ШАХ – ТУРНИР „ТРОФЕЈ НА БЕЛГРАД 2025“
Македонскиот велемајстор (ВМ) Звонко Станојоски го подели првото место на 38-от меѓународен турнир во Србија, „Трофеј на Белград 2025“, освојувајќи вкупно 7,5 поени од девет кола (шест победи и три ремија, нови 20,5 рејтинг-поени, со играчки перформанс од 2.569), но поради послаб дополнителен критериум, сепак, на крајот е третопласиран.
Станојоски (2.345 рејтинг-поени, рангиран седми пред почетокот на турнирот) во деветтото, последно коло на тој турнир годинава, ремизира со српскиот интернационален мајстор (ИМ) Стефан Тадиќ (2.421, рангиран втор), а тоа го искористија ВМ од Србија, Михаил Брјакин (2.476, рангиран прв) и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Русија, Максим Тимошин (2.380, рангиран четврти), и со победи го стигнаа Станојоски на табелата, кој пред тоа коло имаше половина поен предност.
На турнирот годинава настапија вкупно 146 шахисти од 13 држави (шест ВМ, еден ЖВМ, пет ИМ, еден ЖИМ, 15 ФМ, два ЖФМ). Станојоски и лани го подели првото место, тогаш со Кинезот Бо Ли, двајцата со по 7,5 поени (шест победи и три ремија, исто како и годинава), но поради подобриот дополнителен критериум што го имаше Кинезот, нему му припадна победничкиот пехар. Станојоски двапати беше победник на турнирот „Трофеј на Белград“, во 2006 и во 2007 година. Г.И.


































