Фото: ЕПА

ТЕНИС

Новак Ѓоковиќ одлучи да не игра на АТП-финалето во Торино (Италија), а неговото место ќе го заземе Италијанецот Лоренцо Мусети, кого го победи во финалето на АТП-турнирот од серијата 250 во Атина (Грција), во саботата. Тој победи со 4-6, 6-3, 7-5, во дуел во кој имаше 13 брејк-топки и пет брејка на сервис само во одлучувачкиот сет, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Титулата освоена во Атина е 101-та во неговата кариера, со што се приближи до Швајцарецот Роже Федерер, кој е втор со 103 трофеи. На првото место е Американецот Џими Конорс со 109 титули.
Ѓоковиќ, кој е рекордер со седум титули на завршниот годинашен АТП-турнир, требаше да биде во групата „Џими Конорс“ заедно со Карлос Алкараз, Тејлор Фриц и со Алекс де Минор. Во групата „Бјорн Борг“ се Јаник Синер, Александер Зверев, Бен Шелтон и Феликс Ожер-Алиасим.
– Навистина сакав да се натпреварувам во Торино и да го дадам мојот максимум, но по финалето во Атина, за жал, морам да споделам дека морам да се повлечам поради повреда. Жал ми е за сите навивачи што се надеваа дека ќе ме видат како играм, оти нивната поддршка многу значи. Им посакувам на сите играчи одличен турнир и едвај чекам да се вратам на теренот со сите вас – напиша Ѓоковиќ на Инстаграм. Г.И.


НАЈМНОГУ АТП-ТИТУЛИ

Џими Конорс 109
Роже Федерер 103
Новак Ѓоковиќ 101
Иван Лендл 94
Рафаел Надал 92