Австралија почна да ја враќа контролата врз гигантите на социјалните медиуми со нови закони што им забрануваат на децата под 16 години да ги користат платформите, изјави премиерот Ентони Албанезе.
– Ова се случува првпат во светот. Австралија покажува дека е доста. Станува збор за тоа нашите семејства да ја вратат контролата – рече Албанезе во говорот по повод стапувањето во сила на ограничувањата.
Американската компанија Мета предупреди дека забраната на Австралија за лица под 16 години кои користат социјални медиуми ќе ги турка младите луѓе кон помалку регулирани и затоа помалку безбедни платформи.
„Постојано изразуваме загриженост дека овој лошо замислен закон би можел да ги турка тинејџерите кон помалку регулирани платформи или апликации. Сега гледаме дека тие загрижености стануваат реалност“, се вели во соопштението на компанијата.
Апликациите Lemon8 и Yope, кои моментално не се засегнати од забраната, се искачуваат на листите за преземање апликации во Австралија.
Мета рече дека многу апликации не нудат исти безбедносни карактеристики како нејзините, како што се оние за тинејџерски сметки. „Ќе ги почитуваме нашите законски обврски, но остануваме загрижени дека овој закон ќе ја ослабне безбедноста на младите луѓе“, соопшти компанијата.
Илон Маск, сопственикот на Икс, денеска изјави дека неговата група ќе се придржува до забраната.
-Ова не е наш избор – тоа е пропишано со австралискиот закон – рече тој во изјава откако мерката стапи на сила.
Икс е последната од десетте засегнати мрежи што се обврза на новото законодавство. Тука спаѓаат Фејсбук, Јутјуб и ТикТок.
Целта на мерката е да се заштитат децата под 16 години од вознемирување и од алгоритми кои, според австралиските власти, ги изложуваат на насилна и сексуална содржина.
Според новото законодавство, оние компании кои не го исклучуваат пристапот до нивните мрежи за деца под 16 години ќе мора да платат казна од 33 милиони американски долари.
Пилот-иницијативата генерира голем интерес низ целиот свет.

































