исчисти и да го стимулира дишењето. Подоцна, тие ја лижат мајката околу устата за да побараат храна или внимание. Тој инстинкт подоцна го пренесуваат и на луѓето, како дел од својата комуникација.
ТОА НЕ МОРА ДА БИДЕ ИЗРАЗ НА ЉУБОВ
Значи, кога вашето куче ве лиже, тоа не мора да биде израз на љубов, туку однесување што произлегува од вроден рефлекс поврзан со врската, грижата и препознавањето на хиерархијата. Може да биде и знак на приврзаност, но и на комуникација. Се разбира, лижењето може да биде и знак на наклонетост и доверба. Кучињата често ги лижат сопствениците затоа што ги поврзуваат нивниот мирис и вкус со сигурност и позитивни емоции. Сепак, тоа не е исто како човечкиот бакнеж – кучето не ја разбира љубовта на ист начин како ние.
Во кучешкиот свет, лижењето е гест со кој се изразуваат почит и потчинување. Кога кучето го лизнува сопственикот, тоа може да покаже дека му верува и ја прифаќа неговата улога на „водач на глутницата“.
Лижењето може да значи и барање внимание. Кучиња често лижат и кога се вознемирени или сакаат да ја смират ситуацијата. Етолозите (стручњаци за однесувањето на животните) објаснуваат дека лижењето е форма на смирувачки сигнал – начин кучето да покаже дека не претставува закана.
Исто така, ако кучето ги лизне вашите раце или лице откако сте го игнорирале, тоа може да биде повик за внимание, обид да започне интеракција, игра или да добие нежност.
ЗДРАВСТВЕНИ ПРИЧИНИ И НАВИКИ
Во одредени случаи, претераното лижење може да биде знак на анксиозност, здодевност или здравствен проблем. Кучињата понекогаш развиваат опсесивно лижење поради стрес, алергии или иритација на кожата. Ако забележите дека кучето постојано се лиже самото, предмети или вас, добро е да се обратите кај ветеринар – понекогаш причината може да биде физичка, а не емоционална.
Зошто кучињата го сакаат вкусот на човечката кожа? Уште една причина е едноставна – мирис и вкус. Човечката кожа содржи сол, природни масти и мириси, кои можат да им бидат интересни или пријатни на кучињата. По физичка активност, кучето може да ги лиже вашите раце или нозе бидејќи ја чувствува солта од потта, која му е привлечна. Тоа, секако, не значи дека „го сака вкусот на вас“ во романтична смисла, туку дека вашата хемија го интересира како дел од истражување на околината.
Лижењето е природно однесување, но не е секогаш посакувано. Претераното лижење може да биде непријатно или нехигиенско, особено ако кучето ви ги лиже лицето или раните. Експертите советуваат да го одвратите кучето нежно и да го насочите неговото внимание кон играчка или команда. Конзистентното поставување граници ќе му помогне на кучето да научи кога таквото однесување е прифатливо.

































