Анализа: Каде исчезна Скот Дериксон, мајсторот на хоророт?

Скот Дериксон е еден од оние режисери што со неверојатна прецизност успеваат да го фатат мракот на човечката психа и да го префрлат на екранот. Од неговите рани хорор-дела до студиските спектакли со суперхерои, неговата кариера е патување низ темнината и светлината на киното, низ светови што плашат, вознемируваат, но истовремено фасцинираат. Дериксон создава филмови што не само што ги плашат гледачите туку ги тераат да размислуваат за моралот, религијата и за човечките стравови, а токму тоа го прави уникатен на современата хорор-сцена. Во моментов тој повторно е актуелен со својот најнов блокбастер „Црниот телефон 2“, кој претставува продолжение на истоимениот филм од 2022 година. Овој филм, како и неговите претходни два, предизвика реакции поттикнати од текот на неговата режисерска кариера. Во однос на тоа, ќе се обидеме да направиме кратка анализа на траекторијата по која се движи прославениот режисер.
Сè започнува со „Егзорцизмот на Емили Роуз“ во 2005 година, филм што го постави Дериксон како режисер што може да создаде хорор со сериозна тежина. Приказната не е само за демонско опседнување туку за судски процес, верски дилеми и психологија што ја предизвикува совеста на гледачот. Дериксон овде покажува дека хоророт не треба да биде галерија од страшни моменти, туку дека дејството треба да се гради на тензија, на неизвесност, на сомнеж што се влева во секој кадар. Филмот го поставува тој препознатлив потпис – комбинирање на реалноста со надреалното, каде што верските и моралните дилеми се исто толку важни колку и стравот.
Следниот голем чекор е „Синистер“ во 2012 година, култен хорор што го дефинира стилот на Дериксон. Филмот носи мрачен и злокобен тон, со внимателно конструирани сцени што оставаат траен впечаток. Во „Синистер“, Дериксон ги истражува темите на семејните трауми, детските кошмари и мистериозното зло, кои се кријат во секојдневниот живот. Тука психолошкиот хорор е во преден план, но не се занемарува и визуелниот јазик – сенки, агли, звук – сè е подредено на создавање длабок и неизбежен страв. Филмот се покажа како комерцијален успех, но и како пример за тоа како модерниот хорор може да биде интелигентен, мрачен и уметнички значаен. „Синистер“ беше прогласен за најдобар хорор-филм во последните две децении од страна на филмските фанови.

Но што се случува понатаму со кариерата на Дериксон? Како овој режисер, кој создаде два култни филма, успеа да доживее таков пад во квалитетот? Зошто Дериксон од сериозен режисер што се занимава со душата на гледачот одеднаш се најде на другата страна од приказната, барајќи се во блокбастери?
Кариерата на Дериксон доживува драстична промена. Тој се свртува кон студиски блокбастери. Со „Доктор Стрејнџ“ во 2016 година тој влезе во светот на големите буџети, визуелни ефекти и наративи водени од суперхерои. Стилот на Дериксон овде е ограничен од студиските очекувања и глобалната публика – мракот и психолошката напнатост што го дефинираа неговиот хорор-потпис се придушени, а акцијата и визуелниот спектакл заземаат преден план.
Во годините што следуваат, Дериксон се посветува на проекти што често застануваат во духовниот пристап или остануваат неизвесни, што го оттргнува од хорор-жанрот и го држи подалеку од филмови што го направија препознатлив. Но неговата љубов кон мрачните и психолошки напнати приказни не згаснува. Со „Црниот телефон“ во 2021 година тој повторно му се враќа на хоророт. Филмот комбинира морбидна естетика, психолошка тензија и одлична работа со актерите за да создаде свет што е вознемирувачки, но и длабок. Дериксон сепак не успева да ги зачува својата уметничка слобода и препознатлив потпис. Поголемиот буџет и комерцијални очекувања сосема го променија неговиот стил.
„Црниот телефон“ и неговото продолжение „Црниот телефон 2“, кој излезе годинава, предизвикаа многу реакции меѓу фановите на хоророт, од кои повеќето беа негативни. Првиот филм од 2022 година уживаше мошне добри критики, но сепак имаше критики што посочуваа на дупки во сценариото и недоследности во наративот. Гледачите често зборуваа дека филмот, иако визуелно интересен и со иновативни хорор-моменти, повеќе се потпира на излитени финти и експозиција отколку на вистински страв. Некои критики наведуваа дека филмот се чувствува како комбинација на жанрови, а мотивите на зло и на суптилниот хорор понекогаш се премногу оптоварени со морални и драмски теми, што ја разводнуваат целата напнатост.
Со „Црниот телефон 2“, очекувањата беа уште повисоки, но критиките за слабости во сценариото и структурата стануваат уште поочигледни. Иако филмот, за чудо, добива и позитивни рецензии, мнозинството гледачи и критичари забележуваат дека наративот често е несмасен, дијалогот клишеизиран, а експозицијата го забавува темпото. Главниот антагонист, кој во оригиналот беше моќен и морбидно убедлив, во продолжението губи од интензитетот, што ги намалува напнатоста и стравот. Некои гледачи дури сметаат дека вториот филм ја изгубил суштината на првиот, фокусирајќи се повеќе на проширување на митологијата и објаснување на „зошто“ отколку на создавање вистински хорор-моменти.


Главните слабости на овие филмови се во балансирањето на моралниот и драмскиот елемент со стравот. Хоророт бара континуирана напнатост и неизвесност, а кога премногу внимание се дава на објаснување или експозиција, тоа ја уништува кохезијата. Втората етапа на франшизата покажува колку е тешко да се зачува непосредната жестина на хоророт додека се обидуваш да го повториш, условно речено, успехот од првиот дел и да направиш нешто поголемо. Иако визуелно филмовите се впечатливи, со стилски кадри и атмосфера, самата наративна структура и развој на карактерите воопшто не го држат темпото што хоророт го бара.
Во суштина, „Црниот телефон“ и особено неговото второ продолжение во буквална смисла не ги исполнуваат очекувањата на љубителите на жанрот, кои бараат континуирана тензија и психолошки страв. Идеите се присутни, визуелниот стил е впечатлив, но проблемите со сценариото, реализацијата, експозицијата и слабата карактеризација прават гледачите да се разочараат и да сметаат дека филмовите не ја достигнале потенцијалната моќ на оригиналниот концепт.
Анализирајќи ги филмовите на Дериксон, јасно се гледа неговата еволуција како режисер. Раните дела се интимни, психолошки и страшни на начини што оставаат длабок впечаток. „Синистер“ ја зацврстува својата позиција како мајстор на хорор-жанрот, додека „Доктор Стрејнџ“ го прикажува како може да се приспособи на студиски притисок и глобална публика, залудно обидувајќи се да го задржи својот визуелен и наративен стил. „Црниот телефон“ ја покажува лошата страна на еден комерцијализиран производ.
Патот на Скот Дериксон е приказна за режисер што почнал со интимен хорор, се преселил во големи студиски проекти и повторно се обидува да го врати својот мрачен потпис. Во секоја фаза се чувствува неговата способност за напнатост, психологија и создавање светови што оставаат траен впечаток. Тој е еден од најинтересните современи режисери, не само во хорор-жанрот туку и во светот на визуелно смели и наративно предизвикувачки филмови. Но неминовно е да се забележи дека големите буџети на продукциските куќи драстично го променија неговиот потенцијал.