Зборуе Радио Скопје… Вистините што се неми никого не го плашат ниту допираат… Најпрвин една информација за подобро разбирање и за одговорноста при секој нареден обид да се раководи и менаџира сложениот и скап радиодифузен систем Македонска радио-телевизија.
Во развојот на МРТВ се карактеристични неколку фази. Најпрвин беше радиото. Потоа радиото и телевизијата беа едно. Како што растеше и се развиваше системот, радиото и телевизијата се одвоија. Потоа соодветно на програмските потреби, кога радиото се етаблира, телевизијата продукциски се поткрена и зајакна, се создадоа услови за отворање на Втората програма на радиото и телевизијата како комплементарна и алтернативна нужност. Имајќи ги предвид диверзитетот на интересот на аудиториумот и гледалиштето и растот на македонската држава, аудио и виртуелниот одраз како јавен интерес еве веќе полни 80 години беше и е континуирано дејност во непрегледот содржини, сведоштва и збиднувања проследени и документирани низ програмите на Македонската радио-телевизија.
Со отворањето и доизградувањето на Третата програма на телевизијата поизразено се одговори на мултиетничкиот карактер на самостојна Македонија. Во процесите на развиток се создадоа професионални кадри што успешно одговорија на претпоставените долгогодишни продукциски предизвици. Секојдневно следење на настаните и информирање од историските збиднувања, големи играни серии, подем на документарниот жанр, квалитетна образовна програма, со која пораснаа и другаруваа генерации, слушајќи го и учејќи го македонскиот јазик, песни, обичаи и настани се само дел од уставната и законска обврска на овој сложен радиодифузен систем, столбот на македонската сувереност.
Радиото и телевизијата како регистратори, производители и умножувачи на световите се вистински модел на една нова состојба на онтолошка плуралност, што и нашата, со перформанси на содржини, скромна реалност секојдневно низ годините и децениите ја преобликува виртуелно, ја дигитализира и трансмитира глобално, според универзалните принципи на информатичката ера. Оваа „нова состојба“ во нашиот (македонски) случај,иако сè уште е во фаза на програмско-технолошка транзиција и еманципација, доживеа бурен развиток со сите последици што настануваат притоа и континуирано беше и е предмет на дебати, дискусии, недоразбирања. Дополнително, често беше разбранувана со кампањи, перформанси, најави за окупација и закани од типот МРТВ да гори, да се укине… и уште куп небулози, предлози, сѐ под заеднички именител – дека е владина, провладина, опозициска и им служи на интересите на политиките и дека е производител на медиумски мрак и слично.
Програмите на МРТВ низ годините овозможија афирмација и широка дистрибуција на аудиовизуелни содржини, што беше задача и една од клучните функции, но во поглед на структурата тие одамна ја надминуваат таа претпоставка и прераснуваат во производители на содржина и жанрови во кои ја компримираат реалноста, ја пресоздаваат и ја вградуваат во етерот како суверена зона на виртуелна репродукција на севкупното општествено-политичко, економско, културно и духовно битие.
Програмите што ги продуцираше МРТВ во минатото и треба да ги продуцира и во иднина се регистрирање збиднувања, содржини, сведоштва, пресек на севкупното битие. На почеток, со востановена шема и стандардна динамика во првата фаза на емитување и експлоатација, се телевизиската и радиската програма. Премиерни емитувања и репризи, кои потоа се документираат, влегуваат и остануваат во депоата како програмско-содржинска ризница на која одвреме-навреме се навраќаме и се потсетуваме. Во наредната фаза тие ја надраснуваат оваа улога и стануваат бесценета архивска граѓа – сведоштво за нашето постоење и историско паметење.
Според процената на меѓународниот експертски мониторинг, МРТВ е проценета како систем вреден 1,5 милијарда долари. Да се раководи и управува со сложениот и скап систем МРТВ подразбира голема одговорност, ажурност, искуство и знаење. Лошото и несоодветно управувањето со ваков имот најпрвин претставува голема дневна материјална загуба, што пошироко подразбира континуирано заостанување и нарушување на концептот за медиумска сувереност, како столб на државноста.
Документацијата на МТВ содржи околу 300.000 филмски единици со снимени емисии од различни жанрови и прилози, од кои 6.000 документарни емисии во сите формати.
Радиодокументацијата располага со 10.000 студиски ленти, 4.000 теренски, од кои 2.000 радиодрами од сопствено производство, серијали, сведоштва итн. Вистинска ризница во која се чуваат снимени настани што се од непроценлива вредност за нашиот опстој. Денес сме сведоци на создавање нов медиумски поредок што го обележуваат нов вид услуги, нови системи на испорака и конвергенција на телекомуникациската индустрија. Неопходно е следење на трендовите, но тоа не подразбира медиумска корепетиција и слепо прифаќање на готови модели и патерни на репродукција. Свесно и грижливо треба да се штитат и негуваат посебностите и изворните вредности и да се исползуваат новите технологии на најдобар можен начин за заштита и развиток на сопственото медиумско битие. Без оглед на сите премрежиња и драматични превирања низ кои минуваше најголемиот и единствен вистински продуцент МРТВ, со инфраструктура чија вредност од меѓународниот мониторинг е проценета на една милијарда долари, нејзиниот продукциски капацитет и денес е голем и сериозен. Техниката веќе не е нерешлив проблем, таа секојдневно многукратно поевтинува. Може брзо да се фати чекор.
Проблем е дисконтинуитетот на искусни оперативни кадри (не новинари), кои свесно и намерно се исфрлени од строј. Но со активирање на две-три продукциски сериозни зафати (голема играна серија, активирање неколку детски играно-образовно воспитни жанрови, за што постои одредено искуство, квалитетен ентертејмент), можна е и брза и благовремена кадровска консолидација. Со постари искусни кадри, во содејство со млади образовани профили, низ продукциските зафати ќе се активира и трансформира во од.
Честити јубилеите на радиото и телевизијата.
Аљоша Симјановски
































