Илустрација: „Нова Македонија“
  • Македонија бара да завладеат меѓународното право и здравиот разум. Ако Грција инсистира на доследно спроведување на Спогодбата од Нивици, за што очигледно троши големи пари за лобирање во европски рамки (затоа што во основа тој договор е меѓународно противправен и неговата одржливост се прави вештачки – преку финансиски инфузии), Скопје треба да се држи до единствениот разумен аргумент, а тоа е меѓународното право. Пред овој аргумент паѓаат во вода сите забелешки, реакции, предупредувања и притисоци на кои земјава суптилно е изложена. Колку и да се моќни тие земји, Грција, Бугарија и нивните европски сојузници што го прават притисокот, борбата за враќање кон меѓународното право е најважна бидејќи само со повторно воспоставување на меѓународноправните алатки има реална шанса да се креираат предвидливи (природно и правно) нормално одржливи состојби

Без оглед на вербалната поддршка што Грција ѝ ја дава на Македонија во делот на евроинтеграциите, во пракса таквата поддршка не може да се забележи, но она што може да се констатира е дека официјална Атина уредно ги нотира секоја изјава и секој потег на македонските власти што не се според нивните проекции.
Така може да се протолкува и неодамнешната реакција на грчкото МНР поврзана со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој реплицирајќи на постојаните забелешки на опозицијата зошто не го враќа името на државата одговори дека името е вратено така што секој може слободно да го употребува и без географската одредница, што впрочем сега го прави и опозицијата.
Во соопштението објавено на официјалната страница на грчкото МНР се нагласува дека меѓународните договори не дозволуваат де факто ситуации и нивната примена мора да биде униформна и универзална.
– Напредокот во билатералните односи со С. Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседот бараат строго придржување до договорите и почитување на принципот на добрососедски односи… Преспанскиот договор е дел од меѓународното право и неговото почитување е основа за мирен соживот на народите и државите – се вели во реакцијата.

Македонија сака да завладеат правото и здравиот разум

И ако работа на грчките институции е да реагираат во согласност со нивната агенда, односно да работат на максимизирање на придобивките од Преспанската спогодба, работа на македонските политичари е постојано да дејствуваат и да инсистираат на именување на работите со нивното вистинско име.
Имено, ако Грција инсистира на доследно спроведување на Спогодбата од Нивици, за што очигледно трошат големи пари за лобирање во европски рамки, Македонија треба да се држи до единствениот разумен аргумент, а тоа е меѓународното право. Пред овој аргумент паѓаат во вода сите забелешки, реакции, предупредувања, притисоци на кои земјава суптилно е изложена. Колку и да се моќни тие земји, Грција, Бугарија и нивните европски сојузници што го прават притисокот, борбата за враќање кон меѓународното право е најважна бидејќи само со повторно воспоставување на меѓународноправните алатки има реална шанса да се креираат предвидливи состојби во светски рамки. Преседаните со меѓународното право што претходно се направија, всушност го турнаа светот во хаос и непредвидливост.
Од друга страна, Македонија ги има исполнето сите точки од Преспанската спогодба, дел од нив и предвреме, некои и што беа поврзани со отворањето на преговарачките поглавја, до што никогаш не дојде. Исполнувањето на таквите одредби во договорот, без започнати преговори, е апсурд сам по себе. Апсурдно е што во целата ситуација Грција не е предупредена за тоа од меѓународните партнери бидејќи ако договорите треба да се почитуваат, тоа важи за обата потписника. А правно гледано, Македонија во тој договор не фигурира како потписник, туку само како „Втора страна“, што е исто меѓународен правен преседан. Истото го прави и Бугарија, која поучена од грчките искуства самата си дозволува ексклузивитет во толкувањето на одредбите од Договорот за добрососедство и пријателство.
Токму тоа треба да биде мотивот што ќе ги води политичките претставници во земјава, сегашни и идни, да работат на отворено спротивставување на она што значи неправо или да се борат да се нормализираат состојбите од правен аспект, од меѓународноправен аспект, од внатрешен правен аспект, со што ќе се потврди и реалното постоење на демократијата, на правото, на универзалните вредности, на сето она врз што се темели човештвото, како што се основните човекови права, индивидуални и колективни.
А тие човекови права му гарантираат на секој поединец и колектив сами да се дефинираат како што сакаат, да го избираат името на државата, да веруваат во сопствен историски мит и таквите права не можат да бидат предмет на никакви надворешни анализи и толкувања. Затоа она што сега Грција го прави преку реакцијата на нивното МНР, не е ништо друго туку класичен обид за цензура и наметнување грчко толкување до каде може да одат индивидуалните слободи и чувства. Цензура е и затоа што Грција се става во уникатна позиција само таа на свој автентичен начин да ги толкува точките од спогодбата, не оставајќи простор за поинаква интерпретација од друга страна.

Медиумите да не ги игнорираат професионалните принципи и да не бидат мегафон на центри на моќ

И додека Грција и Бугарија го прават тоа што го прават, македонските медиуми мораат да дејствуваат како објективна и професионална сила во името на вистината, јавноста, и правдата. Деновиве се појавија написи во домашните медиуми со очигледно заземање страна, фаворизирање на Атина со ставови во кои се изразуваат гнев и потенцирање на неосновани квазиаргументи цитирани од страна на официјална Грција.
Во еден таков контекст, потсетуваме дека медиумите треба да имаат силна посветеност и кон правдата и правото, вклучително и кон меѓународното право и човечкото достоинство и слободи, а не да бидат мегафон на некои центри на моќ.
Домашните медиуми мора да го бранат легалистичкиот, принципиелен пристап. И доколку грчкото МНР наведуваат дека „ќе се создадат некакви сиви зони и ќе се еродира Преспанската спогодба“, професионалниот одговор/став принципиелно на медиумот треба да биде во насока на инсистирање на – почитување на меѓународното право и човековите права и слободи. Тоа е врв на демократијата и тоа треба да биде императив за секој слободоумен медиум што работи врз вакви принципи. Сè друго е ставање на новинарството во нечија служба, што во крајна насока секогаш е на штета на националните интереси.
Затоа од оваа перспектива воспоставувањето на уставното име Република Македонија можеби изгледа неостварливо и нереално, но медиумите се тие што треба да ја туркаат оваа агенда во име на меѓународното право, наместо да ја оправдуваат грчката позиција и да креираат амбиент дека Македонија е таа што излегува надвор од договорената рамка. Можеби процесот на враќање на името ќе трае 10, 15, можеби и 50 години, но ако не се инсистира на тоа и ако медиумите се помират со неправото, тогаш дефинитивно ја изгубиле својата вистинска функција.
Сите експерти по меѓународно право се категорични дека Преспанската спогодба е пример за неправо, а од неправото не може да произлезе никаков правно-обврзувачки документ. Прашањето за името порано или подоцна треба да се врати на дневен ред на некоја седница на Генералното собрание на ОН, каде што ќе биде доволно просто мнозинство една неправна одлука да се исправи и на тој начин да се испрати јасна порака дека и преседаните можат да се коригираат.
Враќањето кон меѓународното право и кон почитување на човековите права и слободи ќе значи воспоставување нов ред и поредок во светот, заснован на вистински хумани вредности, наспроти анархијата и хаосот што се создадоа кога се погази она што значеше меѓународен правен поредок.