![]()
- Со помош и поддршка од САД и ЕУ, Албанија создаде независно тело одговорно за истражување и гонење корупција на високо ниво, како и за гонење организиран криминал и тероризам, познато како Специјална структура за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал или СПАК, кое стана оперативно во 2019 година. Специјалните обвинители оттогаш поведоа постапки против некои од најмоќните личности во земјата
Во рачно напишана белешка, демократски избраниот градоначалник на главниот град на Албанија призна дека му е тешко да си ја врши работата: тој е заклучен во затворска ќелија во последните девет месеци. Ерион Велиај беше, и можеби сè уште е, моќен политичар во владејачката Социјалистичка партија на Албанија. Како поранешен активист и популарен градоначалник на Тирана, можеби ќе ги следеше стапките на своите претходници за да стане премиер или претседател. Наместо тоа, неговата иднина е матна, благо речено.
Четириесет и петгодишниот Велиај беше уапсен во февруари и обвинет во јули за корупција, перење пари и за прикривање богатство. Сега, тој е сведен на комуникација со своите поддржувачи преку писма што ги доставува неговото семејство. Но тој не е без ресурси. Тој има и тим од пиар-консултанти и адвокати во Лондон и Вашингтон.
Градоначалникот е еден од неколкуте високи функционери во Албанија и соседните земји што се гонети од нови обвинители, во рамките на амбициозниот обид за реформа на правосудните системи во земјите што сакаат да се приклучат кон Европската Унија.
Невообичаената ситуација во Албанија ги открива предизвиците. Велиај останува градоначалник. Тој исто така останува во затвор чекајќи судење. Изборите за негова замена беа откажани од Уставниот суд.
Од една страна, гонењето на актуелните политичари покажува дека никој не е над законот, во земја позната по организиран криминал и сомнителни зделки. Но, за обвинетите, меѓу кои е градоначалникот на Тирана, специјалните обвинители се „неизбрана, недопирлива“ сила, која, како што рече тој, со „неконтролирани и неодговорни овластувања“ – создаде своевиден „балкански Франкенштајн“.
Во писмо до своите поддржувачи, тој ја спореди истрагата со колоноскопија и праша: „Кој наркобос бил подложен на ова? Кој сериски убиец го видел целото свое семејство вовлечено во истрага?“
На прашањето дали може да ги извршува своите службени должности, Велиај одговори: „Едвај“. На прашањето зошто бил приведен и не бил ослободен со кауција додека чекал судење, еден од неговите правни советници потврди дека обвинителите сметаат дека има ризик од бегство.
– Најчесто читам и пишувам во мојата ќелија, немам интернет, немам компјутер за да го прочитам мојот случај, ограничени телефонски повици до сопругата и мајката – напиша Велиај како одговор на прашања од „Вашингтон пост“, кои му ги пренесе неговиот брат.
Велиај рече дека обвинителите ги одбиле неговите барања да се сретне со општински службеници, како и со меѓународен адвокат. Тој негира какво било кривично дело.
– Овие обвиненија се целосна шега – напиша тој.
Додека ЕУ работи на вклучување на повеќе земји во блокот од 27 држави, Албанија се појави како главен кандидат, заедно со Црна Гора, која веројатно е најдалеку напред и би можела да биде примена уште во 2028 година. Последната земја што се приклучи претходно беше Хрватска во 2013 година.
Исто така, во преговори за членство се: Македонија, Молдавија, Босна и Херцеговина и Србија, како и разорената од војна Украина, која моментно е во воена состојба. Кандидатурата на Турција во суштина е замрзната, додека преговорите со Грузија се во сличен застој.
За да влезат во клубот, земјите мора да ги постигнат стандардите на ЕУ за владина компетентност, транспарентност и праведност, и мора да му докажат на Брисел дека спроведуваат чисти избори, ги штитат човековите права и гонат корупцијата. Јавната корупција останува огромен предизвик. Земјите кандидати често се жалат на лицемерство, забележувајќи дека земјите основачи на ЕУ, како Франција, тешко се имуни на јавна корупција и честопати имаат лесе фер пристап.
Со помош и поддршка од САД и ЕУ, Албанија создаде независно тело одговорно за истражување и гонење корупција на високо ниво, како и за гонење организиран криминал и тероризам, познато како Специјална структура за сузбивање на корупција и организираниот криминал или СПАК, кое стана оперативно во 2019 година. Специјалните обвинители оттогаш поведоа постапки против некои од најмоќните личности во земјата, вклучувајќи ја и вицепремиерката Белинда Балуку, обвинета претходно месецов за наводно помагање во местење мултимилионски тендер за изградба на тунелот Љогара, скап инфраструктурен проект.
