ИЗБОР НА ВТА
Светскиот рекет број еден Арина Сабаленка е избрана за тенисерка на годината од страна на Женската тениска асоцијација (ВТА) втора сезона во низа. Белоруската тенисерка (27) освои четири титули, најмногу на турнејата, вклучувајќи го и освојувањето на Отвореното првенство на САД во септември, со што го оствари својот четврти триумф на гранслем-турнир. Во текот на сезоната, Сабаленка играше во девет финалиња, што е најмногу на турнејата, пишува „Би-би-си“.
Сабаленка, исто така, го освои Меѓународното првенство во Бризбејн во јануари, отворените првенства на Мајами во март и во Мадрид во мај, а целата година ја помина како број еден во светот, завршувајќи на врвот на ранг-листата во 2025 година, втора година во низа. Во јули, таа стана првата тенисерка што достигна 12.000 поени на ВТА ранг-листата по Американката Серена Вилијамс во 2015 година. Белинда Бенчиќ (28) од Швајцарија е избрана за тенисерка на годината што се врати на тениските терени, откако направи 13-месечна пауза по раѓањето на своето прво дете. Викторија Мбоко (19) од Канада е прогласена за новак на годината откако ја почна сезоната рангирана надвор од 300-те најдобри во светот, а се искачи на 18-то место. Катерина Сињакова од Чешка и Тејлор Таунсенд од САД се избрани за најдобри годинава во игра на двојки, откако ја освоија својата втора гранслем-титула, а Аманда Анисимова од САД е прогласена за тенисерка со најголем напредок, откако стигна до пет финалиња, пишува „Би-би-си“.
Минатата недела, Шпанецот Карлос Алкараз освои три признанија на наградите на Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП), вклучувајќи ја и наградата број еден на крајот од годината, а Италијанецот Јаник Синер третпат беше избран за миленик на навивачите. Г.И.


































