СДСМ, преку Антикорупцискиот тим АКТ, денеска објави нов скандал, нова бомба од серијата злоупотреби што ја тресат власта на Мицкоски и ДПМНЕ. На денешната прес-конференцијата, членот на ЦО, Александар Саша Димитријевиќ ги претстави најновите докази за системско испумпување на народни пари преку фирми блиски до власта, информира партијата преку соопштение.
– АКТ, активно продолжува со објавување на криминалот на ДПМНЕ и владата на Мицкоски пред Конгресот на старата банда“, истакна Димитријевиќ, потсетувајќи дека „видовме како се пумпаат 9 милиони евра, пари на граѓаните преку блиски луѓе и посредници“ и дека „видовме како се краде народот преку наместени тендери – соопшти Димитријевиќ.
Тој рече дека шемите стануваат побрутални.
– Ама за старата банда не се доволни посредници од надвор, таа е гладна, ненаситна, бизнисот мора да го тераат лично и од дома, од фамилијата. Денеска објавуваме нов скандал, нова бомба! За тоа кој и како ‘чисти’? Сите патишта водат до Ивица Томовски и СОЗР. Не чисти СОЗР, ‘чисти’ семејната фирма на Томовски. Попрецизно кажано, ги чистат парите на граѓаните и тоа во милиони евра. Од државни институции и од општини, водени од ДПМНЕ, семејната фирма на Томовски која го менува името добила: неверојатни 5 милиони и 360 илјади евра или вкупно 161 тендери. Тоа се речиси 5,5 милиони евра! Пари на граѓаните!. Дополнително, со доаѓањето на ДПМНЕ на власт, бизнисот на фамилијата Томовски експлодирал. „Семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна дејност за 306 проценти! И тоа само во 2024 година. Случајно, им тргнало чистењето на буџетот – рече тој.
Тој додаде дека во тековната 2025 година, истата фирма веќе добила нови 10 тендери од речиси половина милион евра.
– Сопственик на Сити логистик во моментот кога е основана е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител Слободан Кутановски, нивни близок роднина. Потоа се менува името на фирмата – Сити аутсорсинг. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име. За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Важно фамилијарните бизниси течат – потенцираше Димитријевиќ.
________________________________________________________________________
Томовски: СДС да се извинат за клеветите и измислицитe, посочената компанија не е моја, во моментов немам никаква приватна компанија
Очигледна е намерата по секоја цена на партијата која е во пропаѓање да обвинува, клевети и жигосува, стои во објавата на Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ на неговиот фејсбук профил.
– Тоа е нивниот стил, но и единствената сламка за спас. Додека тие зборат за некаков криминал, тие што вистински се тоа, од Дубаи нарачуваат и пишуваат клеветнички прес конференции. Така тоа изгледа кога крадецот вели држете го крадецот. И сакаат да се заборави на златните визи на Филипче, Заев, за модуларната болница, Соравија, плантажите за марихуана. Тоа беше нивното „владеење“ – период на пропаѓање што остави длабоки последици врз општеството и врз довербата во институциите. Но денес ги гледаме нивните соопштенија – безобразни, малициозни, полни со клевети и измислици. Тој нивен примитивен стил не е политика, туку обид со гнасни конструкции да се прикрие сопствениот очај. Да се прикрие неспособноста која ја видовме седум години. Да се прикријат предавствата што им ги направија на граѓаните. Да се прикрие корупцијата која го изеде секој сегмент од државата — од пасоши до тендери, од енергетика до здравство, од локални до централни институции – напиша Томовски.
Тој истака дека СДСМ не можат да покријат дека тие ги уништиле македонските институции.
– А вистината за случајот е следна. Посочената компанија не е моја, ниту пак имам било каков удел во нејзе. Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам. СДС ќе мора да се извини поради изнесените клевети, во спротивно ќе поднесам тужба пред надлежните органи. Власта е одговорност и таму не се доаѓа со пазарџиски финти, клевети. Очигледно тоа е нивната понуда, а народот ќе суди, впрочем како што им пресуди на последните избори – рече Томовски.
Тој истакна дека сите институции можат да проверат сè и додаде дека не очекува извинување од СДСМ.
































