Јубилејни триесет години од премиерата да ремек-делото на Дејвид Финчер
- Во центарот на приказната се двајца детективи: искусниот Вилијам Сомерсет (Морган Фримен) и младиот импулсивен Дејвид Милс (Бред Пит). Тие ја следат трагата на серискиот убиец Џон До (таинствен лик што го толкува Кевин Спејси), кој своите злосторства ги моделира според седумте смртни грева од раното христијанство.
- Жртвите не се случајни. Тие се „симболи“ на грев: лакомост, злоба, мрзеливост, завист. Најмрачниот пресврт доаѓа во финалето, кога Милс открива дека во кутија испорачана до пустелијата се наоѓа отсечената глава на неговата сопруга Трејси – момент што го турка во гревот на гневот и го комплетира изопачениот план на убиецот
Филмот „Седум“ на Дејвид Финчер денес се смета за едно од врвните достигнувања на нео-ноар криминалистичкиот трилер. Триесет години по својата премиера, овој филм не е само технички совршена жанровска визија туку и вознемирувачки доследен коментар за болната реалност на американските градови во 1980-тите – времето на економска криза, растечка стапка на криминал и подем на религиозниот конзервативизам.
Со заработка од над 327 милиони долари на буџет од само 34 милиони, филмот беше комерцијален успех и доби пофалби од критиката уште при излегувањето во 1995 година. Сепак, некои од рецензентите тогаш го обвинија дека се потпира премногу на шокантни и гротескни сцени, зад кои, наводно, се криела плитка приказна. Денес, со историска дистанца, станува јасно дека таквите критики ја промашиле подлабоката поента на филмот, нагласува Би-би-си во својата анализа.
Градот како распаднат морален пејзаж
Дејството на „Седум“ е сместено во безимен мрачен мегалополис – град што изгледа како да гние одвнатре. Тоа не е случајна сценографија. Таа директно ги рефлектира реалните американски градови од раните 1980-ти години: сиромаштија, наркоепидемија со крек-кокаин, ширење сида и висок степен на насилен криминал.
Во тој период претседателската политика на Роналд Реган се темелеше на познатата реторика „строг кон криминалот“ и сојуз со влијателната христијанска десница, која промовираше традиционални семејни вредности и морална дисциплина. Токму таа мешавина на страв, казна и морализирање претставува идеолошка матрица на „Седум“.
Седумте смртни грева како модерен суд
Во центарот на приказната се двајца детективи: искусниот Вилијам Сомерсет (Морган Фримен) и младиот импулсивен Дејвид Милс (Бред Пит). Тие ја следат трагата на серискиот убиец Џон До (таинствен лик што го толкува Кевин Спејси), кој своите злосторства ги моделира според седумте смртни грева од раното христијанство.
Жртвите не се случајни. Тие се „симболи“ на грев: лакомост, злоба, мрзеливост, завист. Најмрачниот пресврт доаѓа во финалето, кога Милс открива дека во кутија испорачана до пустелијата се наоѓа отсечената глава на неговата сопруга Трејси – момент што го турка во гревот на гневот и го комплетира изопачениот план на убиецот.
Ова не е само наративен трик туку и алегорија за општество што се обидува да воведе морален ред преку насилство.
Урбан кошмар создаден од реално искуство
Сценариото го напиша Ендрју Кевин Вокер, кој ја развивал приказната во доцните 1980-ти, додека живеел во Њујорк и работел во продавница за плочи. Неговото секојдневие било исполнето со сцени на распад: напуштени автомобили, криминал, бездомници, насобрано ѓубре, страв.
Тој концепт се надоврзува на таканаречената „теорија на скршени прозорци“ – идејата дека видливиот урбан распад создава чувство на неконтролиран хаос и поттикнува понатамошен криминал. Финчер ја претвора таа теорија во визуелен стил: темни коридори, влажни ѕидови, распаднати станови и вечна дождлива атмосфера, потенцира во својата анализа Би-би-си.
Во 1980-тите медиумите постојано известуваа за сериски убијци, кои од маргинални фигури станаа дел од масовната култура. Тоа дополнително го вгради стравот во секојдневната свест на општеството – истата атмосфера што ја храни идеологијата на Џон До.
Неговата логика е блиска до јазикот на телевизиските проповедници од тоа време, кои го гледаа светот како паднат, корумпиран и заслужен за божја казна.
Иако филмот не застанува директно на ничија политичка страна, тој јасно ја критикува идејата дека насилството може да биде морална алатка или дека општеството може да се спаси преку страв, казна и фанатизам.
Пророштво за денешната опсесија со вистински злосторства
Токму затоа „Седум“ денес изгледа како пророчка визија. Тој не е само трилер за сериски убиец туку и рана анализа на општеството што станува опседнато со злосторства, документарци за убијци, поткасти и таканаречениот жанр „вистински криминал“.
Во светот во кој злосторството стана содржина, а ужасот – забава, „Седум“ изгледа како предупредување што пристигна предвреме.
И како што вели Сомерсет во финалето: „Светот е прекрасно место и вреди да се бориме за него. Се согласувам со вториот дел“.
Ако ликот на Џон До е инспириран од политичката реторика и идеологијата на евангелската десница, тогаш детективот Сомерсет одбира сосема поинаква алатка во својата потрага по вистината – книгата. Наместо брзи решенија, тој се повлекува во библиотеката, каде што ги проучува делата на Тома Аквински, Данте Алигиери, Џон Милтон и Вилијам Шекспир, барајќи одговори за значењето на седумте смртни грева.
Сцените на неговото трпеливо истражување намерно се спротивставени со површниот пристап на Милс, кој се обидува набрзина да „прелета“ преку резимеа. Иако таа разлика е прикажана со доза на хумор, зад неа се крие подлабока културна порака.
Осмиот грев: опсесијата
„Седум“ денес изгледа уште поактуелно отколку во времето кога настанал.
Медиумскиот теоретичар Кевин Хагопиан забележува дека филмот не е воден само од седумте грева, туку од уште еден, нерегистриран, но доминантен – опсесијата.
Највознемирувачката порака на „Седум“, вели Хагопиан, не е тоа што општеството е апатично – туку тоа што, доколку ни се понуди, со задоволство би нурнале во истите забранети задоволства и болни фасцинации што го движат и самиот Џон До.

































