Фото: ЕПА
  • Тој им се заблагодари на сите одлични играчи, меѓу кои се Лионел Меси, Чави Ернандез, Серхио Агуеро и Кевин де Брујне, кои му помогнаа по патот. „Потоа, тоа е многу напорна работа, многу посветеност, страст, љубов. Во тоа никој не ме победува“, изјави Гвардиола

Сѐ почна на 2 септември 2007 година, во натпревар од четвртата лига на Шпанија против Премија пред околу 2.000 гледачи, а 18 години подоцна Пеп Гвардиола достигна 1.000 натпревари како тренер кога вчера требаше да го предводи Манчестер сити во еден од најголемите натпревари во светскиот фудбал, против Ливерпул во англиската Премиер-лига, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Никогаш ни секунда не помислив да стигнам до 1.000 натпревари. Само сакате да направите добра работа, да играте фудбал на вистински начин и да видите што ќе се случи – рече Гвардиола.
Од неговата прва работа со Барселона Б до трофејните настапи со Барселона, Баерн и со Манчестер сити, Гвардиола го промени лицето на фудбалот во својата извонредна тренерска кариера, пишува АП. Тој им се заблагодари на сите одлични играчи, меѓу кои се Лионел Меси, Чави Ернандез, Серхио Агуеро и Кевин де Брујне, кои му помогнаа по патот.
– Потоа, тоа е многу напорна работа, многу посветеност, страст, љубов. Во тоа никој не ме победува – изјави Гвардиола.
Еве еден поглед на Гвардиола како тренер во бројки, а дури и тој е изненаден од статистиката.
– Бројките се луди, жал ми е што морам да ви кажам. Кога ќе имате ваква бројка од 1.000 меча и ќе прочитате што сте направиле… ако почнам одново, нема да го достигнам – вели Гвардиола со насмевка, пренесе АП.
А дел од бројките се 715 победи на 999 натпревари на Гвардиола досега (стапка на победи од 71,57 насто), освоени 40 трофеи во неговата тренерска кариера (во просек еден секои 25 меча), три титули во Лигата на шампионите (две со Барселона, една со Манчестер сити), само Карло Анчелоти има повеќе (пет)…, пишува АП. Н.М.