Најавуван како судбоносен состанок на кој ќе се дискутира за прашања од пресудна важност, како што се финансирањето на Украина, проширувањето на Европската Унија, миграцијата… од кои зависи кредибилитетот на европскиот блок, а можеби и неговата иднина, дводневниот самит одржан неделава во Брисел не се истакна според ефикасноста, со што повторно дојдоа до израз неажурноста и неединството на европските лидери. При медиумското известување од самитот беше истакнато дека учесниците се заглавени во билатерални преговори, каде што главното прашање останува нерешено, па стигнуваат само празни шпекулации додека информациите се појавуваат многу бавно, ако воопшто ги има. Своевиден знак за одредена итност единствено може да претставува откажаната пауза за ручек, за кој на менито биле предвидени француска супа од костени и морска риба.
Додека политичарите беа опфатени во навидум бесконечни средби и разговори во седиштето на Европскиот совет, земјоделци собрани пред европската институција приредија „тракторско караоке“ создавајќи голема бучава со сирените од нивните трактори, но и со пуштање на насловната нумера од филмскиот серијал „Пирати од Карибите“, како и извесни дела на Моцарт, во знак на протест против евентуалниот договор помеѓу ЕУ и јужноамериканскиот заеднички пазар Меркосур, чие потпишување на самитот беше одложено за јануари.
Самитот првенствено покажа дека Европа не сака да плаќа за финансирање на Украина. Поделениот блок со месеци јавно и приватно расправаше за тоа кој треба да ја плати сметката без да изнајде одговор, наспроти поделбите меѓу северните земји, кои се изморени од трошење милијарди за Украина и други што не вложиле ништо, за на крајот европските лидери да останат без решение. Иако ЕУ се согласи да ѝ испрати на Украина 90 милијарди евра по 16 часа маратонски разговори што завршија доцна во ноќта, ваквата разврска прикрива уште поголемо кршење на европското единство. Силниот отпор на белгискиот премиер Барт де Вевер за финансирање на заемот за Украина со замрзнатите руски пари во белгиски „Евроклир“ се толкува како уште една победа за лидер што се спротивставува на неолибералниот естаблишмент на ЕУ. Со децении, Белгија е срцето што чука на ЕУ. Тоа што нејзиниот сегашен премиер се бореше против Унијата и победи, навестува сериозно ново поглавје со предизвици за европскиот блок.
Европските лидери најпосле некако се согласија да издадат заеднички заклучоци за повеќе теми од агендата, меѓу кои и за проширувањето на ЕУ, за кое било истакнато дека „приемот на нови земји членки треба да се поттикне“ додека ЕУ треба да „постави потребна внатрешна основа и реформи“ за нова рунда пристапувања. Ќе се согласите дека не е премногу оптимистичка најава за земјите кандидати чие незадоволство може само да се зголеми по вакви самити.
Можеби затоа не е чудно што речиси паралелно со самитот избија физички пресметки во парламентите на три европски држави, од кои две се соседи на Македонија, две се кандидати за членство на ЕУ, додека една од нив веќе е дел од европското семејство. Станува збор за Украина, Албанија и Бугарија.
Во украинскиот парламент избија тензии откако помлади пратеници се судриле со повозрасни колеги околу барањата за оставка на врховниот командант на вооружените сили, Олександр Сирски. На снимките од инцидентот се забележуваат туркање и викање. Среде пресметката се пеела националната химна, а микрофоните на говорницата биле завиткани со црвена лента. Тензичната седница само ги нагласи длабоките политички поделби во Украина, доаѓајќи во време на силен внатрешен притисок со повици за избори во воени услови.
Опозициските пратеници се судрија со полицијата во албанскиот парламент во четвртокот, по неколкунеделни тензии околу обвинувањата за корупција против низа владини функционери. Незадоволни пратеници палеле пиротехнички факели како да се навивачи на фудбалски стадион, фрлале вода врз претседателот на парламентот и ги зазеле местата резервирани за владини министри во обид да ја прекинат седницата, пред полицијата да интервенира. Исто така во најблиското соседство, во бугарскиот парламент имаше тепачка на која би позавиделе и најпознатите ММА-борци, во која се задаваа удари со нозе и со тупаници. Бугарската политика со тепање зададе силен удар врз демократијата и политичките процеси во земјата, кои се во тежок нокдаун.
На тој начин уште еден европски самит помина разочарувачки за сите опфатени страни. Но во постојаното спомнување на обидите за понатамошно финансирање на Украина, една вест поврзана со руско-украинскиот конфликт, но далеку од боиштето, можеби помина недоволно забележана. Најавено е враќање на Русија во меѓународните спортски натпреварувања преку нејзините џудисти, кои беа примени назад од Меѓународната џудо-федерација, додека Интернационалниот олимписки комитет препорача на помладите руски спортисти повторно да им биде дозволено да учествуваат на спортски настани под нивното национално знаме, според ексклузивно известување на „Политико“. ЕУ ги осуди двата потега на меѓународните спортски тела, но наспроти големиот број мировни иницијативи, планови и преговори на високо ниво за Украина, руското враќање од спортски егзил веројатно претставува најконкретен знак дека војната се ближи кон крајот. Е тоа е веќе нешто.

































