Фото: Маја Јаневска-Илиева

Различни аршини и реакции на актуелен Брисел за практиките на издавање државјанства на Балканот

  • Токму во сферата на издавање државјанства, односно пасоши, каде што може да се почувствува вкусот на „националниот идентитет и на политиката со хегемонистички примеси“, најчесто се појавуваат двојни стандарди – селективна примена на принципи, зависно од тоа кој е актерот и какви интереси се во игра, што е особено видливо во двојните стандарди на Европската Унија. Брисел не излезе со јасен став за асимилацијата на Македонците од страна на бугарските институции преку делење бугарски пасоши, додека предупредува други држави оти „издавањето пасоши на странци претставува безбедносен ризик за Европската Унија“?!

Државјанството и пасошот одамна престанале да бидат само правни категории. Тие одамна се ставени во функција на докажување културна врска и се инструмент за политичко влијание. Во современиот свет, тие се и економски ресурси што државите ги користат за да ги остварат своите интереси, да привлечат капитал, да изградат дипломатски мостови или да засилат своја позиција во регионалните односи. Но токму во оваа сфера, каде што може да се почувствуваат вкусот на „националниот идентитет и на политиката со хегемонистички примеси“, најчесто се појавуваат двојни стандарди – селективна примена на принципи, зависно од тоа кој е актерот и какви интереси се во игра, што е особено видливо во двојните стандарди на Европската Унија. Либерален Брисел не излезе со јасен став за асимилацијата на Македонците од страна на бугарските институции преку делење бугарски пасоши, додека предупредува други држави оти „издавањето пасоши на странци претставува безбедносен ризик за Европската Унија“?!

Со српски пасош, руските државјани би можеле слободно да патуваат во земјите од ЕУ

Во најновиот извештај за напредокот на Србија како земја кандидат за членство во Европската Унија се споменува дека доделувањето српско државјанство на руски граѓани може да претставува „можен безбедносен ризик“. Притоа се објаснува дека со српски пасош, руските државјани би можеле слободно да патуваат во земјите од ЕУ, што во сегашниот геополитички контекст се гледа како потенцијална закана. Србија има посебна постапка, според која, државјанство можат да добијат граѓани на други земји, доколку тоа претставува „интерес за Србија“. Но бројките не се јавно достапни, што дополнително ја засилува перцепцијата за непроѕирност и ризик. Така, ЕУ ја критикува Србија за недоволна транспарентност и за можност преку оваа политика да се отвори простор за руско влијание во регионот.
Во исто време, Бугарија продолжува да доделува државјанства и пасоши на руски граѓани, иако бројот е помал во споредба со апликантите од Балканот. Русите најчесто аплицираат преку инвестиции, бракови или долгорочен престој. Постои и историска основа – мали заедници со бугарско потекло во Русија – но тоа е поретка причина.
– И покрај геополитичките околности, бројот на апликации од Русија е намален, но континуитетот постои. За Бугарија, ова е економска и политичка алатка: пасошот станува средство за привлекување капитал, но и за ширење културно-политичко влијание. Така, додека Србија се критикува за создавање „ризик“, а Бугарија се толерира како држава што „ја негува дијаспората“ и „привлекува инвестиции“ – велат нашите соговорници.

Бугарските пасоши за Македонците – прашање без став од ЕУ!

