Популизмот на Трамп и на Мицкоски

Политичкиот популизам не е нешто ново: според највлијателните теоретичари, американскиот претседател Доналд Трамп е еден од најдобрите современи политичари – популисти. Таа констатација се искажува по вторпат, по неговото враќање на чело на најмоќната држава во светот. Тешко некој може да оспори дека популизмот стана составен дел на денешната светска политика. Популизмот, не само благодарение на Трамп, уште отсега се дефинира како политички феномен што идеолошки ќе го обележи 21 век. Постои причина зошто ги привлекува луѓето. Кој не го сфати и не го разбира тоа, нема што да бара во политичката гладијаторска арена. Сега и во иднина.
Во Република Македонија партијата ВМРО–ДПМНЕ е во тимот што ги следи моментните светски популистички текови. Освен што самата се декларира како десничарска и христијанска, не бега ниту од позиционирањата дека е популистичка, квалификативи што ги добива од социјалдемократите, повеќе како негативна критика за таквата определба. Популизмот, меѓу другото, за четири години ѝ донесе три последователни убедливи изборни победи. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, сосема солидно ја научил лекцијата за популизмот и ја применува ефективно во пракса како успешна алатка за остварување на своите цели.
Кои се одликите на популизмот? Основна идеја е дека политиката што се води треба да биде израз на волјата на народот, на неговото мнозинство. Според едни теоретичари, популизмот се дефинира како општество што е поделено на две спротивставени групи: на „чист народ и расипана (корумпирана) елита“. Попросто кажано – тие што владееја пред нас беа расипани – ние сме чисти. Тој концепт подразбира феноменот на популизмот да се манифестира како идеологија, тип на силна организација, посебен стил на реторика, начин на настапи (говори, ветувања) и редовно потенцирање на разликите меѓу народот и елитата, секако во полза на народот.
Во таа смисла популизмот се јавува како заштитник на народот, на чесните, моралните, некорумпираните, обесправените, поттурнатите, сиромашните, на тивкото незадоволно мнозинство. Наметнувајќи се како единствени претставници на вистинскиот народ, популистите ги осудуваат сите други претенденти на моќ, ги сметаат за неспособни, нелегитимни, финансиски корумпирани, морално расипани и криминогени. Главната цел е уривање на елитата. Тие задачи му се даваат на избраниот лидер, харизматичен водач што понекогаш се третира дури и како неприкосновен религиски поглавар, отелотворение на волјата на мнозинството од народот.
Во Србија, на пример, претседателот Александар Вучиќ ја има добиено неформалната титула неприкосновен носител на популизмот. Таквата политика ја спроведува продолжувајќи ја состојбата на криза, говорејќи постојано за некаква скора српска пропаст, од една страна, а од друга, претставувајќи се себеси како жртва и како единствен спасител што знае како да победи. Судиите, обвинителите, независните медиуми, независните институции ги смета за пречки при спроведувањето на гласот и волјата на народот.

Политичкиот популизам е карактеристична појава и во современите демократии, особено во земјите каде што се случуваат демократски промени. Политичките, партиски лидери, особено во изборните кампањи, по правило, ја критикуваат актуелната власт што не успеала да ја развие демократијата, што направила крупни грешки и им овозможила на поединци или групи да вршат разни злоупотреби и да се збогатат на сметка на државата. Критиката се претставува како израз и во име на незадоволниот народ, односно граѓаните. Поинаку кажано, популизмот црпи сила од наводните барања на чесниот и едноставен народ, кого го изманипулирале и измамиле корумпирани, некомпетентни, криминогени, непатриотски и анационални елити вмрежени во сите пори на државата.
А се знае дека „тивкото мнозинство“ е чувствително на криминалот, на крадењето, корупцијата, неморалот и нечесноста и чека сите оние што учествувале во криминогени работи да бидат изведени пред судот на правдата. Сите незадоволни лесно ги прифаќаат тие искажувања, уште полесно наседнуваат на дадените ветувања дека сѐ ќе биде поинаку.
Популистите го ветуваат тоа, а прашање е колку ги исполнуваат тие ветувања откога ќе застанат на власт. Противниците ги обвинуваат дека даваат лажни и нереални ветувања, манипулираат со евтина демагогија, ги будат „ниските страсти“ кај луѓето и на тој начин ја добиваат незаслужено нивната доверба.
Сите овие карактеристики на популизмот, сакале да признаеме или не, се карактеристични и за Македонија. Не треба да се докажува, ниту пак да се крие, дека предводник на таквата политика е партијата ВМРО-ДПМНЕ. Обидите на некои други помали политички партии да играат на картата на популизмот не се покажаа успешни, по што, немајќи друга алтернатива, преминуваат во гол национализам. Во раните фази и ВМРО-ДПМНЕ знаеше да ја помине таа граница, иако такви ситни остатоци се присутни и денес.

ВМРО-ДПМНЕ откако на негово чело дојде Мицкоски на својот популизам додаде и една многу важна алка што недостигаше, а ја запоставуваат другите партии, особено СДСМ. Тоа е алката на етнопартизмот и суверенизмот. Одбраната на националниот идентитет на Македонците, отпорот кон обидите за непризнавање на нивната историја, јазик, писмо и културно наследство, активност што ја водат некои од соседните земји ја легитимира партијата како национална заштитничка. Во таа насока е и внимателноста што се искажува кон империјалните институции на ЕУ, кои ја изложуваат Република Македонија (сега Северна) на понижувања и неправди, особено околу желбите на земјата за членство во Унијата.
На крајот од овој преглед, важно е да се истакне дека поимот популизам во современата политика и политикологија е влезен како ознака за левите движења. Имено, придавката „популистички“ почнала да се користи кон крајот на 19 век во Соединетите Американски Држави за опис на начелата на тогашната Народна партија, која ги бранела правата на селаните и работниците. Партијата во нивно име ги критикувала корумпираните политички и економски елити што функционирале меѓу Вашингтон и Њујорк.
Инаку, етомолошката споредба меѓу демократијата и популизмот наведува на заклучокот дека станува збор за два збора со слично значење. И двата поима, имено, во основата го имаат народот, владеењето на народот. Демократијата буквално значи владеење на народот, а и зборот популизам произлегол од латинскиот збор „популус“ или народ. Во современата употреба тие два поима се разликуваат. Поимот демократија во јавниот политички дискурс главно има позитивни конотации, додека за поимот популизам се врзуваат негативни. Но и тие мислења се поделени, зависно кој како толкува, каква идеологија застапува и од какви интереси постапува.