- (Кон Косовскиот театарски шоукејс, од 28 октомври до 2 ноември 2025 година во Призрен и Скопје)
Отсекогаш ме возбудувала една многу чудна, но многу болно вистинита сентенца на големиот американски драмски автор Тенеси Вилијамс: „Нервниот систем на која било ера или нација се нејзините креативци, нејзините уметници. И ако тој нервен систем е длабоко нарушен од неговата околина, делото што го создава неизбежно ќе ги одразува нарушувањата, понекогаш индиректно, а понекогаш со насилна директност“. Ова го помислувам и кога пишувам за Косовскиот шоукејс, кој секогаш се одликува со смелост, бунтовност и со една нескротлива директност кога се во прашање режисерските концепти и делата на авторите што се презентираат. Како и минатата година, кога беше во координација со театарот во Албанија, така и оваа година Косовскиот шоукејс е во координација овој пат со Северна Македонија, споделувајќи ја креативната енергија, но и дебатниот простор каде што се разменуваа ставовите за тоа колку е горчлив или поднослив театарскиот момент сега и овде, и во Косово и во Македонија. Секако, како и секоја година, Косовскиот шоукејс собира голем број театарски менаџери, критичари, лидери на фестивали од целиот свет и целото тоа опкружување станува театарски свет во мало, кој патува низ косовските градови и во Скопје, како Шекспировите актери, но и оние театарски опсесивни луѓе што овој крај од светот го препознаваат како место за уметничко истражување, повторно сега и овде.
Она што е воочливо особено во овој шоукејс е поголемата присутност на копродукциите, што говори за една мотивирачка сплотеност на театри од различни делови на светот под една уметничка вокација. Така, она најмаркантното во целиот овој многу густ со настани шоукејс е проектот „Под сенката на едно дрво, јас седев и липав“, по текст на Јетон Незирај и во режија на Блерта Рустеми Незирај, а во копродукција на Чендра Мултимедија од Приштина, со „Маркет театарот“ од Јужна Африка, театарот „Сао Луиз“ од Португалија, Театарот од Пергола и фестивалот „Мителфест“ од Италија, „Дортмунд театарот“ од Германија, театарот „Црна кутија“ од Норвешка и во соработка со „Рујмтетијд“ од Холандија, театарот „Ла мама“ од Њујорк, САД, Театарот од Гнилане и театарот „Забранет влез“ од Лион, Франција. Оваа претстава низ исклучително импактниот раскажувачки израз говори за потрагата по вистината низ соочувањето со меморијата од конфликтите во Косово и Јужна Африка во 1990-тите години. Би рекол дека на моменти оваа претстава го применува и веќе класичниот брехтовски стил на актерска експресија што вклучува и пеење, но целата инсценација сепак навлегува во реинтерпретирањето на трауматските мигови на двете земји, каде што токму соочувањето со нив со себе ја носи моќта на реинтерпретирање на репресијата како знак дека тоа, за жал, сè уште се случува и триесет години по настаните анализирани и во драмата, а и низ елоквентниот режисерски концепт на Блерта Рустеми Незирај. „#Граница“ е возбудлив драмски текст на младата македонска драматичарка Ана Ристоска Трпеноска, кој низ визуелно експресивната режија на Совран Нрецај, како и низ инспиративната актерска игра на Шпетим Селмани, Верона Коџа, Бленд Садику, Косоваре Красничи и Леарт Нрецај, ни ја долови секојдневната траума на емигрантите, кои сè уште стојат пред границите бегајќи или од војните или во потрага по подобар живот, жртвувајќи ги своите сопствености и драгоцености и соочувајќи се со понижувања од најсуров вид. „Направи го тоа или умри“, затворска драма, повторно низ драматуршката призма на Јетон Незирај и низ режисерското видување на Блерта Рустеми. Незирај ни ги отвори фрапантните анали од третманот на Албанците во 1980-тите години во поранешна Југославија, еден од возбудливите театарски настани на шоукејсот што се случуваше во дворот на затворот во Призрен, доловувајќи ни ги судбините на оние на кои политичкото едноумие во југословенската федерација не им било наклонето, драма што како да влегува во коските на гледачот низ една импозантна веродостојност.
