Викендов во салата на Општина Новаци се одржаа јубилејните 25 Пелагонски културно-научни средби.
На настанот беше промовирано дваесеттото издание на Зборникот на трудови во кој, на повеќе од двесте страници застапени се дваесетина автори-учесници на минатогодишните средби.
Во свечениот дел од средбите беа доделени традиционалните награди на Здружението. Повелба за животно дело му беше доделена на проф. д-р Никола В. Димитров, истакнат научник од Битола, признанието „Златен клас на македонскиот вознес“ му припадна на Иван Трпоски, автор кој живее во Сиднеј, Австралија, а признанието „Панде Манојлов“ ѝ беше доделено на поетесата и универзитетска професорка проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска.
Во работниот дел од Средбите дваесетина автори ги презентираа своите трудови што ќе се печатат во зборникот што ќе излезе следната година.
Својот јубилеј Пелагонските средби го обележаа со изложба на досега објавените зборници од минатите средби и дела на писатели,творци – членови на Здружението.
Присутните имаа можност да го видат Зборникот од првата Пелагонска средба што беше отпечатен во 2002 година.
Ф.Д.



































