Апел од Институтот за јавно здравје
Употребата на електронски цигари кај младите пораснала за десет отсто за четири години, поради што мора итно да се реагира, апелираа доктори од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на вчерашниот форум организиран од Сојузот за превентива од алкохолизам, борба против пушењето и злоупотребите на дрогите, како и борба против други зависности на Македонија во домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“.
Во 2020 година, 21 отсто од младите кажале дека употребуваат електронски цигари, а во 2024 тој процент се искачил на речиси 30 отсто, според истражувањата на ИЈЗ.
Д-р Давид Здравески од ИЈЗ нагласи дека се потребни брзи, ефективни мерки со кои би се заштитиле здравјето и иднината на младината, создавајќи средина што ги намалува ризиците. Тој притоа посочи дека е потребна координација меѓу институциите, училиштата, здравствениот сектор и семејствата со цел решавање на проблемот.
– Употребата на класични цигари за десет години останува иста, но е зголемена употребата на новите електронски цигари, кои се популарни кај младите. Употребата на тутун е сериозна, имаме рекордни бројки со највисоки стапки меѓу земјите во светот – посочува д-р Петровски.
На форумот биле поканети и директори, педагози, психијатри од основните и средните училишта на градот Скопје. Н.М.


































