ШАХ
Ји, Есипенко, Синдаров и Јакубоев се полуфиналисти на СК
Четирите нерешени резултати оставија отворени три полуфинални места и доведоа шест шахисти до она што можеби е најстресна точка досега на Светскиот куп (СК) во Гоа (Индија). Веи Ји (2.752 рејтинг-поени) од Кина, Јавохир Синдаров (2.721) од Узбекистан и Андреј Есипенко (2.693) од Русија ги добија своите партии од доигрувањето, придружувајќи му се на Нодирбек Јакубоев (2.689) од Узбекистан, кој се пласира претходниот ден во регуларниот тек од две класични партии, победувајќи го Александар Донченко (2.641) од Германија со 1,5-0,5. Арџун Еригаиси (2.773), последниот преостанат домашен шахист, беше елиминиран од Ји со 1,5-2,5, Синдаров го победи Шпанецот Хозе Алкантара со 3,5-2,5, а Есипенко го совлада Американецот Сам Шакланд (2.654) со 4-2. Од вкупно 206 учесници, во полуфиналето ќе играат Синдаров – Јакубоев и Есипенко – Ји, а само тројца од нив ќе се пласираат за Турнирот на кандидатите за предизвикување на светскиот првак. Вчера беше слободен ден, а денеска се играат полуфиналните средби. Г.И.
ВО ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА
Одржана шаховска обука за наставници од основните училишта
Во организација на Шаховскиот сојуз на Град Скопје (ШСГС), а со поддршка на Општина Кисела Вода, во големата сала во Општината се одржа шаховска обука за наставници од основните училишта на територијата на општината Кисела Вода. За време на настанот беа поделени и шаховски гарнитури за секое основно училиште.
– Се надеваме дека со овие активности ќе го зголемиме бројот на училишта што ќе се приклучат кон проектот „Шах во училиштата“ и шахот ќе биде подостапен за секое дете. Голема благодарност до Општина Кисела Вода и до нејзината градоначалничка Бети Стаменкоска-Трајкоска, како и до Секторот за спорт, за целокупната поддршка и соработка при реализирањето на оваа шаховската манифестација – рече претседателот на ШСГС, Ѓорѓи Миновски. Г.И.
ФУДБАЛ
УЕФА го одобри враќањето на Барселона на „Камп Ноу“ за меч од ЛШ
Следниот натпревар на Барселона во Лигата на шампионите (ЛШ) на домашен терен ќе се игра на реновираниот стадион „Камп Ноу“ со делумен капацитет, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Клубот соопшти дека ќе биде домаќин на Ајнтрахт на тој стадион, а се очекува да бидат достапни околу 45.000 билети.
Барселона објави дека Европската фудбалска унија (УЕФА) го прифатила барањето на клубот да се врати на „Камп Ноу“, „со оглед на тоа дека се исполнети сите потребни услови“. На клубот му беше потребна дозвола од управното тело на европскиот фудбал, бидејќи прописите наведуваат дека тимовите мора да го користат истиот стадион за сите четири домашни натпревари во лигашката фаза, пишува АП.
Барселона соопшти и дека натпреварот од шпанската лига со Атлетик Билбао, в сабота, ќе биде прв на „Камп Ноу“ откако почна со реновирање на стадионот во јуни 2023 година за да се прошири капацитетот на најголемиот фудбалски објект во Европа од 99.000 на 105.000 места. На тој меч ќе има 45.401 гледач. Н.М.


































