Фото: МИА

Слабите резултати поврзани со читање со разбирање и математичка писменост кои ги покажуваат нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС се причина за крупните промени кои ги започнавме пред година и половина и ќе истраеме додека значително не го подобриме образовниот систем, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката на ВРЕДИ Имрлије Салиу-Фетаи што презема министерството за да го подобри квалитетот на образованието кој се огледува преку ниските постигања на учениците на меѓународните тестирања.

– ПИСА 2022 година – 74 проценти од учениците на 15-годишна возраст не го постигнале најниското ниво на читање со разбирање. Значи, повеќе од 50 проценти не го направиле тоа. Во читање со разбирање, повторно ПИСА 2022 година сме освоиле 359 поени, рангирани сме на 71. место. ОЕЦД просекот е 476 поени од европските држави, после нас се Албанија и Косово. Воедно, на ПИСА 2018 година имаме пониски резултати за 34 од ПИСА 2018 година. Во 2022 година има пониски резултати од ПИСА 2018 година за 34,1 поен, а повисоки од 2015 година. Овде тука би вмешала политика. Ова значи дека додека се работело по Кембриџ сме имале подобри резултати. А, додека минатата власт воведе нови концепции, сега покажуваме полоши резултати. Се надевам дека никој нема да ми каже дека за година и пол ние нешто сме направиле, тоа ќе го видиме после четири години и така натаму. Образовните политики влијаат на резултатите што ги постигнуваме во образованието. ТИМСС 2023 година во математичка писменост од 58 држава, нашите ученици е на 44 место, во природни науки сме три места подолу, односно на 47 место. Ова е последното меѓународно тестирање на ТИМСС – рече министерката појаснувајќи дека постојат разлики во успехот кој го покажуваат децата во зависност од тоа дали се во градска средина, во рурална средина, дали се во еден или друг регион, каква е социјалната положба на семејството, какво е образованието на семејството во коешто детето живее.

Јаневска нагласи дека фокусирани се на оптимизација на училишната мрежа и подобрување на инфраструктурните услови, но и на воведување на едносменска настава и продолжен престој, затоа што нашите деца до 15-годишна возраст поминуваат 900 часови помалку на училиште во споредба со нивните врсници во Европа. Потенцира дека за одделенските наставници од следната година ќе има задолжителна обука за читање со разбирање.

– Спроведуваме политики кои се креирани заедно со многу домашни и странски експерти кои работат во образовната сфера, но и со наставниците, кои пак со повеќе мерки ги мотивираме да бидат креативни и слободни при планирањето на наставата, за да ја направат интересна за учениците и ефективна. Ја продолживме старата Концепција за основно образование, но со измени кои ќе влијаат врз знаењата на учениците – рече Јаневска.

Нагласи дека силна страна на националниот образовен систем е стручното образование. Во последните две години во средно образование се запишуваат околу 17 илјади ученици од кои 12 илјади или 70 проценти се во стручни училишта.

– Имаме околу 4 илјади ученици во дуални паралелки во кои практичната настава ја реализираат 700 компании, најмногу досега. Дел од компаниите ги посетив и тие се задоволни од знаењата кои ги поседуваат децата. Затоа, ќе продолжиме да го развиваме концептот на дуално образование заедно со бизнис заедницата и со повеќе наши партнери меѓу кои амбасадите на Швајцарија, Германија, Австрија и Шведска – рече Јаневска, потсетувајќи дека во земјата досега се основани седум регионални центри за стручно образование и обука, а осмиот ќе биде формиран следната календарска година.