Одржан мултимедијален културен настан во Амбасадата на Македонија во Пекинг
Во македонската амбасада во Пекинг се одржа мултимедијален културен настан, каде што се читаа стихови од поезијата на Маријана Котевска Георгиева, во придружба на реномираниот музичар и гитарист Тони Китановски. Настанот го отвори амбасадорот на Македонија, Сашко Насев, кој ги претстави гостите и се задржа на важноста на ваквите културни настани што придонесуваат за унапредување на културната соработка меѓу двете земји.
Спојот на овие две уметности предизвика интерес и воодушевување кај публиката. На настанот беа присутни реномирани амбасадори од повеќе земји, конзули, дипломати, медиуми и љубители на уметноста.
Новата поетска збирка поезија на Маријана Котевска Георгиева ќе биде објавена во издание на „Арс либрис публикации“, насловено „Сè се случува кога не се случува ништо“. Поезијата се читаше на македонски, кинески и англиски јазик. Инаку, поетската збирка, покрај македонското издание, ќе има свое издание и на кинески и англиски јазик. Н.М.

































