Тони Коњановски, градоначалник на Битола

Мојата визија е да создадеме Битола во која секој ќе може да сонува, да работи и да живее достоинствено. Со заеднички труд, можеме и ќе ја направиме таква, вели градоначалникот Тони Коњановски, кој доби втор мандат на функцијата. Тој за „Нова Македонија“ ги открива приоритетите на општината за следните четири години и говори за најважните проекти што ќе го променат ликот на градот, најавувајќи период на видливи резултати, капитални инфраструктурни зафати и создавање услови за подобар квалитет на животот во Битола и нејзините населени места.
– Во изминатиот мандат поставивме цврсти темели врз кои може да се надградува една модерна, урбана, чиста и динамична Битола. Тоа не се само зборови туку реални дела – од реконструкција на улици и јавни простори до нови стандарди во образованието, културата и спортот. Темелно се посветивме на енергетската ефикасност, на подобрување на инфраструктурата, на уредување на јавните површини и на создавање средина во која граѓаните ќе имаат подобар и поквалитетен живот. Сега доаѓа ново време, во кое трудот што го вложивме ќе почне да носи видливи резултати – вели градоначалникот Коњановски.
Според него, во следните четири години фокусот ќе биде на десетина големи проекти што ќе ја обликуваат иднината на градот.
– Прв и мошне важен е булеварскиот влез од страната на Охрид, кој ќе биде уреден по современи стандарди. Проектот е важен бидејќи преку таа делница во Битола пристигнуваат голем број туристи, а секој град се препознава по својот прв впечаток. Во овој мандат ставаме акцент на модерен, ефикасен и дигитализиран јавен превоз. Во план е набавка на современи автобуси, поставување дигитални постојки и воведување редовни линии што ќе ги поврзат сите населени места со градот. Со тоа ќе го растовариме сообраќајот, ќе го намалиме загадувањето и ќе ја поттикнеме навиката кај граѓаните да го користат јавниот превоз наместо личните автомобили. Реката Драгор е еден од најубавите природни симболи на градот, но и простор што одамна заслужува нова енергија. Во следниот период ќе работиме на целосно уредување на коритото на Драгор – реконструкција на мостовите, поставување нови пешачки патеки, урбана опрема и осветлување. Старата чаршија е наша гордост и идентитет. Проектот „Чаршија за купување, мерак и лезет уживање“ има цел таа повторно да стане жива, убава и препознатлива. Ќе се уредат фасадите, ќе се постават ново осветлување и урбана опрема, ќе се поттикнат занаети и гастрономија карактеристични за Битола. Сакам старата чаршија да ја има истата привлечност како Башчаршија во Сараево или Скадарлија во Белград – место каде што се чувствува духот на градот. Предвидена е изградба на нов потисен цевковод, кој ќе има поголем капацитет за испумпување вода, бидејќи стариот е изграден пред повеќе од три децении и не ги задоволува потребите на жителите. Исто така, во селото Бистрица ќе се изгради нов современ водовод, со што конечно ќе се реши деценискиот проблем со неисправната вода. Тоа е инвестиција во здравјето на луѓето, особено на децата во училиштата и во градинките. За заштита од поплавите ќе одговориме со изградба на ободни канали за собирање на истечните води. Дел од системот е веќе реализиран, но останува да се доврши каналскиот систем во населбата Баир, кој ќе го заштити градот од излевања и оштетувања на инфраструктурата. Работиме на структурирање и уредување на индустриските зони, особено во Жабени и кон Пелистер. Таму ќе се создадат услови за нови инвестиции, а потенцијалните инвеститори ќе добијат современа инфраструктура. Продолжуваме со реконструкција и изградба на улици во сите делови на градот и во руралните средини. Најпрво се обновуваат канализациската и водоводната мрежа, а потоа се поставува нов асфалт. Во новоизградените улици ќе се постави целосна инфраструктура – канализација, водовод и осветлување. Патната инфраструктура е главен поврзувачки фактор и затоа вложуваме еднакво и во урбаните и во селските средини – дополнува градоначалникот на Битола.
За Коњановски, образованието е темел на иднината.
– Наш приоритет останува создавањето енергетски ефикасни училишта со современи спортски објекти. Тоа значи подобри услови за настава, помали трошоци за енергија и пријатна средина за учениците и наставниците. Ветивме и ново основно училиште во населбата Буковски Ливади – проект што ќе го реализираме во овој мандат. Следува изградбата на спортските игралишта во училиштата и трите спортски сали, како и новиот мултифункционален спортски комплекс – додава Коњановски, потсетувајќи дека Битола, по реализацијата на овие проекти, но и на многу други чија реализација е во тек, ја гледа како град што дише со нов живот – со подобра инфраструктура, уредени јавни простори, силна економија и активни граѓани, односно како град на традицијата, но и на младите. Ка.М.