Најголемата контроверзија е во тоа што десетици илјади Македонци од Македонија, Албанија и од Косово добиле бугарски пасоши во последните две децении. За тоа, ЕУ досега не излезе со јасен став иако повеќепати беше нагласено дека станува збор за форма на симболична асимилација бидејќи апликантите мора да потпишат декларација дека се чувствуваат како Бугари. Така, прагматичната одлука за добивање ЕУ-пасош се претвора во политички доказ за постоење бугарско малцинство.
Во Албанија, пак, македонското друштво „Илинден“-Тирана јавно предупредува дека граѓаните не треба да бидат принудени да бараат пасоши од земји членки на ЕУ, кои ги користат за влијание и асимилација на малцинствата. Европската интеграција, велат тие, е единствениот пат што ќе ја елиминира оваа зависност и ќе им овозможи на граѓаните да ги остваруваат своите права без да мораат да се идентификуваат како припадници на друга нација.
– Граѓаните не треба да бидат принудени да бараат пасоши од земји членки на Европската Унија, кои ги користат како средство за влијание и асимилација на малцинствата. Таквата практика не само што го нарушува достоинството на луѓето туку и создава зависност што ја поткопува нивната национална самосвест. Европската интеграција е единствениот пат што ќе ја елиминира оваа зависност и ќе им овозможи на граѓаните да ги остваруваат своите права слободно, без да мораат да се идентификуваат како припадници на друга нација. Само преку полноправно членство во ЕУ ќе се обезбедат рамноправност, заштита на идентитетите и сигурна иднина за сите граѓани, независно од нивната етничка или културна припадност – велат добро упатени лица во оваа проблематика.

Двојниот аршин на ЕУ

Тука се појавува суштинското прашање: зошто ЕУ ја гледа практиката на Србија како безбедносен ризик, а практиката на нејзината членка Бугарија како легитимна политика за дијаспората? Во случајот со Србија се нагласува опасноста од руско влијание. Во случајот со Бугарија се премолчува фактот дека со масовното доделување пасоши на македонски, албански и косовски граѓани се врши културно-политичка асимилација и се гради аргумент за постоење бугарско малцинство во соседните држави.
Ова е класичен пример на двојни стандарди: една практика се осудува како ризик, а друга се толерира како „дијаспорска политика“, иако двете имаат слични импликации – проширување на влијанието преку државјанство.
– Државјанството е мост меѓу правото и идентитетот, но и алатка за геополитичка игра. Кога ЕУ ја критикува Србија за доделување пасоши на Руси, а истовремено молчи за бугарската практика на масовно доделување пасоши на Македонци во Република Македонија или Република Бугарија, тоа навистина изгледа како двојни стандарди – велат нашите соговорници.


Бугарија, преку политиката за доделување државјанства, штанца нови „аргументи“ за своите дипломатски настапи

Зошто Македонците во Албанија и во Косово постојано се „на нишан“

Бугарија активно доделува државјанства и пасоши на граѓани од држави во регионот, особено во Албанија и во Косово, врз основа на „докажано бугарско потекло“. Оваа практика не е само административна постапка туку ги отвора и прашањата за идентитетот, асимилацијата и политичкото влијание над македонското малцинство во Албанија и во Косово. Имено, апликантите мора да добијат уверение од Државната агенција за Бугарите во странство (ДАБЧ), институција што има задача да потврди дека апликантот има бугарски предци или се идентификува како Бугарин. Овој документ е клучен чекор во процесот, бидејќи без него не може да се продолжи кон добивање државјанство.
Но самиот факт дека државата бара од апликантот да се изјасни за своја национална припадност отвора простор за дебата: дали станува збор за искрено признавање на културна врска или за симболична асимилација? Овој феномен предизвикува контроверзии и политички дебати. За многумина, рака на срце, тоа е прагматичен избор – бугарскиот пасош овозможува слободно движење и работа во Европската Унија. Но за други, тоа е чувствителна тема, бидејќи се доживува како поткопување на македонскиот идентитет и како инструмент за политички притисок.
Станува збор за активен процес на асимилација, бидејќи апликантите мора да потпишат декларација дека се чувствуваат како Бугари. Оваа декларација е повеќе од формалност: таа е акт на самосвест што ја пренесува националната припадност од лична во правна сфера. Со други зборови, ова е начин да се „прекрсти“ идентитетот на луѓето, да се претвори нивната прагматична одлука во политички доказ за постоење бугарско малцинство. Од политички аспект ова може да се толкува како обид да се засили бугарското влијание и да се легитимираат барања во билатералните односи. Во контекст на европската интеграција на Македонија, прашањето за историјата, идентитетот и правата на малцинствата стана дел од преговорите. Бугарија, преку својата политика на државјанства, не само што ја зајакнува својата позиција туку и создава нови аргументи за своите дипломатски настапи. Д.Ст.