Заокружување успешна година и 20 години успешна кариера

Познатиот македонски музичар, автор и изведувач Јордан Митев неуморно работи веќе цели 20 години на својата професионална кариера. Благодарение на својот ангажман, но и на верната публика, две децении изведува своја авторска музика и реди безвременски хитови, кои се составен дел од македонското музичко наследство. Тој зад себе остава година во која неуморно секојдневно работеше дома, но и во светот, за сите наши вистински љубители на македонската песна. Година во која заокружува 20 години кариера, во која се бројат албуми, хитови, настапи, емоции… И токму така емотивно во една од најуспешните години за него, на професионален, но и на приватен план, ја изненадува публиката со нова песна посветена на својот штотуку роден син…
– Дваесет години се многу, а сепак малку. Годината сепак има само 365 дена. Ми фалат денови за уште некоја отпеана песна, за уште барем еден одржан концерт, секој ден ми е музика. Благодарен сум му на Бога што овие дваесет години си ја имам својата публика. За таа публика вреди да се создава, да се компонира, да се пее, да се живее…, па кога функционирате со публиката како едно, тогаш и дваесет години ви проаѓаат брзо. Публиката и семејството се двигателите и за наредните 20 и тие по нив. Среќен човек сум јас штом ги имам и едното и другото. Со доаѓањето на свет на мојот син Кристијан го добив највредниот подарок за 20 години од мојата кариера. И токму оваа песна „Сине, сине мој“ доаѓа во вистинско време како еден печат на веќе од мене потпишана музичка историја – вели Митев.

Песната веќе има илјадници прегледи на Јутјуб иако е поставена само неколку дена, што го потврдува фактот дека публиката е жедна за уште една негова музичка мајсторија. Иако е голем и значаен јубилеј за славење – 20 години успешна музичка кариера, Митев нема време за славење. Напротив, има ангажмани на кои секогаш максимално им е професионално посветен…
– За новогодишните празници сум во Швајцарија, ме очекуваат прекрасни празници со нашите македонци, за Бадник и Божиќ сакам да бидам дома со семејството, а потоа повторно сум со нови веќе закажани концертни настапи, па одам за Канада. На јубилејот 20 години кариера работам како да ми е прв ден, ама мора да се испочитува публиката и да се стигне секаде. Тоа ме исполнува и ме прави среќен, ќе има време за славење – вели Митев и ветува уште многу години дружење со убава македонска песна, нови албуми и хитови во неговиот препознатлив весел дух.