ТЕНИС
Роже Федерер ќе стане првиот член од големата тројка на тенисот што ќе биде примен во Меѓународната тениска куќа на славните, во август в година, на церемонија во Њупорт (САД), пишува „Би-би-си“. Федерер се пензионира во 2022 година откако освои 103 титули на турнири на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), со што е втор по Џими Конорс (109 титули) за време на т.н. опен ера (од 1968 година). Швајцарецот беше првиот што освои 20 гранслем-титули во поединечна конкуренција, подоцна вкупно надминат од ривалите од големата тројка, Новак Ѓоковиќ (24 трофеи) и Рафаел Надал (22), пишува „Би-би-си“.
– Огромна чест е да бидам примен во Меѓународната тениска куќа на славните и да стојам рамо до рамо со толку многу големи шампиони. Низ мојата кариера секогаш ги ценев историјата на тенисот и примерот што го поставија оние што беа пред мене. Со нетрпение очекувам да го посетам Њупорт следниот август за да го прославам овој посебен момент со тениската заедница – рече Федерер, пренесе „Би-би-си“.
Меѓу 20-те гранслем-триумфи Федерер освои рекордни осум титули во машка поединечна конкуренција на Вимблдон. Тој го држеше првото место на светската ранг-листа вкупно 310 недели, вклучувајќи рекордни 237 недели по ред. Н.М.


































