Ретроспективна изложба на академскиот сликар Кирил Ефремов ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во Даутпашиниот амам. Насловот на изложбата е „Меѓу реалноста и сонот“. Кирил Ефремов (1938-2020, Штип) своето присуство во македонската уметност го најави во почетокот на 1960-тите години. Сликарство завршил на Училиштето за применета уметност (проф. Лазар Личеноски и други), а академија на ликовни уметности прв степен во Белград. Во почетокот на своето творештво и последователно ја потврди својата определеност за предметното творештво во временски периоди кога доминираа енформелот и апстрактната уметност.
– Неговата ориентираност кон сликарство со надреално фантастични карактеристики ќе биде поттикната од сликарите на белградскиот круг, особено припадниците на групата „Медиала“, која се залагаше за концептот на „интегрална слика“, со теоретски претпоставки во контекстот и релацијата на современата уметност во однос на традицијата. Таквиот став ги отсликуваше извесните противречности во модерната уметност, со нагласка на барањето на синтетичната уметност и универзалната личност на уметноста што треба да содржи филозофски, етички и сознајни премиси. Ефремов на свој начин го изрази немирот на тој временски период внесувајќи иреалност и романтичен дух во своето сликарство. Следува период на интензивно барање нов „релационизам“ во врска со класичната и модерната уметност, меѓу реалноста и фантазијата. Покрај големите сеопфатни теми на денешницата, Ефремов е длабоко поврзан со домашниот амбиент и традиција, со еден специфичен свет на „личната митологија“. Тој вложи напор да ја прошири тематиката на метафоричното, како и на алегориското сликарство, обработувајќи исто така и теми од националната историја. Во духот на отвореноста и љубопитноста кон нови искуства и сознанија, Ефремов во 1970-тите години се свртува кон некои идеи и решенија на Салвадор Дали и поп-артот, со разновидни модалитети на фигуративното со елементи на новата фигурација и на фотореализмот. Еротиката и психолошките моменти, изразноста и „грчевитата убавина“ со примери од ренесансното сликарство и модернизмот станаа негови опсесивни теми. Со не помал интерес Ефремов обработува теми и проблематика од современиот свет, фасциниран со секојдневното поставено во неочекувани односи и со универзални значења. Значајна беше неговата општествена и професионална активност (меѓу другото бил претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија), особено обемната изложба организирана во Уметничката галерија (денес Национална галерија) во 1984 година – се наведува во најавата за изложбата.
Творештвото на Кирил Ефремов во доменот на надреално фантастичното сликарство има посебно значење во поширокиот контекст на македонската уметност. Изложбата е ретроспективна изложба низ која публиката ќе има можност да ги согледа во целина творештвото и развојниот пат на Кирил Ефремов, укажувајќи на неговото место и значење во развојот на македонската современа ликовна уметност. Автор на текстот на монографското издание е проф. д-р Владимир Величковски, куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски.
Кирил Ефремов е роден во 1938 година, во Штип. Сликарство завршил во Училиштето за применета уметност во класата на Лазар Личеноски во Скопје и на Академијата за ликовни уметности во Белград. Бил член на ДЛУМ од 1966 година и негов претседател во периодот 1995–1997 година. Остварил студиски престои во Франција, Италија и во Швајцарија.
































