Ана Ивановска, ликовна уметница

  • Уметноста има моќ да биде повеќе од естетско искуство, таа може да стане огледало на внатрешната состојба, прибежиште во моменти на криза или патека што води кон разбирање. Со оваа изложба се обидувам да создадам таков простор – тивок, но длабок повик за присуство, за свесност и за надеж, споделува Ана

Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“) во Скопје, Македонија (2006), на отсекот сликарство, со насока конзервација и реставрација во класата на проф. м-р Благоја Маневски. Во 2007 година ги завршува испитите за педагошко-психолошка и методска подготовка (Педагошки оддел) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Македонија. Постдипломските студии на отсекот сликарство ги завршува во 2011 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, под менторство на проф. м-р Благоја Маневски, со стекнат научно-уметнички степен – магистер по ликовни уметности од областа сликарство на темата: „Света геометрија“.
Од 2006 год. е членка на Друштвото на ликовните уметници (ДЛУМ).
Нејзините дела се претставувани на повеќе самостојни и групни изложби, проекти, перформанси, колонии, фестивали и уметнички работилници во Македонија и надвор од земјата (САД, Канада, Франција, Холандија, Италија, Шведска, Данска, Русија, Монголија, Кина, Австрија, Чешка Република, Азербејџан, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина).
Последно во низата изложби е поставувањето на нејзиното дело „Конзервирани идеи“, изложено во склоп на изложбата „Мементо“, составена од навики и гестови, чувства и приказни на соседите од црвените згради во Железара.
Годинава ја реализираше и изложбата „Регенерација“, заедно со Христина Зафировска и Маја Кировска.
Ликовната изложба „Гумено време“ на авторката Ана Ивановска исто така е една од нејзините годинашни самостојни изложби за која подетално разговараме.
„Гумено време“ претставува визуелно истражување на глобалните настани и нивните последици врз индивидуалното и колективното искуство. Пандемијата, војните и тековните конфликти трајно го трансформираа секојдневието, создавајќи чувство на неизвесност – време што се развлекува и истегнува, како гума, без јасен исход.

Како настана идејата за изложбата „Гумено време“ и што Ве инспирираше да ја преточите оваа тема во визуелна уметност? И како се случи да ја поставите токму во Истанбул?
Идејата за „Гумено време“ се роди за време на пандемијата, во моментите на изолација, тишина и внатрешна интроспекција. Тоа беше период што не ме остави рамнодушна, па сите тие емоционални доживувања и ментални состојби спонтано се рефлектираа во моите дела.
Со развојот на проектот, темата продолжи да се надградува и по тој период, паралелно со новите глобални кризи: војни, бегалски движења, социјални и човечки раслојувања. За мене, тоа беше и време на длабока креативност. Време што сите го делевме, но секој го доживуваше на свој начин. Време што создава чувство на неизвесност – што се развлекува и истегнува, како гума, без јасен исход.
Изложбата премиерно беше поставена во „Галерија 22“ во Штип во 2023 година. Повторното претставување во Истанбул дојде како природен избор – град што сам по себе е метафора за премин и коегзистенција на спротивности. Неговата динамика, пресекот меѓу Истокот и Западот, помеѓу традицијата и модерниот пулс, ми се покажа како совршено место за еден ваков проект што говори за личното и глобалното истовремено. Благодарение на поддршката од Министерството за култура и туризам, ми беше овозможено да престојувам и да ја реализирам изложбата токму таму.
Како се развиваше Вашиот креативен процес додека го подготвувавте овој проект?
Креативниот процес беше слоевит, емотивен, но истовремено и ослободувачки. Работата на „Гумено време“ започна како внатрешна потреба да ги истражам и да ги изразам сопствените чувства, но и да создадам простор за пошироко препознавање и поврзување. Делата се родија преку интензивно истражување, експериментирање и слободна игра со фотографија, фотомонтажа и комбинација со различни материјали. За првпат поинтензивно работев со фотографија како медиум, што само по себе беше предизвик и нова територија за мене. Да најдам визуелен јазик преку кој ќе ги пренесам комплексните емоции и состојби што ме обземаа беше процес на постојано преиспитување.
Фотографирав сè што ме опкружуваше – предмети и фрагменти од секојдневието, а потоа почнав да ги редефинирам преку фотомонтажа. Комбинирањето повторувачки мотиви, како заштитни маски, ракавици и устата што останува „без здив“, не беше само визуелен избор туку емотивно патување. Работев со реалистични елементи, но преку фотомонтажа и текстури тие добија апстрактен изглед. Овие елементи во делата се визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација, ограничената слобода и бариерите во комуникацијата со светот.