Балуку служи покрај долгогодишниот колоритен премиер на земјата, уметникот Еди Рама, кој врши притисок врз ЕУ да ја пушти Албанија да влезе во европскиот блок.
– Порано луѓето мислеа дека Албанија е дупка во средината на Европа, сега гледаат дека е дел од европскиот мозаик. Дали имаме проблеми со организираниот криминал? Да, но кој нема? Погледнете го овој град, тоа е уште еден пример. Но има и одлични работи – рече Рама во телевизиско интервју за „Еуроњуз“ во Брисел, осврнувајќи се на административниот центар на ЕУ.
Балуку продолжува да ја извршува функцијата и вели дека му верува на правосудниот систем. Но таа не е единствената голема риба во мрежата. Во мај, обвинителите на СПАК поднесоа обвинение против Илир Мета, поранешен претседател и премиер, за корупција, перење пари и даночно затајување – во договори поврзани со луксузна вила и билети за концерт на поп-ѕвездата Бијонсе. Мета ги негира обвиненијата и го критикуваше обвинителството, нарекувајќи го неговото апсење „киднапирање“ од страна на „диктаторски режим“.
Потоа, во тоа друштво е и Сали Бериша (81), поранешен премиер, претседател на државата и лидер на опозициската Демократска партија, кој беше ставен во домашен притвор, а потоа обвинет за „пасивна корупција“ од СПАК во септември 2024 година, за наводно помагање на неговиот зет да има корист од приватизацијата на земјиштето експроприрано за време на комунистичката ера. Бериша негира дека сторил нешто лошо и го нарече своето гонење политички мотивирано.
Градоначалникот Велиај, кој седи во затворска ќелија оддалечена педесетина километри од неговата канцеларија во градското собрание, е обвинет за водење сложена шема поврзана со мито и перење пари, преку мрежа од невладини организации и компании контролирани од семејството. Во септември, Градскиот совет на Тирана се обиде да го отстрани Велиај од функцијата, велејќи дека не можел да ги извршува своите должности бидејќи бил зад решетки.
Изборите беа закажани за почетокот на ноември. Кандидатите се пријавија, вклучувајќи го и сатиричарот Флоријан Бинај, еден од најпознатите телевизиски актери во земјата, познат по имитации на премиерот Рама. Бинај изјави за „Вашингтон пост“ дека се кандидира за да го подобри квалитетот на животот на обичните граѓани.
Велиај се бореше да ја задржи својата функција и во изненадувачка пресуда претходно месецов, Уставниот суд ја поништи одлуката на Градскиот совет на Тирана, го врати на функцијата градоначалник и ги запре планираните избори. Адвокатскиот тим на Велиај го поздрави ова како клучен момент за демократијата во Албанија, потврдувајќи го уставниот принцип дека мандатот на избран функционер не може да се прекине без соодветна постапка.
Селија Мар, една од правните советнички на Велиај во Лондон, рече дека тој треба да биде ослободен за да се врати на своите службени должности додека се бори против обвиненијата на суд. Појавувајќи се пред Уставниот суд минатиот месец, Велиај рече: „Можете да затворите некого, но не и неговата вистина. А вистината е дека моето отсуство не беше избор, туку последица на изолација наметната од државата, преку непропорционална одлука… која ме лиши не само од мојата слобода туку и од мојот град, пред да се докаже каква било вина“.
На прашањето од „Вашингтон пост“ дали би било подобро да поднесе оставка и да се бори против неговата кривична постапка, Велиај категорично порача – не.
– Тоа би поставило стандард каде што секој функционер може да биде цел на лажни обвиненија и да ја изневери довербата на гласачите да служи и да испорачува – рече тој.
Лутфи Дервиши, политички аналитичар во Албанија, истакна дека „градот е во неизвесност“, но дека ЕУ веројатно ќе погледне подалеку од хаосот и ќе види дека правосудниот систем функционира. Гонењето политичари покажува „крај на неказнивоста, односно допирање до некогаш недопирливите“, заклучува Дервиши.


































