ИОК
- Децентрализираните Игри нема да имаат еден кампус, туку, наместо тоа, шест олимписки села ќе се приспособат беспрекорно на нивната околина, а заедно формираат мрежа вкоренета во карактерот и уникатните потреби на секоја заедница домаќин, пишува ИОК
Организаторите на Зимските олимписки игри (ЗОИ) в година во Италија на најдобар начин ги користат местата од светска класа што веќе се вткаени во пејзажот, низ градовите, долините и алпските градови во Северна Италија. Олимписките села на ЗОИ 2026 во Милано и во Кортина д`Ампецо го следат истиот начин, редефинирајќи го концептот на олимписки живот, од центарот на градот Милано до долините на Доломитите во Кортина и граничните области на Ливињо со голема надморска височина, а децентрализираните Игри нема да имаат еден кампус, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Наместо тоа, шест олимписки села ќе се приспособат беспрекорно на нивната околина, некои со нови градби, реновирања или привремени структури, други сместени во хотели, трансформирајќи ги во целосно интегрирани средини на селата. Заедно, олимписките села формираат мрежа вкоренета во карактерот и уникатните потреби на секоја заедница домаќин, пишува ИОК.
Олимписките села се во Милано, Ливињо, Бормио, Предацо, Антерселва и во Кортина, комбинирајќи нови, привремени и постојни објекти приспособени на локалните контексти. Секоја локација е дизајнирана да ги искористи максимално постојните или привремените структури, минимизирајќи нова градба и приспособувајќи се на локалните потреби и да обезбеди сите спортисти да можат да уживаат во целосното олимписко искуство. Новоизграденото олимписко село во Милано ќе стане постојана студентска населба, а другите локации ќе се вратат во туризмот или како отворен простор, одразувајќи фокус на повторна употреба и трајна локална вредност, пишува ИОК.
Со олимписките села ниту еден спортист не е премногу далеку од своето место за натпреварување. Во исто време се вложуваат напори за да се обезбеди сите спортисти да можат да уживаат во целосното олимписко искуство. ЗОИ 2026 ќе биде првото издание на зимски игри со мултицентричен модел. Церемонијата на отворањето, исто така, ќе го одрази мултицентричниот модел на Игрите, благодарение на иновативен и инклузивен проект, сите спортисти ќе можат да учествуваат во споделено искуство помеѓу Милано, Кортина, Валтелина и Вал ди Фиеме. Како резултат на овој пристап, повеќе спортисти од кога било досега ќе имаат можност да учествуваат на церемонијата на отворањето и да бидат дел од парадата на нивната делегација, пишува ИОК.
– Олимписките села отсекогаш го одразувале своето време, од дрвени колиби во 1924 година до трајни заеднички населби денес. ЗОИ 2026 ја продолжуваат оваа еволуција, покажувајќи дека сместувањето на спортистите е повеќе од логистика, станува збор за создавање трајна вредност за локалното население – вели Мари Салоа, директор на ИОК за одржливост. Н.М.


