„Гумено време“ го истражува и личното и колективното искуство. Каква интеракција очекувате од публиката?
Овој проект го отвора прашањето за глобалните настани и како тие се врежуваат во нашите лични животи. Секое дело е покана за размислување, емоционална реакција и лична интерпретација, начин гледачот да се соочи со сопствените чувства, сеќавања и прашања, не како пасивен набљудувач, туку како активен учесник во дијалогот што го иницира уметноста.
Се надевам дека делата ќе предизвикаат интроспекција, препознавање и чувство на олеснување. Очекувам директна и искрена интеракција со публиката, би сакала делата да ги провоцираат да почувствуваат, да размислат, да се препознаат. Пораката што ја носат делата е слоевита: сведоштво за ранливоста и траумата, но и за можноста за градење емпатија и заедништво. Во време на глобални кризи, важно е да се потсетиме дека сме поврзани токму преку нашите човечки слабости и сили. „Гумено време“ е обид да се пронајде глас за она што често останува неизговорено, но се чувствува длабоко.
Проектот говори и за надеж и внатрешен мир. Која е целта на Вашиот проект и колку уметноста може да придонесе кон заздравување и поврзување во време на криза?
Целта на проектот „Гумено време“ е да поттикне подлабока свесност за често незабележаните моменти што го чинат нашето секојдневие, особено кога тоа е нарушено од глобални кризи. Преку визуелниот јазик, се стремам да отворам простор за размислување, каде што гледачот може да се погледне себеси и светот од поинаков агол. Оваа потрага за смисла произлегува од длабоко вкоренетата човечка потреба за самоспознание и за чувство на поврзаност со нешто пошироко – со другите, со природата, со универзумот.
Уметноста има моќ да биде повеќе од естетско искуство, таа може да стане огледало на внатрешната состојба, прибежиште во моменти на криза или патека што води кон разбирање. Со оваа изложба се обидувам да создадам таков простор – тивок, но длабок повик за присуство, за свесност и за надеж.

Фотомонтажата, како и комбинирањето различни медиуми, очигледно е важна за Вашата визуелна експресија. Што Ве привлекува кон овој хибриден пристап кон уметноста?

Отсекогаш ме привлекувал мултимедијалниот пристап бидејќи ми дозволува слобода во изразувањето и можност постојано да експериментирам. Во секој проект, паралелно со идејата, внимателно ги избирам и материјалите со кои работам. Секогаш барам нов визуелен предизвик и често навлегувам во медиуми што дотогаш не сум ги користела. Така, со „Гумено време“ за првпат се впуштив во фотографија и фотомонтажа.
Фотомонтажата ми овозможи да спојувам реални и симболични слики, да го надминам документарното и да создадам визуелен јазик што носи емотивна и концептуална тежина. Комбинирањето различни медиуми за мене е како составување мозаик, од фрагменти на различни искуства создавам целина што зборува за комплексноста на современиот свет.
Пандемијата, војните и тековните конфликти трајно го трансформираа секојдневието. Во време на глобални предизвици, колку е важно, според Вас, уметниците да рефлектираат и да документираат токму вакви актуелни теми преку своето дело?
Во време на глобални предизвици, сметам дека улогата на уметниците е поважна од кога било. Уметноста има способност да долови не само факти туку и она што е тешко да се изрази со зборови – внатрешните состојби, стравовите, неизвесноста, но и отпорот, надежта и човечноста. Пандемијата, војните и кризите нè принудија сите да ги преиспитаме нашите животи и вредности, а уметноста е тој простор каде што тие преиспитувања добиваат форма и глас.
Важно е уметниците да рефлектираат и да документираат, не само како сведоци на времето туку и како активни учесници, кои преку делото можат да отворат дијалог, да иницираат прашања, да понудат перспектива. Уметноста не мора да дава одговори, но нејзината моќ е токму во тоа што го отвора просторот за чувствување, размислување и поврзување.
Во вакви периоди, делото станува огледало на личното, но и на колективното искуство. Сепак, изборот дали уметноста ќе биде ангажирана, интимна или контемплативна е лична одлука на авторот. И токму во таа слобода на изразот се содржи нејзината вистинска сила, да биде сведоштво и глас на времето во кое настанува.