Покрај овие три значајни претстави, на овој секогаш инспиративен шоукејс можевме да ги погледнеме и претставите: „Inhuman“ во продукција на градскиот театар „Беким Фехмиу“ од Призрен, а во копродукција со „Маладајп театарот“ од Будимпешта, Унгарија, „Чендра мултимедија“ од Приштина и „Метрин артс центарот“ од Унгарија, во режија и по драматургија на Золтан Балаш; „Синот“ по текст на Флоријан Зелер, во режија на Ерсон Зимбери, а во продукција на Народниот театар на Косово од Приштина; „Приштина. Однапред смислено убиство на сонот“, во режија на Блерта Рустеми Незирај, а во драматургија на Јетон Незирај, во соработка со Агрон Деми и институтот „Атлас“, а во продукција на „Чендра мултимедија“.
Македонскиот дел од шоукејсот нѐ фасцинира со одличните „Слепци“, по драмски текст на Морис Метерлинк и текстови на Амин Малуф, во режија на Чендрим Ријани и во продукција на Турскиот театар од Скопје, претстава што со еден остар и суров јазик говори за непоштедната потрага по идентитетот низ историските координати, но и низ модерните ѕидови што не ѝ дозволуваат на мултикултуралноста да се вгнезди во социјалните и општествени милјеа. „Слепци“ е претстава-фуга, која низ својата емотивност и фуриозност нè потсетува на човековата идентитетска прашина, која секогаш нè вовлекува во неа како во облак, не барајќи објаснувања, туку само разбирање, па така, низ сопствените приказни, извонредните актери од овој театар нè потсетуваат на тоа дека човекот не може да биде ништо друго освен битие и дека на истиот начин на кој сите судбински приказни се исти, ние токму како луѓе се огледуваме еден во друг.
Другите претстави со кои се одликуваше македонскиот дел од шоукејсот беа: „Глад“, во режија на Хана Миленковска и низ драматургија на Калија Куиселички, а во продукција на независната група „Атриум“ од Скопје, и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, по романот на Марк Хадон, а во режија на Зоја Бузалковска и во продукција на Драмскиот театар од Скопје.
Косовскиот шоукејс остава голем простор и на театарските дебати, кои се од голема важност затоа што вклучуваат театарски мислители и практичари од целиот свет, па, така, мошне интересни беа дебатите: „Значи, ти сакаш да бидеш драматичар?“ во театарот во Ѓаково, која ја модерираше Џиби Вилјемс, драмски автор од Холандија, а на која значајна улога играа Марк Рејвенхил, прославениот драматичар од Велика Британија, кој водеше и мастеркласа за време на шоукејсот, Џанина Карбунариу од Романија и Бернард Штудлар од Германија. Разменувањата на важни промислувања од аспект на драмските автори и како да се чујат нивните гласови донесоа голема возбуда, која продолжи и во Скопје, во Албанскиот театар за деца и млади, со претставување на драмскиот текст на Роберт Алаѓозовски „Исповеди од црната книга“, со исклучително возбудливата дебата „Театарот во Северна Македонија – каде сме и каде сакаме да одиме?“, која ја модерираше Билјана Тануровска, а во која учествуваа Ана Стојаноска, Бесфорт Идризи и Филип Јовановски, дебата што полека ги отвораше горливите проблеми во Македонскиот театар, како и со дебатата „Чии приказни се важни? Театарот зад пропагандата“, која ја модерираше Џулија Вајсерт, а учествуваа Агата Томшиќ, Грег Хоман, Том Масторф и Пантелис Флатсусис. Неизбежниот театарски маркет се случуваше, како и секоја година во Приштина, во „Ода театарот“, а на него своите театарски пледоајеа ги претставија Билјана Тануровска, Филип Петковски, Катерина Кистен и Даниел Маер, а драмските текстови, продукти од мастеркласата на Марк Рејвенхил, се случуваа во Албанскиот театар за деца и млади во Скопје, под наслов „Многу идентитети? Убиј некого од нив“, чуден наслов под чија капа беа прочитани интересни драмски предлошки на младите драматичари од регионот.
Косовскиот шоукејс секогаш нè враќа назад со многу размислувања, со иницијативи и со многу впечатоци. И повторно ќе дојдеме до истата констатација што големиот Шекспир ја сублимирал во една единствена реплика: „Целиот свет е сцена, а сите мажи и жени се само актери: тие имаат свои излези и свои влезови; и еден човек во своето време игра многу улоги, неговата глума е седум возрасти“, секогаш среќни што овој шоукејс не само што ќе ни закаже средба со актуелноста на политичкиот и општествен миг туку ќе ни даде и можност да дадеме свој придонес во хуманата приказна на единственото битие на оваа планета: човекот.
Рецензија на Сашо Огненовски


































