Илустрација / Фото: Нова Македонија

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС најавува дека во наредниот период ќе се разгледуваат нови модалитети за исплата на пензии и подобрување на пензискиот систем. За овие реформски пакети веќе се формирани неколку работни групи.

– Во наредниот период се очекува воведување нови модели за исплата на пензии и имплементација на мултифондови во системот на капитално финансирано пензиско осигурување – најави Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС на денешниот брифнг со медиумите.

Владата веќе формирала неколку работни групи кои работат на реформската агенда за пензиското осигурување, на можностите за инвестирање преку мултифондови и на подобрување на моделите за исплата на пензии.

Според него, масовната исплата на пензии од вториот столб ќе започне околу 2030 година, а до 2040 година бројот на пензионери ќе достигне 12 до 13 илјади лица.

– Се разгледуваат опции за месечни ануитети и други модели, со цел да се намали ризикот кој моментално го носи членот – додаде Саздов.

Во системот веќе се акумулирани околу три милијарди евра, што претставува 17 проценти од БДП, а вклучени се 626 илјади членови, односно 77 отсто од работно активното население.

– Мултифондовите ќе овозможат инвестирање според возраста, поактивно портфолио за помладите, балансирано за средната генерација и конзервативно за лицата над 60 години – нагласи Саздов.

Дополнително, се разгледуваат и нови модели за исплата преку осигурителни компании и комбинации на ануитети и програмирани повлекувања, но за нив е потребна координација со Владата.

Претседател на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами нагласи дека Агенцијата, како регулатор, има обврска да обезбеди стабилен, транспарентен и одржлив пензиски систем, но и да гарантира точни и разбирливи информации до јавноста. Посебен акцент, според Бајрами, ќе се стави на финансиската писменост, која е клучен предуслов за успешност на реформите.

– Само информиран граѓанин може да ги препознае придобивките од учеството во вториот и третиот столб и да донесе одлуки што ја зајакнуваат неговата лична финансиска сигурност – истакна претседателот на Советот.

Бајрами ја нагласи улогата на медиумите како клучен партнер во пренесувањето на точни и проверени информации, со цел да се зајакне довербата во системот.